50 години од „2001: Одисеја во вселената“

25.05.2018 11:18
50 години од „2001: Одисеја во вселената“

Сонот на љубителите на научната фантастика се оствари: имаат можност да влезат во репродукцијата на славната спална соба од филмот „2001: Одисеја во вселената“ која е изложена во Вашингтон во чест на 50-годишнината од почетокот на прикажувањето на ова ремек-дело на Стенли Кјубрик.

Посетителите на прочуениот Национален музеј на авијација и астронаутика во главниот град на САД можат да прошетаат низ таа просторија со големина од 80 квадратни метри во која на крајот на филмот доктор Дејвид Боуман старее пред повторното раѓање.

Наместена идентично, само без црниот монолит, репродукцијата на собата импресионира со нападна светлина каква што Кјубрик ја пренесе на филмот.

Посетителите можат да „уживаат во просторот околу изложените предмети“, креветот, столиците, сликите и скулптурите, објаснува Мартин Колинс, кустос на музејот.

„На Кјубрик му беше важно светлината да не доаѓа од проектор туку да биде интегрирана во самата сцена“, додава тој, објаснувајќи го интензитетот кој го нуди собата во неокласичен стил.

Со инсталација која обезбедува илузија на реална слика на британскиот уметник Сајмон Бирч, музејот го слави делото на Кјубрик, кое се смета за еден од најголемите филмови во историјата на филмот.

Пред „Војна на ѕвездите“ или „Истребувач“ американскиот режисер ја почна револуцијата во научната фантастика со овој долгометражен филм чие сценарио, освен Кјубрик, го потпишува и британскиот писател Артур Кларк.

Филмот „2001: Одисеја во вселената“ почнал да се прикажува во април 1968 година во САД, обележувајќи го своето време со филозофски осврт на темата освојување на вселената и развојот на човечката раса.

Извор: Washington city paper