Усвоена Декларација за заштита на екосистемот на Охридското Езеро

11.05.2018 00:34
Усвоена Декларација за заштита на екосистемот на Охридското Езеро

Европската конференција на научниците од областа на блатните екосистеми (SWS) која се одржуваше од 30 април до 4 мај, во Охрид донесе околу 50 експерти од оваа област. Научницие се собраа токму во Охрид за да го видат овој „скапоцен камен на природата“ и Студенчишкото Блато, а едногласно ја усвоија и Декларацијата за заштита на екоситемот на Охридското Езеро.

„За Блатото се зборува на годишните конференции на SWS уште од 2015 година, кога во Македонија ‘бетониран предел’ звучеше попривлечно од ‘илјадници години стар природен воден филтер со илјадници птици, ендемски видови, зародиш на живот, чувар на микроклимата – срцето на езерото!’“, соопштува иницијативата Охрид SOS.

Конференцијата во Охрид ја карактеризираат како пресвртна точка за Студенчишко блато, потенцирајќи дека за првпат на едно место експертите, Охрид ЅОЅ и претставниците на власта и институциите зборуваа на ист јазик.

Со Декларацијата, велат од иницијативата, констатирано е дека „Охридското Езеро и со него поврзаното Преспанско Езеро имаат исклучителна вредност поради богатството на биолошка разновидност и неспоредливиот континуитет на развој во текот на најмалку 1,6 милиони години што довело до создавање на уникатна средина која овозможува истражувања на климата и еволуцијата, како и создавање на голем број ендемични видови“.

Исто така, Охридското Езеро е сè уште во извонредна состојба, но постојаниот внес на отпадни води претставува сериозна закана по неговиот квалитет. Понатаму, констатирано е дека последното живо блато на македонскиот охридски брег, Студенчишко блато, е евидентно деградирано и многу помало од неговата природна големина пред 50 години.

„Од низата деструктивни активности, последната е скорешната изградба на широка асфалтна патека која го нарушува неговото хидролошко единство со Охридското Езеро. Остатокот од Блатото е суштински важен и многу вреден поради биолошката разновидност, добро одржаните неколкуметарски слоеви тресет, единствениот целосно функционален блатен систем кој се граничи со Охридското Езеро и обезбедува многубројни екосистемски услуги (прочистува, штити итн.), а неговиот загубен дел може лесно да се ревитализира“, се вели во Декларацијата.

УНЕСКО статусот се покажал како недоволен да го спречи директното влевање на загадена вода во Езерото и не обезбедил никаква заштита за вредното Блато.

„Охридското Езеро како единствен систем со Студенчишко Блато е од клучна важност за економскиот развој кој може да се постигне преку одржлив туризам, така што заштитата и ревитализацијата на овој екосистем мора да бидат број еден приоритет за регионален развој“, констатирано е со Декларацијата.

SWS со оваа Декларација ги повикува локалната и централната власт на Македонија значајно да ја подобрат заштитата на Охридското Езеро, вклучително и Блатото и езерскиот слив.

Повикува и на итно изготвување и спроведување на акциски план за заштита на Студенчишкото Блато и за негова итна ревитализација, сериозна ревизија на практиките на управување со водите околу Езерото, a локалната власт да развие повеќе атракции за природен туризам.

„Оваа Декларација треба да послужи како уште една силна причина македонските власти што поскоро да ја поднесат иницијативата за впишувањето на Охридското Езеро на Рамсарската листа, да се докомплетира студијата за варолизација на Блатото, тоа да се заштити во целиот обем, но и да се прошири“, соопштува Охрид SOS.