Сè уште нема закон за поништување на мерките од лустрацијата

22.05.2018 08:14
Сè уште нема закон за поништување на мерките од лустрацијата

Во Стратегијата за реформи во правосудниот сектор на Министерството за правда на РМ наведена е и следнава мерка која сè уште не е исполнета:

Воспоставување на законска рамка за поништување на мерките и правните последици од процесот на лустрација

(Рок – декември 2017 година)

[Извор: Стратегија за реформи во правосудниот сектор – Акциски план, ноември 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Стратегијата за реформи во правосудниот сектор на Министерството за правда, т.е. на Владата на РМ предвидува, како една од целите на реформите, да се донесе и законска рамка со која ќе се поништат правните мерки и последици од процесот на лустрација во земјава, кој се спроведуваше повеќе години и кој е генерално оценет како неправичен, злоупотребен и штетен за правата на одредени поединци.

Оваа мерка во малку поопшта форма е искажана и во предизборната програма на СДСМ од 2016 година, каде се ветуваше обештетеување на жртвите на монтирани судски случаи, што може да се доведе во корелација и со процесот на лустрација, зашто жалбените постапки на лустрираните се решаваа по судски пат. Исто така, вакво обештетување е ветено и во Програмата за работата на Владата 2017-2020 година.

Стратегијата за реформи е донесена заедно со Акциски план за спроведување на реформите. Во акцискиот план се наведува дека мерката за воспоставување законска рамка поврзана со поништување на мерките и последиците од процесот на лустрација ќе биде донесена во декември 2017 година.

По детална проверка на интернет може да се констатира дека мерката не е спроведена, т.е. нема донесено, ниту, пак, предложено такво законско решение.

Проверивме на сајтот на Владата на РМ, каде последните вести за лустрацијата сè уште од времето на екс-премиерт Никола Груевски. Исто така и проверката на сајтот на Собранието на РМ, во делот на документите, не дадоа резултати. Го пребаравме и сајтот на Владата, ЕНЕР, каде се поставуваат предложените законски решенија, исто така, без резултати.

И нашата телефонска проврка со релевантна невладина организациа која ги следи овие прашања потврди дека нема такво законско решение ниту во форма на предлог, а нема ни мерка за обештетување на жртвите од процесот на лустрација.

Според методологијата на Вистиномер, констатираме дека наведената мерка не е спроведена.

 

ИЗВОРИ:
Министерство за правда на РМ – Стратегија за реформи… – [проверено на 18.05.2018]
Влада на РМ – пребарување по клучен збор – [проверено на 18.05.2018]
Влада на РМ – Програма за работата на Владата на РМ … – [проверено на 18.05.2018]
СДСМ – Предизборна програма План за Живот во Македонија – [проверено на 18.05.2018]
Собрание на РМ – Материјали – [проверено на 18.05.2018]
ЕНЕР – пребарување по клучен збор – [проверено на 18.05.2018]

 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер