Три месеци по несреќата на Кајмакчалан, државата и медиумите молчат

21.05.2018 01:38
Три месеци по несреќата на Кајмакчалан, државата и медиумите молчат

Пријатели, сограѓани, реагирајте. Вакво нешто да не се повтори веќе во Македонија.

Три месеци поминаа од смртта на Калина и Александар. И како секое друго чудо, за три дена им се изгуби трагата на сите ветувања за истраги, одговорност и промени. Се стопија како снегот на Кајмакчалан. Пред нив изгалопираа мал милион други случки, мили и немили, а на повидок нема никаква разрешница.

1. Медиумите, по таа типична шема, со фанфари следеа и известуваа, преџвакувајќи ги, повеќе или помалку, истите информации секој ден, за клик или гледач повеќе. „Нова Македонија“ дури најави дека „тим на специјализирани новинари“ ќе ја истражува несреќата, за некаде по крајот на февруари да се изгуби трагата на тој тим, без да објави ништо повеќе од едно интервју со директорот на ски-центарот во Ворас. Писмата од огорчените роднини и пријатели успеваат само на кратко да се пробијат низ шумот во етерот, за по два-три дена повторно да бидат проголтани од нешто ново и „поинтересно“. Зар толку ли сме веќе отрпнати кон болката на другите што нивните судбини веќе не допираат до нас? Зарем нашиот интерес завршува со стишувањето на фамата, на крајот на денот, неделата, месецот? Одбивам да верувам дека веќе нема новинари и медиуми во земјава кои не чувствуваат ни малку грижа кон јавниот интерес. Знам доволно од вас кои уште имаат искра во очите, оган во стомакот. Се знаете кои сте. Новинари, одговорни сте пред себе и својата професија докрај да се дознаат сите факти за несреќата. Илјада скршени срца тоа го бараат од вас. Илјада неразјаснети прашања тоа го бараат од вас. Не дозволувајте да се заборави за овој случај.

***

На погребите на Калина и Александар ја видов скоро целата моја генерација. Ги видов моите пријатели, на возраст од 25-30 години како плачат, на возраст кога погреб треба, барем уште малку, да ни биде апстрактен поим. Ги видов нејзините родители, а како им беше и што им поминуваше низ глава, можам само да претпоставам. Дојдов да изразам сочувство, и ми го снема гласот.

Викендот потоа, на големо негодување и грижи на моите блиски, заедно со брат ми и уште еден пријател се искачивме на Љуботен, но само до планинарскиот дом. Патот беше прооден, времето прекрасно, сончево, без ниту најмало ветре. Кога слушав многу внимателно, таму некаде меѓу снегот и сонцето, се колнам дека ја чувствував Калина во таа тишина. Со Васе, домаќинот на домот, првата вечер испивме по една чашка во нејзино сеќавање. Љуботен ѝ беше омилен врв на Калина, иако жалам што не успеавме да го искачиме заедно. Мала утеха ми е тоа што на сите планини и долини кои ќе ги шетам ќе ја носам во срце, цел живот, па барем така, заеднички, ќе ги видиме.

2. Гласот ѝ го снема и на Федерацијата на планинарски спортови, која никогаш го нема објавено целосниот извештај од својата истрага, каков и да бил тој. Последната објава поврзана со Калина и Александар е од 13 февруари, а по неа – молк. Сакам само да потенцирам, Федерацијата е здружение на граѓани. Нејзината работа е јавна и таа, како здружение, одговара пред јавноста и сите институции на државата. Д-р Угриновски, претседателот на Федерацијата, како некој комотно устоличен монарх, неколкупати ги удостои со своето присуство телевизиските студија за да ја одбрани честа на Федерацијата. За неговите настапи не можам да му замерам, иако не се согласувам со обидите за одбивање на каква било одговорност на Федерацијата. Замерувам за тоа што не чувме никакви конкретни активности или чекори за тоа како да се осигураме дека вакви несреќи веќе никогаш нема да се повторат во Македонија, или барем драстично ќе се намали ризикот од нив. Илјадниците членови на Федерацијата, од кои и јас сум еден, мораат да бидат заштитени и безбедни. Во спротивно, Федерацијата е сведена на нешто помалку од еден хартиен, беззаб тигар. На 19 мај, ќе се одржи годишното собрание на ФПСМ. Ве охрабрувам сите вас, членови на планинарски клубови, членки во ФПСМ, јасно и гласно да барате и да се застапувате за промени во Федерацијата. Промени во праксите и политиките на организирање на планинарските тури, а по потреба и кадровски промени.

3. Уставот, тоа наше претепано парче правен темел, барем за дел од нас, сè уште вреди нешто во оваа држава. Во својот член 10, гордо прокламира: „Човечкиот живот е неприкосновен“. Државните институции и органи имаат задача докрај да ја разјаснат несреќата која ја фрли во прашање неприкосновеноста на нашите животи. Доколку Федерацијата не е желна или нема капацитет сама да се реформира, мора да има и законски промени. Не е доволно само да се утврди одговорност и да се казни некој. Не чувме ни шепот од Агенцијата за млади и спорт, која финансиски ја поддржува Федерацијата, или од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, во чиј домен загазуваат членките на Федерацијата кога организираат вакви тури. На ОЈО му беа потребни цели два месеца за да го покани д-р Угриновски на распит, а од Владата или Собранието, кои треба да ги одредуваат и менуваат политиките, со исклучок на едно сочувство изразено од Премиерот – ништо. Политичари и фунцкионери, покажете грам иницијативност – недозволиво е земјата чија територија е 80% планинска, да нема ниту еден механизам за одговорност, ниту еден механизам за заштита. Сограѓани, ако навистина во оваа држава уште веруваме во неприкосновеноста на човечките животи, ве преколнувам, да не дозволиме повторно да се загрозат нашите блиски, љубители на планините. Свртете телефон, поднесете претставка, затропајте на врата таму каде можете.

***

Ни сто вакви статии, од сто различни луѓе, нема да успеат на му објаснат на некој кој не ја знаел Калина каков човек изгубивме. Кој ја знае, знае. Кој не ја знае, за жал, може само да си претпостави. Последниот пат кога се видовме, ми позајми цигара. Зборувавме за сите планинарски подвизи кои сакаме да ги оствариме. И се зарековме дека барем на една тура ќе одиме заедно. Со каков жар говореше за планините, со каква животна радост! Останав должен, и за цигарата и за турата. Мислев дека ќе градиме уште цел живот спомени со неа, а ми останаа само неколку, ретки и скапоцени. Ги чувам скржаво, па некогаш ме насмевнуваат, а најчесто ме растажуваат.

Калина, горд сум што те знам. Ќе те памтам по ведрината и најубавата насмевка на целиот свет, од тие што топат снег. Александар, жал ми е што никогаш нема да може да се запознаеме.

Пријатели, сограѓани, реагирајте. Вакво нешто да не се повтори веќе во Македонија.

Атанас Димитров е повремен планинар, член на МОФ, пријател на Калина.

Извор: Радио МОФ