Право да се имаат права

14.05.2018 02:06
Право да се имаат права

Беше сончево утро во Сиднеј. Како гостинка на раскошниот градски книжевен фестивал се подготвував за снимањето на дебатна емисија во студиото на австралиската државна телевизија. На масите во чекалната имаше списанија, летоци и неколку копии на скапоценото џебно издание на Универзалната декларација на човековите права, во сјајен, нежно син омот. Триесете членови на декларацијата ги собрало на четиринаесет мали странички, оставајќи доволно место за вовед, во кој меѓу другото пишуваше: „Овие права ти припаѓаат. Ова се твои права. Запознај се со нив. Промовирај ги и брани ги, како за себе, така и за твоите блиски“.

Неколку стотици километри од брегот на Австралија, на островот Манус, шест стотини бегалци и натаму живеат во вонредни услови во привремено престојувалиште – ни куќа, ни затвор. Тие живеат таму веќе со години, во услови кои „Amnesty International“ ги опишува како „рамни на мачење“. На други места ширум светот живеат уште 65, 6 милиони луѓе кои се насилно иселени од своите домови; 22,5 милиони од нив се сметаат за бегалци; десет илиони од нив моментално се без државјанство. Овие луѓе, меѓу кои околу половината се деца водат животи на бесконечна искоренетост и нестабилност, нивното движење е строго ограничено, а нивното трајно престојувалиште е неодредено.

Мојот живот е сосема спротивното од нивниот: истовремено и вкоренет и отворено за движење. Пред неколку денови без проблем влегов во Австралија, на царина чекав помалку од една минута, каде службеникот брзо провери дали сум ја добила визата што претходно ја побарав по електронски пат. Сум ја добила и тоа за само неколку часови, зашто по игра на случајот го поседувам темно синиот пасош на Соединетите држави. Сега, покрај него, во џебот ја ставив и светло сината книгичка со човековите права.

Пред шеесет години Хана Арент ја напишала фразата која со време стана една од нејзините најцитирани и најчесто толкувани мисли: „право да се имаат права“. Оваа фраза во себе ја содржела суштината на нејзиниот скептицизам во врска со концептот на човековите права – значи правата кои во теоријата ѝ припаѓаат на секоја личност со самото нејзино постоење. Но што е гаранција за овие права? За тоа, како што забележува Арент, неопходно да се биде не само личност, туку и граѓанин/ка. Со други зборови, иако правата од светло сината книгичка „ми припаѓаат“, можам да ги искористам само затоа што истовремено го поседувам и темно синиот пасош.

Оваа фраза, Арент прв пат ја употребила во статијата од 1949 година, а потоа повторно во книгата „Извори на тоталитаризмот“. Изминатите неколку години, оваа фраза беше предмет на многу интерпретации. Неодамна „Версо“ објави елегантна книшка есеи во која четворица автори настојуваат не само да ја протолкуваат таа фраза, туку и да ги изнајдат нови толкувања што ќе го инспирираат отпорот против глобалниот напад на човековите права кој сега се случува. Книгата се вика „Право да се имаат права“.

Хана Арент цели осумнаесет години била бегалец без државјанство: од моментот кога побегнала од нацистичка Германија, во 27-та година од својот живот па сè додека во 1951 година не станала натурализирана граѓанка на САД. Кога во 1948 година во Обединетите нации била усвоена Универзалната декларација за човековите права, Арент веќе имаше добиено азил во САД, но сè уште немала американско државјанство.

Отпрвин ентузјастички го поддржувала усвојувањето на декларацијата, гледајќи го како темел на меѓународниот механизам за гарантирање на правата. Но, набрзо се посомневала. „Правото да се имаат права или правото на секоја индивидуа да му припаѓа на човештвото би морало да се гарантира од страна на самото човештво“, напишала таа и додала: „Ни најмалку не е извесно дека такво нешто е воопшто возможно.“Секој нов меѓународен механизам, согледува Арент, сè уште зависи од подготвеноста на државите да го применат – да ги заштитат токму оние луѓе кои останале незаштитени кога го изгубиле своето државјанство.

