(Само)Понижување

15.05.2018 02:39
(Само)Понижување

Не мора сетилата да ви се специјално изострени кон јавниот но и кулоарско кафеанскиот збор за да ги фатите сите оние озборувања последниве месеци дека некој – во превод: новата власт – запнал да ја омаловажува и понижува културата, да не ги следи и сервисира нејзините вистински потреби и слични будалаштини. Дури, еден „стручњак“, генсек на некаква-си-партија со име (лично и партиско) целосно анонимно за македонската културна сцена, јавно се беше загрижил дека, демек, Министерството за култура ги брка македонските уметници од земјата. Бреее, каква грижа за домашната култура, ќе си речете дека некои луѓе просто сон не ги фаќа од такви и слични грижи и проблеми, а културата им е пред очи дури и кога ќе успеат да заспијат.

Нешто слично како онаа грижа на Таки Фити и мануковците за „опасната ситуација“, која што (за нив, и според нив) не беше нималку опасна кога барабине цели дванаесет години пљачкосуваа низ земјава, ни ебаваа (да простите) мајката како сакаа и умееа, киднапираа градови, па и целата држава … а „загрижениве“ – ни да писнат. И сето тоа време никој во културава не се почуствува понижен, оној партискион „стручњак“ не помисли дека токму таквите состојби ги бркаат уметниците од државава, а заспанине мануковци не намирисаа „опасна ситуација“ не само за државава туку и за народов и неговата култура? (Патем, зошто никој надлежен во/за МАНУ малку не помисли за самораспуштање на институцијата? Зашто, извинете, ама изминативе години навистина докажаа дека државава, а особено народов, немаат ама баш никаква полза од нив!).

Ама сега, ако во културата смените некој од алчнине криминални директори – ја понижувате институцијата? Или ако ги терате да работат по ПС, што ќе рече чесно и професионално, пак ги навредувате. Ако пак им ги ускратите довчерашните бандитски привилегии – автоматски им станувате најголем непријател. А башибозукот што владееше дванаесет години и ја одведе струката – која и да е’, сите со ред – во водите на дилетантизмот, на пљачкосувањето, на волунтаризмот и клиентелизмот, е тоа не било понижување на дотичната институција, на нејзините вработени, на професијата? И тие исти вработени, „стручњаци“, кои беспоговорно ги следеа и учествуваа во сите далавери, но и оние кои не учествуваа ама не смогнаа сила јавно да кренат глас против новата фашизоидна културна политика на „патриотите“, тогаш не се (по)чувствуваа понижени?

Оттука и прашањето: кој навистина во оваа држава може, и треба, да се чувствува понижен, омаловажен, деградиран, депресиран …, тие – или ние? И тука, извинете, ама правам јасна и како брич остра дистинкиција меѓу нив и нас, меѓу тие и ние, меѓу демократската и тоталитарната јавност, култура, професија итн. И не прифаќам, ама воопшто, поместување на границата помеѓу злосторникот и жртвата, не прифаќам христијанско или какво и да е’ друго (квази)милосрдие зашто злосторот, ѓаволот, мракот … едноставно не се простува!

И тука, токму во таа насока, не можам да се оттргнам од чувството, или фактот, како сакате, дека започнуваме да живееме некакво интермедијативно време, или меѓу-време, кога злото се престорува, тоест престројува во некакво фиктивно добро, во наш соборец а всушност душман, во прогресивна а всушност регресивна и ретроградна сила. Не ги знам точно, уште помалку сакам да шпекулирам за носителите на овие тенденции (не само) во македонската култура. Иако не е тешко да се насетат заговорниците на таа „опција“ како некаква нова државна струја. Но, сè уште се обидувам да верувам, иако сè помалку, во (само)прочистувањето, во (само)диференцијацијата или, конечно, во личната желба да се биде различен од злото, од непријателот.

Затоа кога и да прочитам за некакви слични ситуации во регионот и за сериозната реакција на вистинските професионалци и интелектуалци засегнати во слични случаи како нашиве, секогаш се прашувам истото: добро, што е нашиот проблем? На пример, ако во Хрватска единаесет новинари се откажуваат од некаква еснафска награда заради фактот дека истата ја добива и некаква шушумига која што, според нивните стручни критериуми и стандарди, тоа не го заслужила, зошто такво нешто не се случува и кај нас?

Како е можно сега, после сè, сите сè уште да седат заедно, да си се смешкаат или тапшаат по раме, дури си гостуваат во емисии, а до вчера (па и денес, ама ѓоамити малку подзатскриено) оние иморални гериз медиуми ги плукаа(т) и посочуваа(т) како македонски предавници и национални изроди? И како е можно, сè уште, после сите зла што ги нанесоа на државата и народот, такви иморални медиуми да имаат национални лиценци, низ медиумскиот простор да шетаат коекакви самоумислени шмизли „на проект“ и оние исти мегафон новинарчиња кои еднакво успешно роварат и подготвуваат терен за нова контрареволуција? Па дури заедно со нив ќе се правеле и реформи во медиумскиот простор?

Што е апсолутно исто, или слично како и во културниот простор, каде никој, ама баш никој во, на пример, македонските уметнички асоцијации дванаесет години уста не отвори против злосторствата што ѝ се случуваа на киднапираната од незнајковци и партиски протуви култура и уметност, а веќе денес, после првиот шок и притаеност во новата ситуација, истите бараби се сега реформатори, дури као и не слушнале за тој некаков бивши режим, се токмат, слушаме, дури и за просветлени нови директори во истата култура која што ја гмечеа толку години.

Какви сè злосторства не се направија низ градов и низ државава на културен план, кои сè шушумиги не добија престижни државни награди, национални пензии, станаа дури амбасадори на културата, партископомазаните и клиентелистичките културни бараби тероризираа сè што не беше по нивни ќеф, ама македонските уметнички асоцијации и творци – чест на ретките исклучоци, ама навистина се ретки – се грижеа само за сопствените задници. И сега, пак тие се онеправдани и понижени, пак ним и само ним нешто им фали! Како некој друг, сосила да ги тераше да се редат под барјакот на злото, како некој друг а не тие да профитираше цела една деценија од сопствената понизност и молк!?

Оттука, муабетите за некакви денес онеправдани, дури понижени персони во македонската култура се само димни бомби целени да го затскријат блиското минато и нивното тогашно однесување. Зашто никој не може толку да ве понижи колку што можете да се самопонижите. А тие тоа го правеа цела деценија, до даска, за пари, за позиции, за профит. И врз грбот на другите, не водејќи сметка за нивните права, животи, кариери.

Слики: Hieronymus Bosch

Извор: Теодосиевски: За Уметноста

ОкоБоли главаВицФото