Младата девојка како општествен однос (2)

28.05.2018 10:53
Младата девојка како општествен однос (2)

Сето делување на Младата Девојка, во име на кое се одрекла од сета слобода и во кое не престанува да се губи, е од козметичка природа. Во таа смисла таа наликува на целото општество, кое толку се грижи за тоа фасадата да ја одржи чиста.

 

За сексуалноста да може да се распрска низ сите подрачја од човековиот живот, најпрвин би требало фантазматски да се оддели од остатокот од животот.

 

Телото на Младата Девојка е само концесија која СЕ добива на подолг и пократок рок, што ги расветлува причините за омраза која таа ги чувствува кон него. Тоа е само изнајмена резиденција, нешто на што е само корисничка, на што само употребата е слободна и чиишто ѕидови - со оглед дека нејзината телесност е проектирана како капитал, како фактор на производство и конзумирање - ги поседува автономизираниот општествен тоталитет.

 

Младата Девојка има навика да го нарекува реифицираниот збир на своите ограничувања своја „посебност“. На тој начин таа го вреднува своето право на медиокритетство како право да биде „она што е“, значи да не биде ништо повеќе од тоа; право кое се освојува и брани.

Сите ги знаат тајните на Младата Девојка, но никој не смее да ги шири токму зашто се толку јавни колку и тајни.

 

Младата Девојка е облик на „општествена врска“, значи она што ве врзува за ова општество.

 

Љубовите на Младата Девојка се работа, и како и секоја работа, и тие станале непостојани.

 

Како празни идентитети, „мажественоста“ и „женственоста“ се само удобни орудија во спектакуларното управување со општествените односи. Тоа се нужни апстракции во циркулацијата и конзумацијата на останатите апстракции.

 

Спектаклот се сака, се рефлектира и се восхитува на себеси во Младата Девојка и против Младата Девојка.

 

Заробена во себеси, Младата Девојка не изразува ништо, таа е знак чијашто смисла е на друго место.

 

Младата Девојка е машина за деградирање во Млада Девојка на сè што ќе дојде во контакт со неа.

Младата Девојка е максималната точка на отуѓената социјализација, каде што она најсоцијализираното е најасоцијално.

 

Младата Девојка е елемент на декор, онанирачки господар на модерните услови на егзистенција.

 

Во сексуалноста, како и во парите, токму односите се она што се осамостојува од она што ги става во однос.

 

Токму преку придавањето карактер на капитал на своето тело, но воопшто и на целото свое битие, Младата Девојка станува развластена.

 

Дури и во љубовта Младата Девојка зборува со јазикот на политичката економија и управувањето.

 

Сè во Спектаклот е огледало кое на Младата Девојка ѝ ја емитува сликата на нејзиниот идеал.

 

Внатре светот на Младата Девојка, барањето за слобода е замаскирано како барање за заведување.

 

Младата Девојка го материјализира строгиот закон на пожелното.

 

Младата Девојка е анегдота на светот на доминација и доминација на светот на анегдотата.

 

Младата Девојка ја претставува магиската способност да ги претвори најхетерогените „квалитети“ (богатство, убавина, интелигенција, дарежливост, хумор, општествено потекло) во една единствена „општествена вредност“ која управува со нејзиниот рационален избор.

Спектаклот смета дека во секој може да ја разбуди Младата Девојка која спие во него. Тој трага по таа авет на униформноста.

 

Нема место за двајца во телото на Младата Девојка.

 

Тежнеењето на Младата Девојка да се преобрази во знак е само копнеж за по која било цена да припаѓа на општеството на неприпаѓање. Тоа подразбира траен напор да остане еквивалентна на својот физички изглед, на своето видливо битие. Влогот го објаснува фанатизмот.

 

Љубовта е невозможна онаму каде што доминира Спектаклот. Во рамки на начинот на кој стоката се открива себеси, подарокот изгледа или како апсурдна слабост или како нешто што зазема место во рамки на останатите размени, па оттаму е водено од „пресметаната несебичност“. Со оглед дека се претпоставува како Човекот треба да биде интимен само со своите интереси и со ништо друго, во мера во која тие не се гледаат со голо око, единствено лагата и симулацијата се остварливи.

 

Валкана игра на заведување.

 

Кога приватната сопственост ќе се испразни од сета нејзина метафизичка содржина, таа не умира непосредно. Таа се надживува, но нејзината содржина сега е само негативна: правото да ги лишиме другите од користење на нашите добра. Кога сексуалниот чин ќе се ослободи од секое иманентно значење, тој се размножува. Но, на крај, тоа е само краткотраен монопол над употребата на гениталните органи на другиот.

 

За Младата Девојка површноста на сите врски е причина за површноста на битието.

Слики: Yung Cheng Lin
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

Слични содржини

Книжевност / Теорија
Книжевност / Психологија / Теорија
Книжевност / Психологија / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото