Ние сме животни (десет песни)

25.05.2018 10:00
Ние сме животни (десет песни)

Ние сме животни

Облечени во насмевки со елоквенција на заби
потскокнуваме од страв, крекаме зелени,
ние сме жаби.
Од денеска сакам да бидам коза,
веќе сум нечија овца, ако сум крава
помалку ќе се возбудуваат кога се давам.
Сакам да ми бидеш куче
не туку ми лај како да сум мачка,
ти си немирен петел кој самиот си бара прачка,
моето црвено палто не е виновно за тоа.
Самиот си редиш глувци на забите
а се прашуваш зашто си грицкаш од опашката,
јас сум ти причина за да речеш дека не ти е гајле.
Од чергата ми остана само едно дајре
и десна обувка да те прегазам кога си бубашваба.
Не ми го гушкај дрвеното срце,
кога знам дека си дабар,
напиено од никотин
црвче што одбива да оди на забар,
душкало по туѓи јаболчници.
Јас сум огледалцето, цревцето што ти го бутаат до крајот на гркланот
да си се видиш на екранов,
ти си животното што мисли дека е човек
зашто го поседува станов,
и секојпат си буричка во џеб
да тргне коњак
по мувите намачкани на леб
– баланс во исхраната со фекалии.
Следува моментот кога од животно се претвораш во даб,
до шанкот на првиот паб,
кој и онака е збирно место за волци.
Ние сме животни.


Понижување

Ги снижуваме цените на вените,
органите уште од изминатиот месец се на распродажба,
зборовите се сушат на пластични штипки за препродажба,
емоциите доаѓаат гратис во секое пакување,
а таквите како тебе се паѓаат во киндер јајце
– живо разочарување!


Candyland
Cocorosie

А ти, поминуваш?
Делфинот ти е смачкан!!!
Не мислев дека ќе проодиш одново,
капата ти е стуткана под ѓубрето на еден мит
под големиот кит.
Октоподот од твоите пријателства
го користиш како алатка во борбата на информации.
Медузата
ми е под блузата.




Со единение

Јас сум соединение на мир
и не ме допира ниту една драма,
со тебе сум сега
ама подобро ми е сама,
тука сум за да правам говорни вежби под отворено небо,
да боцнам реакција
и да го клоцнам часот
во кој неподносливо бучни се мислите во глава.
Соединение на немир,
ме допира секаква драма,
со тебе сум сега зашто не можам да бидам сама,
нешто како пееската во твојот новчаник
компирчето на чорапата
кончето на крагната
вртежот на брадата
смешката на забите
муцката на пломбите
зборот на преќутеното.
Како нив не можам да бидам сама,
сега сфаќаш како ми требаш?
Сосема природно, иако
и на двајцата ни е незгодно во нескладот на нашите носеви
и костимот на нашите предлози
полажни од нашите намери
кои за жал постојат.


Момент

Еден момент најдов,
и барам утеха.
Еден момент фатив
и осознав спокојство.
Еден момент ти возвратив,
и стана себичен.
Еден момент сфатив,
ти си обичен.


Конкретни решенија

Ни сите мои спојувалки
можат да нѐ спојат пак,
ни сите хефталици
во контакт можат да нѐ стапат,
ни сите конци
можат одново да нѐ скрпат,
ни сите лонци
можат заедно да нѐ сварат.
Не остави простор ни за една безопасна
да нѐ закачи во спој.
Најди си земја,
биди си ној.


Ти шина

Ти шина,
јас птица,
ти зеваш,
јас врева,
ти вовче,
јас тука,
јас иста,
ти некој друг,
па јас некој друг,
ти некоја друга.
друг друга другарува.
Ајде да ги убиеме сите други,
да нема бегство низ излез, асфалти, ни пруги.
јас и ти шина.


Како ли да те крстам (ми се измешаа буквите под прстот)

Мислам дека кога ќе ни се сплотат материите
ќе ни бидат подобри статиите.
Мислам дека ќе се пишуваат сами
сите анаграми
од нашите имиња
покрај презимињата на последните реченици
што времето би ги изговорило меѓу првите,
пред да зинеме во некоја дрвена конзерва
на концерт на Црвите.
Како ли да те крстам,
ми се измешаа буквите под прстот?
Кога ја отвори устата –
буквите сами се наредија.
Дуетот на пијано
се претвори во напиено соло.

Миксер

Веројатно чекаше душманите да се во замин,
за да може да се мушне низ вратничето во амин,
чин толку моќен, фантастичен, запиен?
Без влакно на јазикот и денар во џебот
застана во центарот на собата
како центар на универзумот
и се вртеше околу, околу, околу.
Во сите кружници наоѓаше смисла,
во сите лустери, муви и предметчиња.
Раменцата ги клатеше,
центрираше со поглед,
а со мозокот матеше.
Миксер ги сврте зборовите во нејзината глава:
Ти си сама,
Ти си дух,
Ти за други немаш слух,
со пијанство си ја славиш кивавицата,
опијанета пред наздравицата!
А таа:
мојата болка е МОЈА!
Види се ти,
Еклектичар,
од исечоци од весници мешавина,
оставина
од генетски материјал и култура на мртовци
чувана во форма на човечко тело.
Што е твое, Миксер, кое дело?


Нема шанси

Сакаш да градиш камени љубовни замоци
од шеќерни речиси погледи?
Епа, нема шанси!

Фотографии: Yung Cheng Lin
*Песните се напишани во 2014 година.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото