Фрагменти на љубовниот говор (7)

22.05.2018 15:21
Фрагменти на љубовниот говор (7)

Fading / Фадинг*

Болно искушение во кое се случува саканото суштество да се повлекува од секој контакт, без толку загадочната рамнодушност дури насочена против заљубениот субјект или изразена во корист на некој друг, светот или соперникот.

*Англиски: исчезнување, губење (на звук). За психоаналитичкиот поим од грчко потекло aphanasis, кој го воведува Ернест Џоунс, подоцна сè почесто ќе се користи англискиот збор fading. Кај Џоунс тој означуваше „исчезнување на сексуалната желба“ додека Лакан со него го означува „исчезнувањето на субјектот (во процесот на отуѓување). - заб. ур.

Во текст фадингот од гласови е прифатлив; гласовите на раскажувањето доаѓаат, си заминуваат, исчезнуваат, се преклопуваат; не знаеме кој говори; тоа говори, тоа е сè; нема веќе слика, ништо освен јазик. Но другиот не е текст, тој е слика, една и срасната; ако гласот се загуби, целата слика исчезнува (љубовта е монолошка, занесена; текстот е хетеролошки, перверзен).

Фадингот на другиот, кога се случува, ми внесува немир, оти ми се чини дека е без причина и без крај. Налик на тажно привидение, другиот отстапува во бескрај и јас се истоштувам обидувајќи се да го досегнам.
(Кога таа облека беше на врвот на модата, една американска фирма ја фалеше испраната сина боја на својот џинс со зборовите: It fades and fades and fades. Саканото суштество, исто така, отстапува и бледнее без крај: чувство на лудило, почисто отколку лудилото да е силовито.)

Постојат ноќни мори во кои се појавува Мајката, со студен и строг израз на лицето. Фадингот на саканиот објект е застрашувачко враќање на Злата мајка, необјасниво повлекување на љубовта, добро познатата напуштеност на која се жалат Мистиците: Бог постои, Мајката е присутна, но тие веќе не сакаат. Не сум уништен, туку напуштен, како отпадок.


Љубомората предизвикува помало патење, оти во неа другиот барем останува јасен и жив. Во фадингот се чини дека другиот останува без секој желба, дека го обзема Ноќта. Другиот ме оставил, но таа оставеност ја засилува оставеноста која го тишти и него самиот; неговата слика така се испрала, тргнала; не можам веќе во ништо да бидам сигурен, дури ни во желбата која другиот може да ја искуси на друго место: жалам по објектот кој и самиот е во жалост (што укажува колку желбата на другиот ни е потребна, дури и кога таа желба не е насочена кон нас.)


Кога другиот паѓа во fading, кога отстапува поради ништо друго освен некаква тескобност која ја образлага само со бедните зборови: „не се чувствувам добро“, се чини дека се оддалечува во магла; не е мртов, туку живее магловито во подрачјето на Сенките; Одисеј ги посетил, ги привикувал (Nekuia - обред на привикување на мртвите кој Хомер го опишал во XI пеење на Одисеја. - заб. ур.), наоѓајќи ја меѓу нив и сенката на својата мајка; така и јас го викам и привикувам другиот, Мајката, но она што доаѓа е само сенка.

Фадингот на другиот е во неговиот глас. Гласот го поддржува, покажува и речиси го извршува исчезнувањето на саканото суштество, бидејќи одлика на гласот е дека умира. Она што го создава гласот е она што во него ме раздира со силата на неумоливоста на умирањето, како веднаш да бил и никогаш да не можел да биде ништо друго освен спомен. Тоа фантомско битие на гласот е инфлексијата. Инфлексијата, која го одредува секој глас, е она што замира во молчењето, она звучно зрно кое се распрскува и исчезнува. Гласот на саканото суштество не го знам поинаку освен како мртов, запомнет, привикан во мојата глава, отаде увото: кревок но величествен глас, оти е од оние работи кои постојат дури откако ќе исчезнат.


Ништо повеќе не уништува од гласот едновремено и сакан и преморен: распукнат, разреден, бескрвен глас, може да се рече, глас од крајот на светот, којшто, некаде далеку, ќе биде проголтан од студените длабочини: таквиот глас само што не исчезнал, како што премореното суштество само што не умрело: уморот е бесконечност: она што никако не се завршува. Тој краток, отсечен глас, од исцрпеност речиси груб, тоа речиси ништо од саканиот и далечен глас, станува во мене своевиден чудовишен затнувач, како некој хирург да ми вметнал голем чеп памук во главата.


Фројд очигледно не сакал телефони, колку и да сакал да слуша. Можеби чувствувал, можеби насетувал дека телефонот е секогаш какофонија, и дека она што го пренесува е всушност погрешниот глас, лажната комуникација? Нема сомневање, со телефонот се обидувам да ја порекнам одвоеноста, како што детето кое се плаши дека ќе ја загуби мајката непрестајно си игра вртејќи го во рака јаженцето (Виникот), но телефонската жица не е добар преносник, не е безживотна врвца; набиена е со смисла, која не е смисла на поврзаноста туку на оддалеченоста: саканиот, преморен глас кој се слуша преку телефон е fading во целата своја тескобност. Како прво, тој глас е, кога ќе стигне до мене, кога е тука, додека (со тешка мака) трае, глас кој никогаш сосема не го препознавам; како да допира под некаква маска (велат дека така и маските користени во грчката трагедија имале магиска цел: на гласот да му дадат хтонско потекло, да го искриват, отуѓат, направат да зазвучи како да доаѓа однекаде под земјата). Потоа, другиот е секогаш и по телефон во состојба на заминување; другиот заминува двапати, со глас и со молчење: кому му е редот за зборување? Да замолчиме заедно: пополнување на две празнини. Ќе те напуштам, секоја секунда вели гласот преку телефон.

Гифови: Brandon Muir
Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.

 

Слични содржини

Книжевност / Теорија
Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото