Регионална поддршка за Алаѓозовски

22.05.2018 16:53
Регионална поддршка за Алаѓозовски

Регионалната платформа за култура – Кооператива со седиште во Загреб, испрати отворено писмо до премиерот Зоран Заев во кое изразува загриженост и осуда на одлуката за промена на актуелниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски.

„Во врска со најавите за смена на актуелниот министер за култура на Република Македонија, г-дин Роберт Алаѓозовски, Кооператива – Регионална платформа за култура сака да ја изрази својата најдлабока загриженост за таквата промена, па дури и го осудува овој чин“, стои во писмото.

Кооператива е регионална мрежа на организации кои работат на полето на независна култура и современа уметност во Југоисточна Европа, која опфаќа 22 независни културни организации и 4 мрежи на организации од земјите во регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија, активни во сите области на современата културна и уметничка практика.

„Преку нашите долгорочни активности во областа на културата, бевме во можност да добиеме увид во работата на г-дин Алаѓозовски, додека беше активен во областа на независната култура, како и да стекнеме сеопфатен увид во неговата работа како министер за култура . Врз основа на ова, ние го разбираме неговото отпуштање како недостаток на интерес за развој на културната област, како и длабоко непочитување и недоразбирање на улогата и релевантноста на секторот во поширокиот општествен и меѓународен контекст“, се вели во писмото.

Од Кооператива понатаму велат дека министерот Алаѓозовски покажал искрени намери но и конкретни чекори за развој и поддршка на регионалната и меѓународната соработка и интеграција на македонската култура во меѓународните текови.

„Тој дури покажа интерес и подготвеност да ја позиционира Македонија како лидер во оваа област. Со одлуката да го смените од позицијата на министер, ние сме загрижени дека проектите и процесите што тој ги иницира се под закана да бидат прекинати и да се откажат и може да предизвикаат регресија на културата“, велат од Кооператива.

Оттаму, се надеваат дека Владата на Република Македонија ќе ја преиспита својата одлука и ќе ги признае гласовите од областа на културата кои се оние кои ги познаваат и разбираат потребите на секторот, како и перспективите за нејзиниот развој.