Матка е добитник на наградата „Музеј на годината“

19.05.2018 01:45
Матка е добитник на наградата „Музеј на годината“

Изложбениот центар „Матка“ е добитник на наградата „Музеј на годината“, која ја доделува ICOM (International Council of Museums) – Македонија. Наградата се доделува по повод 18 мај, Меѓународниот ден на музеите за особени достигнувања во музејската дејност за 2017 година.

„ЕВН Македонија“ изложбениот центар Матка го отвори минатата година досега го посетиле над 7000 посетители, а беше претставен и на годишната конференција на Европската музејска академија. Во Македонија ова е прв центар кој се занимава со техничките науки, се служи со модерен музејски пристап и содржината е претставена на забавен и интерактивен начин.

Поставката е сместена во зградата на старата хидроцентрала на Матка, која за граѓаните на Скопје е од особена важност затоа што го има овозможено растот и развојот на градот во 20 век. На проектот му претходеше интензивна истражувачка работа, а во изложбата денес може да се видат оригинални стари предмети, архивски материјали, филмови, фотографии, интервјуа и интерактивни модели што беа изработени специјално за оваа намена и од кои посетителите учат додека ги испробуваат нивните функции и можности.

ICOM е најголема меѓународна организација на музејски работници која е присутна во 136 земји и ја сочинуваат повеќе од 35000 члена. Организацијата има консултативен статус во Економско-социјалниот совет на Обединетите нации. Македонскиот разгранок на комитетот е формиран во 1993 година и оттогаш поставува професионални стандарди кои придонесуваат за создавање квалитетна музејска дејност.