Поддржување на неолибералниот капитал преку социоекономските права

19.05.2018 01:49
Поддржување на неолибералниот капитал преку социоекономските права

Во дописот од 2013 година, чија цел беше да се влијае на развојната агенда предвидена за периодот по 2015, седумнаесет специјални известувачи на ОН препорачаа дека во Целите за одржлив раст (Sustainable Development Goals или СДГ) би требало да бидат вклучени и мерките за воспоставување основен стандард за социјална заштита. Во април 2015 година, Комитетот на ОН за економски, социјални и културни права (Committee on Economic, Social and Cultural Rights ili CESCR) објави Извештај со наслов „Основни стандарди за социјална заштита: клучниот елемент на правото на социјална сигурност и цели за одржлив развој“. Во септември 2015 година, Целите за одржлив развој се усвоени на првото Генерално собрание, а како прва цел поставено е „Намалувањето на сиромаштијата во сите облици и секаде“. Меѓу клучните алати на СДГ, со кои би требало да се постигне таквата благородна цел, се наоѓа и „Имплементацијата на соодветни државни мерки и системи за социјална заштита за сите, како и основните стандарди и остварувањето значајна покриеност на сиромашните и ранливите до 2030 година“.

Освртот на Извештајот на Комитетот укажува на неколку начини со чија помош Комитетот ги инкорпорира капиталистичките претпоставки, кои би требало да бидат анатема на неговата цел за обезбедување на социоекономските права.

Тие претпоставки потоа се истакнуваат како предуслови за остварување на човековите права. Наместо да ги преиспитува условите во кои „бројни земји во развој [...] оствариле релативно високи стапки на раст“, Комитетот ја поврзува агендата за социјална заштита со манифестацијата на тој раст, за да апелира на „достапноста на ресурсите потребни за придвижување и прогресивна имплементација на програмата за социјална заштита“. „Со потврдувањето на редистрибутивниот карактер на социјалната сигурност“ во обезбедувањето на основните потреби и поттикнувањето на еднаквоста, Комитетот ги прикрива економските односи кои, најпосле и се причина за сиромаштија, нееднаквост и алиенација, а на кои и самиот се потпира.

Растот е предуслов за опстанок на капиталот (како и профитите, кои во суштина се истото). Значи, широко распространетата прекугранична трговија, инвестициите и финансиите се прогласуваат за успешни во онаа мера во која водат до поголема акумулација на капиталот за сопствениците и менаџерите на капиталот. Последица на таквата акумулација се повеќекратните облици за експропријација и реалокација, вклучувајќи го и уништувањето на непазарните економии, а со нив и можните алтернативи. Комитетот веќе долго нагласува дека Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права во политичка и економска смисла е „неутрален“ и дека неговите начела се остварливи во различни системи, без разлика дали се работи за „социјалистички или капиталистички систем, мешана, централно-планска, или laissez-faire економија, но и кој било друг специфичен пристап“. Меѓутоа, подготвеноста со Пактот да се поддржат денешните начини за остварување раст, со сите придружни повреди и нарушувања до кои доведува економската глобализација, значи дека – со цел поддржување и легитимирање на капиталистичката економија на раст – се дозволува државен трансфер на профитот на транснационалната капиталистичка економија на раст кон економијата на основните потреби.

Проблемот лежи во тоа што Комитетот поддржува воведување основни стандарди за социјална заштита, притоа не доведувајќи ги во прашање, или барем не потполно, немилосрдните методи со чија помош тие ќе бидат обезбедени. Тоа подразбира поддршка за конвенционалниот модел на економски раст, независно од неговите контрадикторни последици, вклучувајќи го и неизбежното генерирање сиромаштија. Дури и кога наведеното им служи на целите на државната редистрибуција, со тоа се дава поддршка на струјата од центарот која е посветена на капиталистичкиот раст.

Адресирањето на оваа дилема бара далеку поголема свест за тоа како меѓународните закони за човечките права во ера на глобален неолиберализам го толкуваат транснационалниот раст, кој се фетишизира како клучен предуслов за човечкиот напредок и како дистрибуциското и еколошко насилство ги предодредуваат навидум прогресивните социјални политики.

Толкувањето и примената на меѓународните закони за човекови права во услови на економска глобализација пред сè ја има следната функција: да обезбеди нејзините параметри да не помагаат репродуцирање насилни апропријации – кои се во темелите на глобализацијата. Ова би значело важен прв чекор кон „неутрална“ примена на социоекономските права, зад што веќе долго начелно стои Комитетот.

Иако Пактот, како и елаборацијата и толкувањето на Пактот кои ги изнесува Комитетот, беа ефикасни во заштитата на одреден број луѓе од некои социоекономски неприлики, ниту Пактот, ниту начинот на кој го толкува Комитетот, не рефлектираат неутралност. Јасно е дека Комитетот тежнее кон тоа да се почитуваат, штитат и исполнуваат социоекономските права, како и дека сака да ги одбрани луѓето од најлошите капиталистички ексцеси, меѓу другото, со заговарање на основен стандард за социјална заштита. Меѓутоа, (често опипливо) прифаќањето на легитимноста на транснационалниот капитализам, дури и кога се бара начин за ублажување на неговите најлоши тенденции, значи дека се зазема ставот: Независно од напорите кои се вложуваат за да се заштитат неговите жртви, на капитализмот и неговиот светски поредок им се пружа поддршка.

Ова е само еден пример за она што социологот Ентони Вудвис го нарекува парадокс на човековите права: „намерата на човековите права е да ги штитат потенцијалните жртви од прогласувањето одредени аспекти од нивните животи за недопирливи, но тие исто така придонесуваат за понатамошен простор за неправда, штитејќи некои од активностите кои биле причина за таа неправда“. За го започнеме процесот за надминување на овој парадокс, мораме постојано да го толкуваме. Значи, Комитетот за економски, социјални и културни права, кој доби мандат да ги штити најранливите, би можел да го поддржи воспоставувањето основни стандарди за социјална заштита, но со акцент дека со тоа не ги поддржува нужно и методите со чија помош ќе биде овозможена потребната редистрибуција. Условите за „предистрибуција“ тогаш би биле подложни на посебно, но поврзано истражување кое би се занимавало со нивната усогласеност со Пактот.

Извор: http://criticallegalthinking.com

Слични содржини

Свет / Екологија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото