Трамп и Иранскиот договор

16.05.2018 01:09
Трамп и Иранскиот договор

Минатата недела Доналд Трамп повлече еден од најопасните потези откако стана претседател на САД: се повлече од Заедничкиот сеопфатен план за акција (ЈЦПОА), познат и како Ирански нуклеарен договор. Со таа одлука ја поништи повеќегодишната тешка работа на нашите дипломати, кои успеаја да утврдат исклучително долга листа со ограничувања и инспекции како гаранција дека Иран нема да направи нуклеарно оружје. Истовремено, Трамп ја затвори вратата на претходната можност за детант помеѓу Иран и САД.

Важно е да се разбере дека ЈЦПОА не е само договор помеѓу САД и Иран. Тоа е договор склучен и со нашите партнери од групата П5+1 – Велика Британија, Франција, Кина, Русија и Германија. А, го поддржа и Советот за безбедност на ОН. Повлекувањето на Трамп дополнително ја зголемува напнатоста во односите со нашите најважни демократски сојузници Франција, Велика Британија и Германија. Тие земји и натаму го поддржуваат договорот и упорно повторуваат дека тој е во најдобар интерес за нивната сопствена национална безбедност.

Трамп исто така ги отфрли и советите на своите безбедносни претставници – генералот Џозеф Данфорд и министерот за одбарана Џејмс Матис. Двајцата повеќепати повторија дека договорот е од национален интерес за САД. Многу професионалци ширум светот од областа на ограничувањата на нуклеарното вооружување и националната безбедност се сложуваат со оваа проценка. Како и во случајот на климатските промени и повлекувањето од Парискиот климатски договор, Трамп избра да го игнорира стручниот консензус и се вброи во една мала идеолошка фракција. Последиците од таа одлука ќе бидат катастрофални за глобалната безбедност.

Повлекувањето од ЈЦПОА сериозно ѝ штети на американската способност да ги договори идните договори за запирање на ширењето нуклеарно вооружување, да речеме со Северна Кореја. Зошто која било земја би потпишала еден таков договор со САД и би се согласила на сериозни отстапки кои со тоа се бараат од неа, ако смета дека непромислениот американски претседател за неколку години може да го отфрли договорот.

Да се разбереме, нема сомнеж дека иранскиот режим е вклучен во многу лоши нешта – го поддржува Асад во војната против сирискиот народ, како и насилните екстремистички групи како Хезболах во Либан и Хамас во Палестина, а ги крши човечките права во Иран. Меѓутоа, ако сме искрено загрижени заради иранските политики, а јас сум, повлекувањето од нуклеарниот договор е најлошиот можен потег. После тоа ќе биде многу потешко да се соочиме со сите овие проблеми. За жал, кога Трамп ја објави својата одлука од него не слушнавме никаква стратегија, туку вообичаеното фалење.

Самофалењето, како и понижувањето на Иран не се пат кон подобра иднина. Мораме да разговараме со иранската влада за да воспоставиме подобар однос со иранскиот народ и да обликуваме поконструктивна улога која Иран би можел да ја има во регионот. Пристапот на Трамп го отежнува сето тоа. Тој веќе ги зајакна оние што ги бранат тврдите линии на иранскиот режим, кои и онака се чувствуваат поудобно кога Америка е непријателски настроена кон Иран, отколку кога се однесува разумно и мирољубиво.

После 17 години војна во Авганистан и 15 години војна во Ирак американските граѓани не сакаат да бидат вмешани во уште една војна без крај на Блискиот исток. Тие не сакаат да бидат вовлечени во регионален конфликт помеѓу Сунитите и Шиитите, Саудиска Арабија и Иран. Но, стравувам дека исходот од политиката на Трамп ќе биде токму таков. Секој кој е склон да одмавне со раката на овие стравови би го потсетил дека новопоставениот советник на Трамп за национална безбедност Џон Болтон пред неколку години напиша текст со наслов „За да ја спречиме иранската бомба, мораме да го бомбардираме Иран“. Впечаток е дека со напуштањето на нуклеарниот договор и обелоденувањето на намерите да го засили конфликтот, Трамп и неговата администрација подготвуваат изговор за да го направат токму тоа.

Треба да се потсетиме дека патот кон војната во Ирак не почна ненадејно во 2003 година. Таа војна се подготвуваше многу години, со одлуки кои во моментот кога беа донесени изгледаа релативно неважно, но кои најпосле доведоа до најлошите надворешнополитички грешки во историјата на нашата земја. Војната во Ирак имаше огромни последици кои не ги предвидовме и со кои сè уште не успеавме да излеземе на крај, ниту наскоро ќе успееме. Впрочем, една од тие неочекувани последици беше и зајакнувањето на влијанието на Иран во Ирак и на други места ширум регионот.

Наивно е да мислиме дека проблемите што ги создадовме токму со непромислената употреба на сила можеме да ги решиме на ист начин. Меѓутоа, минатонеделниот воинствен говор на Трамп јасно ја насочи американската политика кон истата онаа цел која беше во основата на војната во Ирак – да го промени режимот. Вистинското американско раководство и вистинската американска моќ не се согледуваат во нашата способност да ги кренеме нештата во воздух, туку во способноста да ги смириме страните што се во конфликт, да изградиме меѓународен консензус околу заедничките проблеми и потоа да го мобилизираме таквиот консензус за да се решат тие проблеми. Тоа е она што го направивме кога го потпишавме ЈЦПОА. За жал, претседателот Трамп сега избра да ја поведе нашата земја по друг, значително поопасен пат.

Извор: https://www.theguardian.com