Детско игралиште кое делува баш опасно

28.05.2018 00:30
Детско игралиште кое делува баш опасно

Наставниот кадар во Британија кој со децении колективно работеше на намалување на ризикот сега внимателно почнува да го воведува.

На пример, пред четири години наставниците во основното училиште Ричмонд Авенју, одлучиле, како што рече еден од нив, да „внесат ризик“ во својот двор.

Ги исфрлиле пластичните куќички за игра, а донеле кутии и цигли. Направена е и каллива бара, лулашка со авто-гума, трупци и клупи со чекани и шајки. „Се запрашавме како да го внесеме елементот на ризик во секојдневното окружување“, вели Леа Морис која работи во училиште во Шуберинес, на југоистокот од Британија.

Сега, вели гордо Морис, „имаме оган, користиме ножеви, шајки, разни алати“, сето тоа со надзор од возрасни. Внатре можат да се најдат ножици и држачи за селотејп со остар нож („вообичаено се пресекуваат само еднаш“, вели).

Ограничениот ризик стручњаците сè повеќе го наведуваат како нешто што е од суштинска важност за развојот на детето и градењето отпорност и храброст.

Пред Игралиштето на принцезата Дајана во Лондон се наоѓа известување за родителите за ризиците кои се „намерно поставени за детето да умее да го цени ризикот во контролирано окружување наместо да презема слични ризици во неконтролираниот и нерегулиран див свет“.

Ваквиот став има врска со носталгијата за старата Британија каде децата биле пожестоки и поспособни. Им одговара и на десничарските таблоиди кои на тоа гледаат како на корегирање на претераното разгалување на либералните дадилки; и на прогресивците кои ги привлекува послободното и поприродно детство. Оваа практика ја поддржуваат и сè повеќе официјални лица вклучувајќи ја и Аманда Спилман, главен инспектор во Офстед, агенција која врши инспекција во британските училишта.

Кон крајот на минатата година, Спилман соопшти дека нејзините инспектори ќе бидат обучени за позитивните страни на ризиците.

„Инспекциите ќе бидат посвесни за ризиците доколку експлицитно не ги обучиме да стекнат пософистицирано разбирање на балансот помеѓу предностите и ризиците“, рече таа. „Тоа не е исто како да сте невнимателни и да испраќате двегодишно дете да шета на работ на 1000 метри висока карпа без придружба.“

Британија е една од низата земји каде наставниците и други претставници од власта сметаат дека заштитничката култура претерала. Минатата есен Австралија воведе нови стандарди за опремата на игралиштата, давајќи им инструкции на операторите да ги разгледаат предностите на активностите кои би можеле да резултираат со повреди. Градовите и школските власти во Канада и Швајцарија исто така ја прифатија таа идеја.

Од крајот на осумдесеттите, родителите се затрупани со предупредувања за опасностите на детските игралишта и предаторите кои демнат во предградијата.

Просторите за игра се променети. Исчезнаа дрвените лулашки и железните рингишпили и ги заменија гумени подлоги кои ублажуваат удари. Детските играчки на игралиштата се од безбедно фибер-стакло. Резултатот е постепена стерилизација на играта, вели Меган Таларовски, американски пејзажен архитект.

„Гумениот под, малата структура окружена со ограда, се како мал затвор“, вели за игралиштата во САД.

Како потполна спротивност на тоа е игралиштето Тамблинг беј во Лондон од кое на безбедносните менаџери им се крева косата на главата.

Игралиштето има шест метри високи столбови со гранки за искачување кои се поврзани со прачки од врба, сето тоа изработено рачно. Тревата на некои места е повисока од возрасна личност и може да го блокира погледот, а тука се и дупките со песок во кои може да се најде животински измет или стакло.

Но, промената на теренот е кревка и друштвото секогаш се повлекува кога некое дете сериозно ќе се повреди. Смртните случаи на игралиштата се екстремно ретки – во Британија се случуваат еднаш во три или четири години – но тие се најлошиот родителски страв.

Проценките на безбедноста следат веднаш после таквите трагедии, вели Дејвид Јирли од Кралското здружение за превенција на несреќи.

„Како општество тешко можеме да кажеме дека прифаќаме една во шеесет милиони шанси за смрт“, рече тој.

Прашајте ги настаниците во училиштето Ричмонд Авенју и тие ќе ви кажат дека изложувањето на децата на ограничен ризик додека се млади помага во нивното растење.

„Морате да одите и да го најдете своето место во светот“, вели директорката на училиштето, Деби Хјуз.

„Ако на децата не им дадете креативни вештини, го отстранувате ризикот. Ако не ризикуваат кога имаат четири години, сигурно нема да го направат тоа кога ќе бидат возрасни“.

Фотографии: Andrew Testa

Извор: The New York Times