„Ослободување на просторот“ - македонски проект на Венециското биенале за архитектура

28.05.2018 00:46
„Ослободување на просторот“ - македонски проект на Венециското биенале за архитектура

Со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) Македонија учествува на 16. Венециско биенале за архитектура кое почна на 26 мај и трае до крајот на ноември. Музејот на современата уметност е носител нa проектот, кој го испитува наследството што го остави т.н. „Скопје 2014“. Проектот е оценет како можност за нови согледувања за начините со кои ќе можеме да се справиме со ова наследство, кое остави белези на архитектурата на главниот град.

Избрани се четири простори кои, според авторите, се вткаени во архитектонската и колективната меморија на Скопје и кои претрпеле коренити промени со „Скопје 2014“: платото на Македонската опера и балет и кејот на Вардар; објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа (НАМА) на плоштадот „Македонија“.

Комесар на годинешното претставување во Венеција е Зоран Петровски, а автори на проектот се Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.

Кураторите на годинашново македонско претставување во Венеција, Марија Мано Велевска и Слободан Велевски, при неодамнешното претставување на проектот во Скопје ја изложија појдовната идеја - современо читање на градскиот простор, односно потенцирање на вредноста на јавниот споделен простор.

Велевски вели дека проектот локациски се врзува за Скопје и се испитува наследството кое зад себе го остави проектот „Скопје 2014“. Според Велевски, содржината на проектот „Ослободување на просторот“ ја поставиле врз три клучни тези.

„Првата е „Скопје 2014“ не е архитектонски проект, бидејќи во себе ја нема логиката која ја има архитектонската професија - да создава јасна просторна и програмска композиција.

Втора теза е дека неговата единствена вредност е што тој постои и како таков во просторна смисла физички влијае на контекстот на градот во моментот. Трето, сметаме дека современиот градски простор се темели пред сè на важноста на заедничкиот јавен простор во кој се споделува граѓанската различност или различните потреби на луѓето кои живеат заедно“, рече Велевски.

Од МСУ најавија дека овој проект пред македонската публика ќе биде претставен на почетокот на следната година.

Темата на годинашната меѓународна архитектонска изложба е „Слободен простор“, зададена од кураторите архитекти Ивон Фарел и Шели Мекнамара.

Фотографии: МСУ

ОкоБоли главаВицФото