Денес работите се уште полоши. Во ерата на Владимир Путин, Доналд Трамп и цела армија евроскептични политичари завладеа глобална политика на огорченост кон меѓународните институции.

„Бегалската криза по Втората светска војна ја навела Арент да сфати дека човечките суштества можат да постојат и на места што се викаат „никаде“, тие можат да бидат изместени од политичките заедници, претворени во апстракции“, пишува Стефани ДеГујер во книгата „Право да се имаат права“. Кога нема контекст, публика или заедница во кои би важеле нивните правила, луѓето не можат да бидат заштитени. Сепак, пишува ДеГујер, Арент имала надеж во една држава, во Соединетите држави, кои, вели Арент „на дојденците секогаш гледале како на потенцијални идни граѓани“. Меѓутоа, во 2018 година односот на Америка кон имигрантите толку длабоко се промени што „таканаречената последна, а можеби и единствена надеж“ на Хана Арент денес изгледа невтемелено.

Авторите во „Правото да се има права“ се фокусираат на по еден збор од славната фраза. Лида Максвел од одделот за политички науки на Тринити колеџот, пишува за глаголот „има“ и кажува дека тој може да се толкува не како глаол на поседување, туку „во смисла во која може да ‘имаме’ состанок или вечера, или конференција, или конвенција.

Тука ‘да се има’ права значи да се учествува во организирањето, создавањето и одржувањето (низ протести, законодавство, колективно дејствување и градење институции) на заеднички политички свет во кој на секој ќе му биде достапно да се повикува на своите права“.
Максвел пишува дека протестите на аеродромите одржани во јануари 2017 година против првиот обид на Трамп да забрани влез во САД од мнозински муслиманските држави, можат да се толкуваат токму како еден таков проект на создавање „свет во кој сите можат легитимно да се повикуваат на своите права“. Ова е најверојатно најоптимистичкиот момент во книгата.

Откако во февруари оваа година е објавена книгата, Врховниот суд ги сослуша аргументите за последната верзија на забранаа на Трамп за патување и сигнализираше дека најверојатно ќе дозволи таа да остане на сила. Бројот на депортациите од САД забрзано расте. Американската имиграциска служба од својот официјален опис ја избриша реченицата дека САД „е нација на имигранти“.

За тоа време во Обединетото кралство исплива приказната за таканаречената генерација „Виндраш“(Windrush). Околу половина милион луѓе кои живееле во Велика Британија и кои поголемиот дел од животот се сметале за британски граѓани затоа што потекнуваат од британските колонии на Карибите се соочуваат со неизвесноста или со нешто уште полошо во врска со нивниот граѓански статус. Откриено е дека на некои од нив веќе со години им се одбиваат барањата за социјални примања, право на вработување или правото за повторен влез во земјата. Спротивно на тврдењето од убавата светло сина книга, ним човековите права не „им припаѓаат“: тие можат да им бидат дадени или одземени од страна на безличната и недостапна бирократска машинерија.

Во спомнатата книга есеи на „Версо“, професорот од Јејл, Семјуел Мојн потсетува дека Арент наслутувала дека Универзалната декларација за човековите права би можела да се претвори во „збир убави нормативни тврдења“. Таа сметала, пишува Мојн, дека да се парадира со списокот на права пред лицата на луѓето кои немаат ниту основно државјанство „наликува на претставување на детален список на сите јадења од обилниот оброк на луѓе што умираат од глад“.

Јасно е: покрај тоа што „луѓето можат да живеат на место со име ‘никаде’, еднаш кога ќе го изгубат своето место во политичката заедница, никогаш веќе не можат да бидат сигурни дека некогаш ќе го вратат.

Фотографии: Jonas Gratzer

Извор: The New Yorker

 

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото