Писмо од Кирил и Методиј: Ја описменивме пола Европа, вие не можете ни Македонија

24.05.2018 00:20
Писмо од Кирил и Методиј: Ја описменивме пола Европа, вие не можете ни Македонија

Урбана акција на скопските улици. Се појави писмо од словенските просветители Кирил и Методиј во кое предупредуваат на катастрофалната состојба во образованието и на фактот дека во државата која се смета за колевка на словенската писменост, во 21-иот век има 40000 неписмени луѓе. Еве што пишува во писмото:

Драги наши,

• Денес летово господово 2018 во Македонија сè уште има неписмени, и тоа не малку, туку над 40000.

• Дури две третини од младата популација во Македонија е функционално неписмена. Од 70 земји во светот Македонија се наоѓа на 68. позиција, пред Косово и Доминиканска Република.

• Според последниот попис од 2002 во Македонија имало над 70000 неписмени. 

• Македонија има најниска стапка на запишани деца во основно и средно образование во регионот; со ова имаме значителен дел од младата популација кој не е вклучен во образованието и има значајно намалени шанси за успех во понатамошниот дел од животот.

• Училиштата наместо да бидат храмови на знаењето и напредокот се претворени во тендерџилници во кои децата имаат пристап до сè освен до уки и науки.

• Во над 130 села децата учат во катастрофални услови; училиштата протекуваат, нема пристојни санитарни јазли или затоплување.

• Во над 20 села училиштата се распаѓаат и се опасни за престој и работа.

• Програмите, учебниците и начинот на учење се исти како и пред 100 години. Човештвото замина на месечината и патува кон други планети, а во нашите читанки Орце сè уште ора ореви.

Свестете се, ние ја описменивме половина Европа, а вие не можете ниту нашата Македонија! 

Поздрав,
Кире и Мете
Лето господово 2018-то

ОкоБоли главаВицФото