Македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“

12.05.2018 00:44
Македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“

Неодамна излезе од печат книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“ на авторите Александар Стеванов, Дарко Богданов и Сашо Гачев. Изданието е објавено со делумна помош од фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива“ и ќе биде промовирано на 12 мај, 2018 година, во МКЦ со почеток во 14 часот.

Самото издание, како што може да се претпостави и од насловот, ги обработува стриповите кои се создадени од македонски стрип-автори, а кои се објавени во едни од легендарните стрип-едиции во поранешна Југославија – „Лунов магнус стрип“ и „Стрип забавник“.

Имено, во текот на 80-тите години на минатиот век, македонските стрип-цртачи Љубомир Филиповски и Ласко Џуровски биле ангажирани од издавачот „Дневник“ од Нови Сад како стрип-цртачи за изработка на неколку стрипови. Во книгата на лесно читлив и динамичен начин се опишани околностите кои довеле до создавањето на тие стрипови, процесот на изработка и соработката со сценаристот Миодраг Милановиќ, како и значењето и белегот што го имаат оставено, гледано од денешна гледна точка.

Во тој контекст, самата книга исто така изобилува со ексклузивни изјави од значителен број автори современици, уредници и издавачи, како и од голем дел актуелни македонски и балкански стрип-автори кои творат и издаваат стрипови во моментов. Секако, за целата слика да биде комплетна до крај, исто така се вклучени и детални рецензии на самите стрипови, како и визуелен приказ на насловни страници, одделни кадри и цртежи.

Ова издание е посветено на легендарниот македонски стрип-автор Љубомир Филиповски, кој е еден од најдобрите и најплодни стрип-професионалци во целокупната македонска стрип-историја. Воедно, со оглед дека е само трета книга од ваков вид и на ваква тематика во целокупната издавачка историја на македонската литература, навистина треба да претставува поттик и мотивација за збогатување на фондот на изданијата посветени на деветтата уметност, уметност која кај нас е можеби најмаргинализирана од историографска и теоретска гледна точка кај нас.