„Возови“

22.05.2018 23:55
„Возови“

Секое утро поминувам покрај „Беко“. Го рушат. Се чини безнадежен сиот тој напор и екот на машините и на луѓето. Градбата се отима, не се дава. Во широк лак ги заобиколуваме спомените и правот, ги веднеме очите, зашто глетката нѐ боли сите.

Секое утро мислам на госпоѓа Мимоза Томиќ, мајка ѝ на Дијана, која го градела ова и при животу гледа како го снемува. Дали е тоа исто како мене некој да ми продаде семки во фишек од страница од моја книга или во одвратните контејнери пред градинката и поликлиниката „Железничар“, кај фонтаната, да си ја видам својата прва книга со жолтите згради на неа или последната со раскошната корица на Лукаш?

Живеев само една година во Градски ѕид, првата кога дојдов во Скопје и собата ми гледаше во „Беко“. Во бело, големо распнато рекламно платно – „Возови“. Не знам дали беше театарска претстава, балет или опера. Не се сеќавам на тоа, ама не можам да заборавам дека беше учебна 1984/85 година. Секое утро поминувам покрај „Беко“ и гледам угоре. Не можам низ правот и оградата со зелена мрежа да најдам каде пишуваше „Возови“. А само сакам да го видам зборот во кој може да се влезе и да се замине во минато или во идно време.

 

ОкоБоли главаВицФото