Букеровата награда првпат ја доби писател од Полска

24.05.2018 09:01
Букеровата награда првпат ја доби писател од Полска

Полската писателка Олга Токарчук е добитник на Mеѓународната книжевна награда „Мен Букер“ , 2018 за романот „Flights“, во кој се опишуваат мноштво патувања меѓу времето, просторот и човековата анатомија.

Олга Токарчук ја доби наградата од 50.000 британски фунти, која според пропозициите ја дели со нејзината преведувачка на англиски, и со тоа стана првата полска писателка која го доби престижното признание. Таа ги победи и двајцата поранешни победници - Хан Канг од Јужна Кореја и Ласло Кражнахоркај од Унгарија.

За овогодинешниот Меѓународен Букер биле пријавени повеќе од 100 романи. Во таква силна конкуренција романот „Flights“ ја заслужил наградата заради „густата емоционална текстура“ која се движи помеѓу две приказни - онаа за холандски анатом кој ја открил Ахиловата тетива додека ја дисецирал сопствената ампутирана нога, и онаа за срцето на Шопен кое сестра му го транспортирала од Париз до Варшава.

Една од темите е номадскиот живот некогаш, кој се пресликува во денешното постојано движење, и физички но и во смисла на постојана желба нешто да промениме. 

Токарчук е автор на бестселери во Полска каде што има добиено бројни награди. Сепак, таа има и голем број непријатели, заради ставот дека и покрај тоа што низ текот на историјата нејзината земја била често жртва на странски интереси, и самата Полска има извршено страшни злосторства, особено поврзани со колонизација на туѓи територии. Заради ваквите изјави таа е прогласена за targowiczanin - архаичен термин за предавник, а нејзиниот издавач во 2014 морал да најми и телохранители заради нејзина заштита.

Во финалето за наградата влегоа и шпанскиот автор Антонио Муњоз Молино, Ирачанецот Ахмед Саадави и Вирџинија Деспентес од Франција.

Меѓународната Букерова награда е воведена во 2004, како дополнување на „главниот“ Букер. До 2016 се доделуваше секоја втора година на жив автор од која и да е националност за серија дела објавени на англиски или во превод на англиски. Од 2016 таа се доделува еднаш годишно, на само една книга во превод на англиски, со тоа што наградата се дели помеѓу авторот и преведувачот.

Извор: The Guardian