Кога Англичаните го сакаа Сталин

15.05.2018 00:28
Кога Англичаните го сакаа Сталин

Ентони Блант

Дури и овој бран заладување, кој стигна во Британија од Северното море и ги замрзна улиците, пистите и семафорите со ред за летање, е крајно сликовит. Како временски покривач за геополитички прилики одомаќен со терминот „Студена војна“. Британија ги протера руските дипломати, а сето тоа заради труењето на рускиот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка за што е обвинета Москва. Сето тоа го најави британската премиерка Тереза Меј во парламентот. Реципрочно протерување на британските дипломати се случи и во Русија.

Доаѓањето на Тереза Меј на Даунинг Стрит во медиумите беше проследено со спорадични споредби со познатата премиерка Маргарет Тачер, а сега и тоа доби нови димензии на симболиката. Зашто токму баронесата Тачер, исто како и нејзината наследничка, го имаше вниманието на сите можни камери од сите можни светски телевизиски куќи, и тоа на исто место – во Британскиот парламент. Тоа беше на 15 ноември 1979 година кога таа потврди дека сер Ентони Блант им признал на властите дека го регрутирала советската тајна служба пред Втората светска војна, додека бил професор на Кембриџ, и на почетокот за КГБ работел како ловец на „таленти“. Блант признал дека им предавал тајни на Русите додека бил припадник на британската разузнавачка служба во периодот од 1940 до 1945 година.

Гај Барџис

Ентони Блант беше четвртиот член на шпионската група која ја нарекуваа „четворката од Кембриџ“. Останатите тројца се Гај Барџис, Доналд Меклин и најпознатиот и најважниот – Ким Филби. Она што најмногу го потресе светот тогаш, а секако најмногу Британија, не е само тоа што тие работеле за Советите туку и тоа што сите четворица ѝ припаѓале на највисоката класа од британското општество, школувана на елитни универзитети. И не биле врбувани за пари, туку длабоко верувале во комунизмот и СССР.

Биле одлични студенти, потоа и вработени во водечките служби како БиБиСи, Министерството за надворешни работи и, секако, разузнавачката служба.

Сер Ентони Блант, кого во парламентот јавно го разоткри Маргарет Тачер, беше врвен интелектуалец, професор на Кембриџ, сопственик на четири почесни докторати, за време на војната бил во МИ5, а подоцна долго работел како кустос во кралската збирка на уметнички вредности. Тој во спогодбата за признавање дека работел за СССР бил ослободен од казна, но му била одземена благородничката титула.

Доналд Меклин

Бил хомосексуалец токму како и компањонот Гај Барџис, исто така студент на Кембриџ задоен со комунизам, па заради оваа афера универзитетот бил етикетиран како „Гејбриџ“.

Гај Барџис уште во втора година додека студирал на Кембриџ, пред еден испитен рок ги кренал на штрајк возачите од градскиот превоз. Бил весел, саркастичен и духовит како Оскар Вајлд. Го обожувал Сталин – па, го нарекувале и „англискиот Сталин“ – но, обожувал и момчиња и алкохол. Со својот британски другар Доналд Меклин побегнал во Москва 1951 година, но никогаш не се прилагодил на животот во СССР, иако му биле обезбедени врвен алкохол и момчиња. При една случајна средба во московскиот подземен тоалет со еден познат британски новинар му се доверил дека и натаму со два прсти ги свири на клавир песните кои ги научил на колеџот Итон.

Најпознатиот член на оваа четворка припадници на британската елита која работела за СССР ги сакал комунизмот и алкохолот, но не и момчињата. Неговиот воен другар и човекот на кого Филби му бил надреден бил никој друг туку познатиот писател Греам Грин. Тој го опишал Филби како вистински Џејмс Бонд: „Пијаните љубови на Филби, цврстината, интелектуалноста беа идентични особини со оние на Агентот 007.“

Ким Филби

Успеал да го измами генералот Франк кој му дал орден, му верувал британскиот премиер, а неговиот шеф во МИ6 кога открил дека неговата десна рака цело време работела за Советите се разочарал и набрзо починал. Имал увид во сите најтајни документи на САД и Велика Британија, меѓу другото и списите за развој на нуклеарно оружје. И неговото бегство во СССР имало елементи на врвно продолжение на франшизата „Џејмс Бонд“. Побегнал од Бејрут на палубата на еден советски товарен брод кој испловил од пристаништето доцна во бурна ноќ, што било бегство достојно за „третиот човек“. После неговата смрт СССР испечати поштенска марка со неговиот лик, прогласен е за советски херој, а на зградата на КГБ е поставена плоча со неговиот лик.

А, предговорот на неговата автобиографија Мојата тајна војна, ја напиша неговиот некогашен подреден во МИ6 – славниот писател Греам Грин.

Извор: Nedeljnik

ОкоБоли главаВицФото