Македонија на дното на Европа според ЛГБТИ правата

18.05.2018 00:46
Македонија на дното на Европа според ЛГБТИ правата

Македонија се најде на 41-то место од 49 земји во Европа според почитувањето на човековите права на ЛГБТИ заедницата, во најновото рангирање за 2017 година кое го спроведува ЛГБТИ организацијата ИЛГА-Европа.

Македонија е рангирана најлошо во Балканскиот регион, каде најдобро е рангирана Хрватска (16-то место), Словенија (17), Албанија (25), Косово (26), Босна и Херцеговина (27), Србија (28), додека нешто подолу на листата се и Бугарија (34) и Романија (35-то место).

Во делот кој се однесува на Македонија, извештајот посочува дека државава доживеала широк спектар на различни емоции во 2017-та година – од моменти на загриженост за стеснување на просторот на граѓанското општество, изборна блокада и несигурност, по што следувале очекувања за промени и надеж за иднината.

„2017-та беше отворена со обиди за дискредитирање на граѓанските организации, особено оние поврзани со Џорџ Сорос и Фондацијата Отворено општество. За среќа за невладините ЛГБТИ организации (и по македонското општество во целост), овие обиди не беа успешни и иницијативата генерално беше заборавена до крајот на годината. Она што не е лесно да се заборави беше разврската по изборите од декември 2016 година. По преговорите следуваа протести, па дури и упад во парламентот пред Социјалдемократите (СДСМ) да формираат влада во јуни“, стои во делот за земјава.

Во извештајот потоа се додава дека по формирањето на новата влада за ЛГБТИ активистите во Македонија следувал период на активност и оптимизам.

„Следеше нов Предлог-закон за анти-дискриминација, изработен заедно со ЛГБТИ организациите, кој обезбедува сеопфатна заштита на повеќе нивоа, кои заедницата подолго време ги бараше. Новото Министерство за образование е посветено на ревидирање на учебниците и наставните програми за отстранување на ЛГБТИ-фобни содржини. Ратификувана беше Истанбулската Конвенција, додека ЛГБТИ Центарот за поддршка прослави петгодишнина од своето постоење, настан на кој присуствуваше и Премиерот. Еден од најпозитивните трендови по формирањето на новата влада беше видлива јавна поддршка за ЛГБТИ рамноправност покажана од политички фигури“, стои во извештајот за земјава.

Во рангирањето за 2017 година, Малта е првопласирана со убедлива предност пред Белгија, Норвешка, Велика Британија и Финска кои ги заземаат првите пет места.

Најлошите пет европски земји за ЛГБТИ заедницата се Азербејџан, која го зазеде последното место на рангирањето, Ерменија, Турција, Монако и Русија.

Рангирањата на ИЛГА-Европа се засноваат на законите и политиките во секоја земја и нивното влијание врз животот на ЛГБТИ лицата. Организацијата разгледува поголем број на различни индикатори, кои покриваат теми од еднаквост, семејни прашања и говор на омраза, до правното препознавање на родот, слободата на изразување и правата за азил.

Македонија и во претходниот извештај за 2016 година беше позиционирана идентично на 41-то место.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото