Контраспин: Македонија штедеше на лекувањето во странство!

18.05.2018 00:32
Контраспин: Македонија штедеше на лекувањето во странство!

Дури во 2017 година просечниот квантум на пари за лекување во странство се зголемил за двојно, од 0.7 на 1,4 отсто, од вкупните пари со кои располага здравствениот систем во Република Македонија. Несериозно е да се лицитира дали бројки изгледаат многу или малку кога се зборува за најскапото нешто – правото на живот кое е универзално, но и уставно загарантирано право.

Директорот на Фондот за здравство на РМ, Ден Дончев, во ТВ интервју искажа став кој е извртена вистина и го сметаме за спин:

Спин: Мојот став е дека сè што може да се прави во Македонија прво треба да се прави во Македонија ако сме сигурни дека тоа може да се направи. Само во отсуство на капацитет треба да го правиме надвор. Тој принцип, меѓу првите го кажав и со лекувањето во странство ако веќе зборувате (зборот зборувате е малку нејасен за разбирање – н.з.) дека трошиме енормна сума за лекување на нашите граѓани во странство, а можеби постои начин да голем дел од тоа се прави во Македонија… Факт е дека минатата година потрошивме 8,5 милиони евра (иако цифрата што ја кажува малку нејасно да се разбере – н.з.)

[Извор: 24 Анализа – Интервју со Ден Дончев (од 53 мин.), датум: 16.05.2018]

Контраспин: Директорот на ФЗО на РМ, Ден Дончев, во гостувањето на ТВ интервју на 24 Анализа, за еден час успеа да направи релативно прецизна глобална слика на состојбите со менаџирањето на парите во здравствениот систем, особено во јавното здравство, како и да ги лоцира главните проблеми што биле досега од аспект на рационално користење на парите што се собираат во здравствена каса.

Сепак, во еден дел при крајот на емисијата, Дончев даде изјава од која се сфаќа дека во РМ многу се трошело на лекувањето во странство и дека неговиот и ставот и на министерството и на владата биле дека сè што може да се заврши во Македонија за пациентите кои бараат лекување во странство, треба да се заврши во Македонија, со што ќе се развиваат домашните капацитети и ќе биде поефикасно трошењето на парите. Притоа, Дончев го кажа и податокот дека минатата година биле потрошени 8,5 милиони евра за таа намена. Ставот на Дончев, од кој може јасно да се разбире дека многу пари се трошат за лекување во странство, го сметаме за полувистина или извртена вистина, па од таму и за спин.

БУЏЕТОТ СЕ ЗГОЛЕМИ ПОСЛЕ СЛУЧАЈОТ СО ТАМАРА

Фактите го зборуваат следното. Минатата година за лекување во странство биле потрошени вкупни 6,5 милиони евра (401, 7 милиони денари), сметано по среден курс од 61,5 денари за евро.

Овој податок може да се најде во Годишниот извештај на ФЗО, на стр.48, при што се напоменува дека сумата била потрошена за 219 пациенти. Претходната 2016 биле потрошени нешто повеќе пари – околу 7.7 милиони евра за 209 пациенти, додека во 2015 година биле потрошени околу 4.9 милиони евра за 157 пациенти:

Притоа, може да се види дека вкупниот број на барања во овие три години се движел помеѓу 300 и 350 на годишно ниво, а тоа горе-долу важи и за сите изминати десетина години наназад. Но, уште еден податок е индикативен, а тој говори за грешките што се прават при одлучувањето за тоа дали на пациентите ќе им се дозволи нивното уставно право на квалитетна здравствена заштита. Имено, помеѓу 30 и 40 отсто од жалбите на одбиените за лекување во странство, по жалбата се признаваат како основани и им се дозволува лекувањето во странство. Што да прават граѓаните во ваков случај кога болеста и животот зависат и од времето за кое што решаваат комисиите во Фондот?

Инаку, најголем број пациенти се испраќаат во Турција и тој број е во пораст во последниве 3 години.

