Вештерките денес се храбри, со отворено срце и жар за живот и неволја

11.05.2018 12:15
Вештерките денес се храбри, со отворено срце и жар за живот и неволја

Секоја вештерка е приказна за себе, но вештерките кои ја инспирирале Калиа Димтрова за да ја напише нејзината нова збирка поезија се храбри, чудникави, авантуристки, светкави, љубопитни, жени со отворено срце и жар за живот и неволја.

Минатата недела во Музејот на современа уметност се одржа промоцијата на нејзината нова книга „Вештерките денес“, со која започна новата едиција на издавачката куќа „Темплум“ насловена „300 ветрила“, во чест на починатиот Огнен Чемерски.

„Чест ми е мојата книга да лежи веднаш до прекрасните графички новели од едицијата Лифт, извонредната Квир едиција, како и втората книга од 300 Ветрила! – „Осетлива на светлина“ од Магдалена Хорват. Огнен Чемерски не го познавав лично, но свесна сум колку беше (е) важна и бесценета неговата посветеност и уникатност во преведувачката дејност, како и неговиот однос со студентите и вклученост во Пленумите. Едицијата е значи, посветена на „клучниот овдешен преведувач-пребродувач“ и замислена е како поетска едиција, која ќе биде експериментална, авангардна и ќе отвора нови хоризонти. Доколку „Вештерките денес“ успеваат барем малку да ѕирнат зад полунебјето за кое пишувал Огнен, тогаш сум повеќе од задоволна“, вели Димитрова за Радио МОФ.

На корицата од книгата, со минималистички дизајн, се вметнати следните зборови „Вештерките денес е книга жизнена, силовита, продорна, свежа, нежна, приемчива, заводлива, самосвесна и нималку климоглава ‒ баш како самата Калиа“.

Калиа, пак, својата книга ја опишува како „искрена, нежна, по малку андерграунд, по малку поп, и веројатно пред се’: книгата е женска, во однос на прашањата кои ги третира, призмата низ која се гледа светот и емоцијата која преовладува низ песните“.

Голем дел од песните се општествено ангажирани, но Димитрова одбегнува да ја става поезијата во функција на активизам.

„Јас сум политичен човек (всушност дипломиран политолог), и голем дел од темите кои ме засегаат, возбудуваат и инспирираат се директно поврзани со локалната и глобалната политичка сцена, неправдите, распадот на нашиот град и можностите за негово „спасување“. Меѓутоа, еднакво политички се и песните за љубов која е оневозможена поради визи, документи и средства, односите меѓу членовите на едно семејство, (не)прифаќањето на сопственото тело, женската солидарност и борба… Гледано низ таа призма, секоја песна, уметност, секое дело, разговор, однос има потенцијал да биде активистичко, политичко, ангажирано. Поезијата ми ја дава таа можност да комуницирам такви емоции преку светот на симболите, и баш затоа ми одговора. Мислам дека секој човек треба да најде свој начин за изразување, борба, раст… Не мора тоа да биде преку уметноста (каде ја сместувам и поезијата), но уметноста дефинитивно ни помага и ни дава алатки, начини и можности да замислуваме послободни светови“, појаснува Димитрова.

Таа вели дека пишува откако памети за себеси. Пред една година започнува да објавува и чита свои песни во Скопје. За „Вештерките денес“, смета дека повеќе е колективен труд, отколку индивидуален.

Секоја од песните прикажува одредена слика, што послужи како инспирација за младиот режисер и фотограф Борјан Стојков да изработи видео.

„Идејата за визуелна поезија ми е блиска веќе подолго време, и воопшто мултимедијалноста наспроти работење во само еден формат/јазик/медиум. Со Борјан бевме познаници (да речеме, „се знаевме од град“) и знаев дека студира режија. Бидејќи ми се допаѓаа фотографиите кои ги гледав на неговиот Инстаграм, а особено поради спотот за „Самоглад“ на Pluto’s doubts кој е негово дело, решив да му пишам и да видам дали е расположен за таков експеримент. Борјан имаше целосно креативна слобода во обмислување на краткиот филм, и заради него идејата за видео поезија се разви значително! Искуството за мене беше прекрасно, бидејќи еден месец пред промоција, кога веќе буквално не можев да си ги погледнам песните, работата на филмот ми ги доближи повторно на некој нов, свеж, крцкав начин. Планирам да продолжам да работам со видео-поезија, и со Борјан, нормално“, вели Димитрова.

На македонската поезија и се потребни нови и свежи гласови, но како што нагласува Димитрова, тоа не значи дека не се потребни и стари, мудри и искусни.

„Многу сакам да работам, мечтаам, споделувам искуства со поети, уметници, пријатели кои се помлади од мене, бидејќи работат според нови методи, принципи и нормално се прогресивни, слободни, возбудливи…Мислам дека младите треба да си создаваат свои простори и сцена (како што и мислам дека тоа се случува во Скопје) и да излегуваат од рамките, традициите, дефинициите. Тоа се обидувам да го правам и јас“, вели таа.

По промоцијата, „Вештерките денес“ може да се најде на Саем на книгата во Борис Трајковски, на штандот на „Темплум“ до среда (09 мај), а потоа во скопските книжари: „Или – Или“, „Три“, „Антолог“ и „Култура“.


Фотографии: Небојша Гелевски 

https://www.radiomof.mk