1010 hPa
50 %

23 °C
Скопје - Нед, 16.03.2025 10:59
Во пеколот на земјата, во јагленокопите на Белгија, тука каде луѓето имаат црни лица и живеат во темнина, тој дојде да проповеда. Дојде да им ја покаже светлината на оние кои не ја гледаат. Стоеше така со раширени раце во сончев зрак што биеше косо од малото окно над неговата глава и длабоко во темнината на рудникот говореше занесено за убавината. Говореше за тоа дека Бог е светлина. Кога на овие добри луѓе им здодеа неговото трескање на глупости го избркаа. Мораше да замине. Патуваше. На клетниците што ги среќаваше на патот им велеше: Бидете среќни што сте несреќни! На сиромашните им велеше: Бидете радосни што немате ништо! На трудбениците им велеше: Трудбеници, вашиот живот е тежок. Трудбеници, вие страдате, вие сте пресреќни! Го маваа со камења. Вратите со тресок ги затвораа кога ќе тропнеше на нив. Ги пуштаа кучињата од синџир да го бркаат по селските патишта. Не сакаа да го слушаат. Разбра дека зборовите се ветер и магла. Исчезнуваа кога ќе ги изговори. Реши да слика. Сакаше да ги зачува засекогаш светлината и боите во сликите за да можат другите да го видат светот таков каков што тој го гледаше. Сакаше да го видат Бог. Бог беше секаде. Бог беше во скинатите чевли, во валканите раце на селанецот, во жешкиот компир што го префрла од рака во рака, во старата лула, во растрепереното пламенче на ламбата ноќе... Сликаше. Ги сликаше тие луѓе кои не го разбираа и кои ги љубеше како што Бог ги љуби. Сликаше кал, замрзната земја, полиња со зелки, црни ниски колиби од кои се извива чад кон мрачното небо. Ги сликаше гнилите дабови трупци крај патот. Сакаше повеќе да ги слика очите на луѓето од катедралите. Сакаше да ја изрази надежта со некоја ѕвезда. Жарта на некое битие со сјајот на сонцето што заоѓа. Го бараше бескрајот во очите на дете. Ги исполни сликите со работници, копачи и селани кои по полињата собираат компири. Беше странец кој талка сам низ светот. Светот беше мрачно место. Почувствува страшна глад за бои во тие студени предели на тагата и тргна на југ.
На југ каде боите се жестоки и се прелеваат од изобилие. Таму виде младо нежнозелено жито и розови јаболки во цут, портокалови ливади со пластови жолто сено, модри тополи што се нишаат на ветрот, вознемирени чемпреси во темнозелена боја, црни гаврани, полиња од жолти сончогледи и виолетова лаванда, многу жолто и многу светло жито што се бранува до бескрај. Виде небо како виолетова магла од која излегува црвено сонце скриено од пурпурен облак со блескав црвен раб, околу сонцето одблесоци од руменило, но над тоа е жолта пруга што станува црвена, а малку погоре синкаста, таканаречена cerulean blue, потоа лилави и сиви облаци кои ги впиваат одблесоците на сонцето. Виде градина во пурпур, во богат и темен пурпур; редот од цвеќиња е розов и зелен од една, а портокалов од друга страна; во средината е бела далија и шипка во цут со уште посјајна црвенопортокалова боја и жолтозелени плодови. Една необјаснива виолетова нијанса не му даваше спокојство.
Тргна уште подалеку на југ, кон морето. Во потрага по сината боја. Морето имаше темна ултрамирин боја. Над сето тоа жолто небо со жолто сонце. Една ноќ виде предел со потполно розово небо. Една друга ноќ скиташе по пустата плажа. Виде затвореносино небо дамчесто од облаци со уште потемна сина боја од основната кобалтно сина белина на млечниот пат. На таа сина заднина светкаа ѕвезди, светли ѕвезди со сјај на зелена платина, жолти, бели, розови, уште посветли, а подалеку уште поблескави, како скапоцени камења: опал, смарагд, лазур, рубин, сафир... Сликаше опиен од светлината, од боите, од мирисите... Минуваа денови како во сон. Стана зависник од терпентин. Сликаше. Сè друго беше осаменост, тага, немир, неизвесност, болка, болест, лудачка кошула, страв, глад, кафе и леб, апсинт, пијанство, алкохол и курви. И сето тоа беше само за да се постигне висок тон на жолтата боја! Кога немаше што да јаде јадеше бои. Сите бегаа од него. Селаните правеа груби шеги и го исмеваа. Децата му ставаа змии во кутијата со бои, но тоа не му пречеше да го задржи доброто расположение за сликање. Фрлаа по него гнили овошки. Но, тој уште повеќе сликаше, сликаше...
Тој беше сликар луд по сликање. Одеше со размачкана боја по облеката и по лицето. Брадата и косата му беа обоени во боите на светот. Еден убав сончев ден забележа дека црвената боја на неговите гради е крв. Тетеравејќи се дојде дома. Умре подоцна во својот кревет. Во градскоит весник на предпоследната страница беше објавена веста за неговата смрт. Во собата каде умре останаа вечно да летаат преплашените гаврани над житното поле од неговата последна слика и уште десет илјади други слики расфрелни по светот кои денес се највредните нешта што човечката рака некогаш ги создала. Човекот кој јадеше бои се викаше Винсент ван Гог (Vincent van Gogh). Умре гладен.