Инцидент на перформансот на Тања Остојиќ во Инсбрук

14.05.2018 18:30
Инцидент на перформансот на Тања Остојиќ во Инсбрук

Уметницата Тања Остојиќ доживеа вербален и физички напад за време на изведбата на перформансот „Разместени жени?“ (Misplaced Women?) во Инсбрук, кој не беше по волја на припадничките на десничарската Партија на слободата (FPÖ) и верски активистки, кои имале собир во исто време.

Инцидентот се случил на 12-ти мај на туристичка локација, која Тања Остојиќ ја избрала за изведба на уште еден од серијата перформанси во рамки на ангажираниот уметнички проект „Разместени жени?“ (Misplaced Women?), со кој укажува на прашањата поврзани со миграцијата, бегалците, патувањата, идентитетот, за безбедноста на приватниот/јавниот простор ... Како дел од овој проект, кој се реализира од 2009 година во Европа и САД на локации специфични за миграцијата, како што се автобуски и железнички станици, аеродроми, гранични премини, полициски станици, бегалски кампови, туристички атракции, учесниците изведуваат некои од секојдневните животни активности кои се заеднички за мигрантите, бегалците и другите раселени лица, вклучително и уметници кои патуваат низ светот за да заработат за живот.

Перформансот во Инсбрук, случајно е изведен на иста локација на која бил собирот на FPÖ.

Според Тања Остојиќ, една припадничка на обезбедувањето на партијата, облечена во традиционална носија, ја истуркала од местото на настанот. Исто така, ѝ се заканила на нејзината асистентка дека ќе повика полиција, ако не го соберат „ѓубрето“ настанато за време на перформансот, што уметницата секако имала намера да го направи кога ќе ги врати работите кои ги извадила од куферот за време на изведбата на тоа дело. Потоа една црковна активистка ја треснала по лице со верски пропаганден материјал.

Инаку перформансот се изведува од 11 мај на повеќе различни локации во Инсбрук и како што наведе Тања Остојиќ на Фејсбук, иако имало проблеми со FPÖ и црковните активистки, секако било и интересно, но и предизвик.

Во рамките на тридневната перформанс-работилница, која е дел од проектот Art in Public Space, Тања Остојиќ и учесниците на проектот „Разместени жени?“, ќе имаат јавна презентација на 13 мај во Die Bäckerei - Kulturbackstube, вклучувајќи ги и новите сајт-специфични интервенции во јавен простор во Инсбрук.

Интердисциплинарната и перформанс уметница Тања Остојиќ од дијаспорична перспектива се занимава со прашањата на родот и полот во контекст на миграцијата, илегализацијата на егзодусот, како и со врската помеѓу миграците, економијата и расизмот. Од 1994 година ја претставува својата работа на голем број самостојни и групни изложби и перформанс-видео-филмски-театарски фестивали и фестивали за дигитални медиуми ширум светот. Исто така, таа е автор на бројни предавања, семинари и работилници на академски конференции и уметнички универзитети во Европа, Северна и Јужна Америка. Опусот на Тања Остојиќ е вклучен во бројни антологии и е предмет на многу теориски текстови и истражувања во областа на историјата на уметноста, теоријата, феминизмот, социологијата и деколонијалните студии.


Тања Остојиќ има објавено и неколку книги, вклучувајќи ја и книгата "Lexicon of Tanjas Ostojić", која неодамна беше претставена во Берлин и Лондон, а претходно во Белград, базирана на интердисциплинарниот партиципативен проект "Leksikon Tânja Ostojić", кој вклучувал уметничко и академско истражување, креативни работилници, изложби и други јавни настани во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Германија, со учество на повеќе од 30 жени со исто име и презиме како уметницата.


Фотографии: Даниел Јарош

Извор: SEEcult.org

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото