Последен апел пред средбата Ципрас-Заев

10.05.2018 00:56
Последен апел пред средбата Ципрас-Заев

Господине Заев,

Прифатете сè!
Зашто добиваме сè!
Не постои решение за името кое не е добитничко за Македонија!

Само е потребно да се прешалтаме во свеста, и ние и вие, и од патетичниот македонски лер да ја уфрлиме националната формула во петтата европска брзина.

Тоа е сè!

Главната слабост на грчката позиција е што Македонија победува во сите варијанти во кои името се симнува од дневниот ред.

Независно од тоа какво ќе биде новото име и каков ќе биде опсегот на неговата употреба.

Зашто ја отвораме европската перспектива, а го затвораме или темелно го мелиорираме, балканското шивинистичко мочуриште.

Ние ќе останеме и за себе и за светот Македонија и Македонци, независно од тоа што ќе пишува во Уставот или на телопот од телевизискиот пренос од Песна на Евровизија!
Освен тоа, решението ја прави Македонија победничка страна во морална смисла пропорционално на тежината на компромисите што ќе ги прифати. Се разбира, обидете се проблемот да го решите со најмалку отстапки, но немојте да не го решите зашто ви барале преголеми компромиси.

 Слика: Свирачиња