Проекција на документарни филмови „Да не се заборави“

21.05.2018 00:59
Проекција на документарни филмови „Да не се заборави“

Младинскиот образовен форум и Радио МОФ на 21 мај (понеделник), од 20 часот во Кино Култура, организираат премиерна проекција на документарните филмови „Да не се заборави“.

Во изминатите седум години, македонската демократија ја „разбудија и размрдаа“ големи граѓански иницијативи. Почнувајќи од „Протестирам“, преку Студентскиот и Средношколскиот пленум, па сè до Шарената револуција, граѓанското општество изврши притисок на власта и успеа да направи некаква промена во Македонија. Младинскиот образовен форум, во соработка со новинари на Радио МОФ, во изминативе месеци работеше на четири документарни филмови, чија цел е да ги овековечат овие четири значајни движења, да ги архивираат за да не останат заборавени, но и да поттикнат во иднина погласно и послободно граѓанско општество. Во нив се документирани искуствата, сеќавањата и животите на значајни членови на овие движења.
Идејата зад филмовите е да се поддржат и зајакнат човековите права и слободата на печатот, низ прикажување на значењето и импактот на граѓанските движења врз едно демократско општество.

Документарците ќе бидат премиерно прикажани на овој настан, по што ќе следува панел дискусија со:
Бранимир Јовановиќ, Јасмина Голубовска, Стефан Дојчиновски и Евгенија Јанакиеска, кои и самите беа некои од централните фигури во документарците.

Проектот е финансиран од Европската унија, преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумската слобода и слободата на изразување во Западен Балкан“, имплементирана од Асоцијацијата на хрватски новинари, како дел од регионалниот проект на Регионалната платформа на Западен Балкан за Заштита на слобода на медиумите и безбедност на новинарите. Проектот го спроведуваат шест регионални новинарски здруженија – Асоцијацијата на независни новинари на Србија (IJAS), Асоцијацијата на новинари на Босна и Херцеговина (BHJ), Асоцијацијата на хрватски новинари (CJA), Асоцијацијата на новинари на Косово (AJK), Здружението на новинари на Македонија (AJM) и Синдикатот на медиуми на Црна Гора (TUMM).