1008 hPa
83 %
18 °C
Скопје - Пет, 13.09.2024 03:59
Нa конференцијата „Слободата и интернетот во Македонија“, одржана деновиве во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ како дел од одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) – #ФООМ25, се дискутираше за развојот на интернетот во земјава, за предизвиците со кои се соочува онлајн медиумската заедница и за нивните искуства и потреби.
На темата „Слободен тек на информации – предуслов за отворено општество“ говорea Бардил Јашари, извршниот директор на „Метаморфозис“ и Санта Аргирова, член на Управниот одбор на ФООМ.
„На почетокот проблемот и „борбата“ беше околу пристапот кон интернет и малиот број на корисниците, сега е борбата е друга, со заштитата на приватноста, со лажните вести и со говорот на омраза“, рече Јашари.
Според Аргирова, сè уште е голем јазот меѓу генерациите околу користењето на интернетот чија главна предност е што е отворен, двонасочен.
„Со интернетот секој граѓанин има свој медиум. Преку интернетот се остварува правото на слободно информирање и тој е совршено огледало на едно општество“, рече Аргирова.
На првата панел-дискусија за клучните моменти на развојот на интернет во Македонија говореа Софче Јовановска, шеф на кабинет на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Јован Колов од „Нетцетера“, Огнен Фирфов, директор за интерна ревизија во Македонски Телеком и Игор Трајковски, основач и сопственик на Time.mk.
За „Улогата на онлајн-медиумите во борбата за слободата на говорот“, говореа Бранко Героски, раководител на „Плусинфо“, Елида Зулбеари, уредничка на „Порталб“, Зоран Андоновски, уредник на „Мета“ и Никола Гелевски, уредник на „Окно“.
За „Плагијаторството и лажните вести – закана за професионалното новинарство“ зборуваат Емир Зулехиќ, уредник на „Raskrinkavanje.ba“ од Сараево, Томислав Георгиев, фоторепортер, Наталија Миленковска, aдвокат, и Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Извор: Метаморфозис