Дигиталната култура и кибернетското доба

24.05.2018 02:12
Дигиталаната култура и кибернетското доба

Машината на Алан Тјуринг

Кога се зборува за дигиталната култура секогаш првенствено мораат да се дефинираат двата термини. Чарли Гир се потрудил да го дефинира поимов колку што е можно поточно. Тој придавката „дигитално“ ја дефинира преку технологијата, податоците, па потоа и медиумите. Тоа е точно и она што е дигитално навистина претставува еден нов свет создаден преку развојот на информатичките технологии. Тој развојот на дигиталното и културата на истото го поврзува со потребите на капитализмот, кои го условиле развојот на таквата култура. Како примери тој наведува разни компании кои се занимавале со развој на дигиталните технологии. Тој како појава на дигиталната култура го гледа развојот на концептуалната машина на Алан Тјуринг, чиј начин на употреба го објаснува во капиталистички контекст, кој секако не може да се изостави. Затоа Гир понатаму наведува различни машини, претходници на она што го имаме денес, а кои биле одговор на потребите на работата и кои се појавувале заради акумулација на капиталот. Во овој текст ќе биде прикажано гледиштето на дигиталната култура на Чарли Гир и периодот на нејзиниот најголем развој, оној што тој го нарекува кибернетски.

 

Дигиталната култура и кибернетското доба

Чарли Гир во своето дело го наведува значењето на информациите во капитализмот. Тој објаснува дека информацијата станала највредна единица што може да се замени за пари. Општествените услови за развој на информатичкото општество се мошне јасни. За Чарли Гир, како и за многумина социолози, периодот во кој информацијата е најзначајна секако е воениот период. Гир објаснува како се развивале машините со текот на годините и за што сè служеле. Пред сè тие машини биле компјутерски машини. Оттаму и се појавил називот „дигитално“, зашто дигитот означува цифра. Значи, секоја машина која функционирала со помош на кодови во облик на цифри би можела да се нарече дигитална. Такви машини и иновации кои користеле ист метод во текот на 20 век имало повеќе од вообичаено, заради воените општествени услови. Гир експлицитно објаснува во посебен поднаслов каква технологија се користела за време на Втората светска војна и какви биле последиците од тоа. Шпионажата, информациите, радио брановите, оружјето – сето тоа било поврзано во таа огромна воена машинерија. Тоа подоцна ќе придонесе за развој на технологијата што ја имаме денес, а тогаш придонело како за технолошки, така и за научни иновации.

Чарли Гир

Од сите компјутерски машини за кодирање и декодирање, Гир го наведува Манчестер Мк1 како еден од најзначајните компјутери, зашто поседувал електронска меморија за складирање податоци. До 1949 година, кога овој компјутер бил пуштен во употреба, електронската меморија била незамислив поим. Тоа била точката во која вистинската дигитална технологија почнала да го добива својот денешен облик. Бинарните дигитални компјутери ја одбележаа Втората светска војна како еден од најзначајните продукти на истата. Меѓутоа, она што го забележува Гир е тоа што тогаш се изнедриле и нови дискурси како кибернетиката и теоријата на системите. Преносот на информации во рамки на дискурсот е клучен и насоката: испраќач – код – примач е мошне значајна за Гир. Единствено што може да му наштети на ваквиот стандарден протокол е шумот во рамки на комуникацијата. Заради подобрување на истата, Шенон развил теорија за математичко пресметување на ефикасноста на комуникациските системи, а сè со цел да ги раздвои техничките проблеми од семантичките проблеми во комуникацијата. Така, шумот станал технички проблем, а семантичките проблеми станале димензија на примачот. Овој математички метод кој го развил Шенон врз основа на бинарните системи го помогнал понатамошниот развој на сите комуникациски технологии, вклучувајќи ја и телеграфијата. Идејата на информатичкото општество потекнала токму од идеите на Шенон.

Вториот дискурс, далеку позначаен за социологијата, е оној чиј пат го отворил Норберт Винер со својата теорија за кибернетиката. Винер за време на војната работел на предвидување на линијата на движење на ракети од авион и статистичка обработка на истото. Со оглед на природата на својот повик, присуствувал на разни конференции на таа тема, од кои најпознати се конференциите Мејси. Таму го запознал Фон Нојман, економист кој пласирал слични идеи во својата професија. Исто така, овие конференции го инспирирале Винер да ги објави своите најпознати дела во кои дискутира токму за комуникацијата и повратната спрега. Информацијата и повратната спрега за Винер биле основни единици на сите биолошки, општествени и машински процеси. Тој ги поистоветил машината, организмот и општеството. Колку и да звучи грубо таа идеја, таа била исклучително иновативна и во многу аспекти мошне точна.

Норберт Винер

Лудвиг фон Берталанфи е уште еден мошне проминентен научник кого Чарли Гир не го заобиколува. Неговото значење може да се согледа во основањето на Друштвото за истражување на општите системи. Ваквиот потег влијаел и на многу други научници и нивните науки, од кои еден е и Шродингер. Науката се развивала во тој правец, со информацијата на чело и во закрила на системските теории, сè додека не пристигнала вештачката интелигенција. Оваа идеја била инспирирана уште од времето на Тјуринг, а неа ја поткрепувале и теоријата на знаци на Де Сосир (семиологијата) и структурализмот на Клод Леви-Строс.

Сите овие теории кои се создаваат после Втората светска војна се одржале и за време на Студената војна. Кибернетиката како теорија и нејзиниот поттик за развој на компјутерите во голем дел влијаел на развојот на учесниците во Студената војна: СССР и САД. Како што објансува Гир, овие општества биле мотивирани од победата на спротивната страна и со сите сили се труделе да развијат што попрецизни технологии за собирање информации. Американците дефинитивно воделе во оваа сфера. Така го развиле и САГЕ – системот за надзор на воздушниот простор. Меѓутоа, иако корисен овој систем немал можност за противвоздушна одбрана. Тоа ги натерало американските професионалци да најдат поефикасно решение и на развојот на истото се посветиле многу компании, меѓу кои најпозната е ИБМ. Во тој контекст во американското општество се создале организации како АРПА (подоцна ДАРПА), задолжени за обработка на информации и развој на информатички технологии. Оваа агенција ја развила првата компјутерска графичка програма – скиценблок, која ја развил Ајван Сатерленд. Значењето на оваа програма било во тоа што човекот бил во директна комуникација со компјутер: наредбите се извршувале на екран и давале повратна информација. Ова е влез како во помодерниот дигитален, така и во виртуелниот свет. Пол Баран, уште еден член на оваа организација, развил модели за комуникациски мрежи, во кои ја покажал дисперзијата на информациите. Централизираните, децентрализираните и дистрибуираните модели станале основа за испраќање компјутерски податоци, обединети во заедничка дестинација.

Компјутерите, како и развојот на моделот на комуникациски мрежи приматот секако го префрлил на информацијата, односно податокот. Тој податок почнал да се шири и еднаш морал да стане и дел од цивилниот живот. Во последниот дел од поглавјето за кибернетското доба, Гир објаснува дека компаниите почнале да ги усвојуваат и користат компјутерските системи. Една од првите била компанијата Лионс, која користела еден од првите комерцијални компјутери ЛЕО. САД се спасиле од претходната економска депресија со информатички бум – државата имала фондови за развој на компаниите кои произведувале информатички технологии. ИБМ останал на врвот на тие компании и почнал да произведува компјутери за масовна употреба. Како што се развивала работата и како што технологијата влегувала на работните места, таа станувала дел од секојдневието на работнците, а потоа и потреба. Од почетокот на Втората светска војна, па до крајот на седумдесеттите години од минатиот век компјутерите се развивале рапидно и станале подостапни. Како што придонеле за економијата на САД така придонеле и за развојот на самата дигитална култура.

Ајван Сатерленд

Чарли Гир исклучително вешто го опишал развојот на информатичките технологии и нивното влијание на културата и општеството воопшто. Иако, како што често се случува во социологијата, недостасуваат чисти и прецизни дефиниции, не недостасуваат исцрпни и точни описи. Кога е во прашање дигиталната култура, најзначаен дел од нејзиниот развој се токму системските и кибернетските теории чиј развој бил поттикнат од војната. Иако војната е немилосрден конфликт во кој страдаат луѓе, за некоја подалечна иднина може да биде мошне значаен и иновативен настан, како што покажал Гир. Исто така, Гир совршено го опишал парадоксот на Студената војна и на кој начин предвидувањето и стравот од нуклеарно оружје влијаат на развојот на информатичката технологија. Исто така, дигиталната култура денес доведе до еден вид масовен паноптикон во фукоовска смисла, што колку е позитивно толку е и негативно. Дигиталната култура е мошне широк поим, мошне тежок за анализа и објаснување, но Чарли Гир успеал да ја претстави на социолошки соодветен начин. Значењето на информацијата за развојот на технологијата, а пред сè на науката, е мошне големо и тоа секогаш треба да се зема предвид во денешно време.

Извор: http://casopiskult.com

Слични содржини

Наука / Технологија / Историја
Наука / Историја
Наука / Технологија / Историја
Теорија / Историја
Фотографија / Наука / Око / Историја

ОкоБоли главаВицФото