Спектаклук: болвја свадба

11.05.2009 13:14
Грегори Пек во Cape Fear, 1962

Во 1937 година, за време на најстрашниот терор на Сталин, двајцата советски гении, писателот Исак Бабељ и филмскиот режисер Сергеј Ејзенштајн, во домот на Ејзенштајн гледале едно филмче кое режисерот го донел од Мексико. Филмчето се викало „Болвја свадба“. Во краткиот филм „играле“ болви: болва-младоженец во фрак, болва-невеста во чипки, налицкани болви-сватови... За оваа фасцинантна случка сведочи вдовицата на славниот писател Исак Бабељ, педесет години подоцна, во своите мемоари, сè уште чудејќи се како нејзиниот сопруг и славниот режисер Ејзенштајн имале волја да се мајтапат и да се шегуваат во исто време додека Сталиновата ноќ голтала стотици нивни колеги и стотици илјади по разни основи неподобни советски (а богами и доста несоветски) граѓани. Наскоро по таа весела вечер и Бабељ ќе добие куршум во чело. Ејзенштајн ќе почине десетина години подоцна.

Бабељ и Ејзенштајн не биле луди. Не биле ниту кукавици. Се бореле против теророт колку што можеле, најмногу со својата уметност. Но, таа чудесна сцена на гледањето на „Болвјата свадба“ како во себе да го сосредоточува целиот луд 20 век. Векот на крајностите. Векот во кој трагедијата и комедијата се преплетуваат во најшироки замави, како двете раце на некој чудесновишен куклар.
Има еден многу интересен ноар филм на Чарлс Лотон, „Ноќта на ловецот“ од 1955 година, во кој Роберт Мичам игра монструозен и психотичен свештеник кој прогонува две деца. Свештеникот е убиец, давител, кому на едната рака му пишува hate - омраза, а на другата love - љубов. Мичам тука ја најавува својата слична виртуозна улога во едно друго ремек-дело на ноарот, филмот „Рт на стравот“ на Ли Томпсон од 1962 година. Роберт Мичам во стариот Cape FearПостои и една посовремена верзија на „Ртот на стравот“ на Мартин Скорсезе, од 1991, со раскошно тетовираниот Роберт Де Ниро во улогата на суров осветник кој излегува од затвор. Мојот чудесновишен куклар, значи, не само што со двете спротиставени раце ги управува куклите и болвите, туку и самиот има спектакуларно ишарано тело, иако се наоѓа зад сцената. Има една антологиско парче во поновиот филм на Скорсезе, кога стариот Роберт Мичам и Ник Нолти го гледаат во полициска станица, зад стакло, соблекувањето на опасно набилданиот и со десетици пораки и цртежи истетовиран разбојник, Роберт де Ниро, кој згора на сè преку целиот рбет има врежан огромен крст.
А тргнав, всушност, да пишувам за скопскиот плоштад!? За споменикот на Александар Македонски висок 22 метри! Тргнав, ама заталкав. Не ми излегува од глава дека „Болвја свадба“ е единствениот наслов што може да ја опише културната политика на една Влада сосема поместена и од умот и од вкусот. И тешко дека некој може подобро да го долови планираниот спектаклук на градскиот плоштад од телото на Роберт де Ниро во Cape Fear - чиста ликовна еманација на лудило и агресија.
Спектаклук исто така е збор којшто кај актуелните дрматори успева да го долови чудниот спој меѓу нивната амбициозност и простаклук; зборот спектаклук токму ја објаснува малограѓанско-болшевичката потреба од големи гестови во кои се вградени (просто како скелет, како крстот на грбот на Де Ниро) импозантни количества примитивизам и насилие.
А, всушност, ептен не ми се пишува за нив. Текстов е гледање „Болвја свадба“, на некој начин. Кипот на Александар Македонски, колку и да е голем, заправо наликува на болва-младоженец во фрак. Иако во политичка смисла таа скулптура е Тројански коњ (како што суптилно забележа сосема аполитичниот архитект Минас Бакалчев), таа сепак е болва; во културно-уметничка, во архитектонска и урбанистичка смисла таа статуа е болва врз телото на македонската култура (иако современата македонска култура во моментов повеќе наликува на клопче болви и крлежи отколку на жилава скопска џукела; со неа владеат партиски идеолошки и пропагандни мислители кои имаат длабочина на кафена тацна и интелигенција помала од бројот на чевлите што го носат).
Но, кога велам дека Александар е болва врз ионака сосема истоштеното тело на нешто што некогаш се нарекувало „македонска култура“, не мислам дека треба да го занемариме спектаклукот на нааканите примитивци, да се затвориме дома (како што сме затворени) и да го пуштиме филмчето „Болвја свадба“, тешејќи се дека и нивната свеќа ќе згасне, како секоја што згаснала.
Роберт Де Ниро во Cape Fear, 1991Потребен е отпор. Потребни се најразлични форми на отпор. Шега и пародија - да, секако, но и создавање подобра уметност и култура од онаа на кичерските варвари што пустошат корумпирајќи и заплашувајќи. Можам да го разберам дури и игнорирањето на реалноста, на пример, занемарувањето на македонските медиуми, од кои добар дел го слават преродбеничкото лопатарство и груевистичкото устројство-растројство. Сето тоа се трудам да го разберам, зашто и самиот сум фатен во стапицата; животот, умот, вкусот, сензибилноста и суптилноста ни ги изедоа обидите да му се спротиставиме на растројството што постојано ни го продаваат како устројство. Од друга страна - нема друго. Мора да се спротиставиме. Секој според својата мерка. Самите треба да бидеме токму мерката на она малку што преостанало од цивилизираноста во нашата средина. Формите на тој отпор, повторувам, можат да бидат најразлични, но сите нив ги поврзува минимумот одговорност за градот и државата и минимумот граѓанска с(о)вест.
 
На насловната: Грегори Пек во „’Рт на стравот“, 1962
 
Сцена од Cape Fear од 1991:


ОкоБоли главаВицФото