ЗНАЧИТЕЛНО ПОМАЛКУ ПАРИ СЕ ОДВОЈУВАЛЕ ОД 2011-2014

Ако се погледнат податоците што транспарентно ги наведува самиот Фонд, ќе се види дека сумите за лекување во странство биле значително помали во четирите години од 2011 до 2014, за приближно сличен број пациенти како што се од 2015 до 2017 година. Па, така, на пример, според Годишниот извештај на ФЗО за 2014 година, може да се види дека во 2011 година биле потрошени околу 2,8 милиони евра, во 2012 уште помалку, 2,5 милиони евра, во 2013 година 2,9 милиони евра, а во 2014 година 2,66 милиони евра.

Исто така, може да се забележи дека бројот на барања, освен во 2011, се движи константно по околу 300 годишно, а и бројот на одбиени, па потоа во жалбена постапка одобрени барања, се движи околу 30-тина отсто, со тоа што во 2011 тој пр0цент изнесувал фрапантни 79 отсто:

Во периодот од 2007 до 2010 година бројот на барања се движел од 300 до 450 на годишно ниво, а парите што се трошеле биле уште помали. Според Годишниот извештај на ФЗО, за 2010 година биле потрошени следните суми: во 2007 година 1,85 милиони евра, во 2008 година 2,4 милиони евра, во 2009 година 3.3 милиони евра и во 2010 година приближно 2,8 милиони евра.

Притоа, во овие години бројот на одбиени, па потоа во жалбена постапка одобрени барања се движи во многу високи проценти, од 33 до 67 отсто:

БУЏЕТИТЕ НА ФЗО ЗА СТРАНСТВО – 0,7 ДО 1,4%

Може да се направи паралела со годишните буџети на Фондот за здравство и подбуџетот наменет за лекување во странство од која ќе се види дека здравствените власти, сепак, премалку издвојувале за оваа намена и на тој начин можеби ги кршеле уставно загарантираните права на граѓаните, како што тоа на најсвиреп начин се покажа на случајот на Тамара. Ќе ги земеме реперните години 2007, кога вкупниот буџет на ФЗО изнесувал 267 милиони евра, 2010 г. кога изнесувал 322 милиони евра, потоа 2014 г. кога изнесувал 367 милиони евра и 2017 година кога изнесувал 447 милиони евра.

Ако овие бројки се споредат со сумите издвојувани за лекување во странство, се доаѓа до следните проценти: во 2007 година за лекување во странство биле издвоени околу 0.7 проценти, во 2010 околу 0.86 отсто, во 2014 година 0.7 отсто и во 2017 година 1,45 отсто.

Ова говори дека дури во 2017 година просечниот квантум на пари за лекување во странство се зголемил за двојно, од 0.7 на 1.4 отсто, од вкупните пари со кои располага здравствениот систем во Република Македонија.

Прашањето што треба да го одговорат наделжните, вклучувајќи го и директорот Дончев е следно: Дали овие бројки изгледаат многу или малку кога се зборува за најскапото нешто – правото на живот, кој, патем, е универзално, но и уставно загарантирано право!

Дури потоа може да се разговара за тоа дали дијагнозите се оправдани, дали комисиите во Фондот се ажурни, дали е исправна политиката да се испраќаат пациенти во една реперна болница со која склучиле договор во странство за одреден тип болести или може со модификација и со доплата од самите пациенти да се избере Италија или Британија наместо Турција да речеме, ако процентот на преживување е поголем, дали и колкав е процентот на преживување на одредени оперативни и други процедури на лекување во Македонија, ако постои шанса во Македонија и ако тие бројки се споредат со лекување во странство и уште мал милион прашања и потпрашања и дилеми. Арно ама, да се тврди дека досега многу пари се одвојувале за лекување во странство е во најмала рака несериозно и тоа го покажува анализата на бројките што ја прикажавме погоре.

Оттука и оценката е дека таквата теза е извртена вистина, т.е. спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер

Слични содржини

Општество / Став / Историја

ОкоБоли главаВицФото