Културолошка инклузија на луѓето со посебни потреби во Македонија

30.05.2018 00:55
Културолошка инкузија на лицата со посебни потреби во Република Македонија

Во рамки на проектот „Уметност за сите“ кој е поддржан од Холандската амбасада, Националната галерија на Македонија на 22 мај за првпат организираше трибина со наслов „ Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби во Македонија“.

Во нашата земја досега, многу малку се обрнуваше внимание на културолошките активности на луѓето со посебни потреби, а уште помалку на фактот тие директно да се вклучени во создавањето уметност. Како македонското општество пристапува кон инволвирање во културните збиднувања на оваа категорија на граѓани се обидоа да дадат одговори говорниците кои учествуваа на оваа трибина. Процесот мора системски да се решава со заедничка соработка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование, невладиниот сектор, училиштата, родителите што ќе овозможи квалитетен живот од најрана возраст. 

На трибината учествуваа: Мила Царовска, министер за труд и социјална политика, Арбр Адеми, заменик министер за образование и наука, Дита Старова- Ќерими, директор на Национална галерија на Македонија, Синоличка Трпкова професор на ФДУ, Денис Јанкуловски од невладината организација Аутизам МК и Доменика Кардула, родител.

Професорот Владимир Трајковски од Филозофскиот факултет го истакна значењето на музејот и галеријата за позитивно искуство за луѓето со аутизам, бидејќи постојат различни стилови на учење кои музеите можат да ги овозможат. „Колку повеќе музеите споделуваат знаења за аутизмот, толку се подобри шансите луѓето со аутизам да се вклучат во средината која е добредојдена за нив. Ако повеќе луѓе станат свесни за музеите и за заедницата со аутизам, светот ќе биде подобро место за живеење. Фотографијата како вид на арт терапија кај децата со аутизам може да биде ефективна при долготраен третман во групи или индивидуално, бидејќи процесот на креирање уметност го стимулира когнитивниот и емоционалниот развој, овозможува врски и води кон намалување на деструктивното однесување“, рече тој.

Според професорката Синоличка Трпкова од Факултетот за драмски уметности, општеството може и треба да направи многу повеќе за овие луѓе. Премногу се дебатира и зборува, а премалку се прави истакна таа. „Активизмот не смее да се сведе на настан. Тој би требало да биде секојдневно делување. Главен и основен проблем е мобилноста. Инклузивноста на овие лица во културата и уметноста, подразбира прво можност за достапност и пристапност до местото на настанот. Културно-уметничките образовни институции (драмската, музичката и ликовната академија) би можеле да соработуваат, односно да земат учество во оваа насока со свои кадри“, рече Трпкова.

Денис Јанкуловски од здружението Аутизам Мк, рече дека тоа е резултат на долгогодишниот револт од секојдневната дискриминација и маргинализација на лицата со нетипичен развој, особено на лицата со аутизам.

„Една од нашите цели е културолошката инклузија затоа што овие деца имаат способности и таленти кои треба да се препознаат. За таа цел потребно е организирање на театарски и музички работилници, за фотографија, ликовни затоа што преку нив ќе овозможиме некои да бидат интегрирани во општеството и директни учесници во културните збиднувања“. Тој ја потенцираше и потребата од обучени волонтери на ваквите настани а Министерството треба да ги обезбеди.

На трибината свое видување даде и Доменика Кардула, родител. „Аутизмот е специфичен. Да се навлезе во светот на децата со аутизам и од нив да се извлече она што е нивна дарба е уметност сама по себе. За тоа е потребна соработка со стручни лица, наставници и родители. Тоа кај нас е проблем затоа што не постојат стручни тимови кои би го прател растот и развојот на децата во образовниот систем и надвор од него. Наставниците во редовните училишта воопшто не се ни запознаени со оваа состојба и покрај желбата за соработка која искрно често изостанува, тие не се ни обучени. Родителите често живеат во негирање на состојбата. И така најчесто незабележано се пропуштаат дарбите на децата.

Да претпоставиме дека моето дете е талентирано за фотограција или балет. Кој ќе работи со него? Дали имаме лица од таа бранша кои се обучени за работа со аутисти? Немаме. Ние градиме куќа почнувајќи од кров. Системот е руиниран имаме една голема дупка. Нам ни треба основа на која ќе почнеме да градиме систем , а не ад хок решенија кои не даваат резултати. Според последниот извештај на Европската комисија ние сме длабоко дискриминирачко општество кога се работи за лицата со посебни потреби. Тие секојдневно во сите сегмнтти од животот се соочуваат со дискриминација.

Во последно време има некое придвижување во насока на подобрување на условите, но тоа се срамежливи чекори и одат многу споро. Родителите се оставени сами на себе во својата борба“, истакна Доминика Кардула.

Според неа потребно ни е општство кое ќе ги прифати различните, ќе ги почитува нивните права и ќе им овозможи подостоинствен живот.

Националната галерија на Македонија преку организирањето на трибини и проекти посветени на ранливите катогории на деца ја промовира културата на прифаќање и интеграција, а со самото тоа создавање на вистински можности за нивен развој, рече во своето обраќање, директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими.

„Во оваа пригода би сакала посебно да истакнам дека Холандската амбасада, како и нејзиниот амбасадор лично, во нашиот ликовно-едукативен проект „Уметност за сите“, наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование, којшто всушностпретставува програмски проект на Националната галерија на Македонија, препознаа еден квалитетен проект од европско значење и го поддржаа со значителна финансиската донација, поради што, ние и децата сме им неизмерно благодарни“, рече таа.

Овој проект ќе биде реализиран во 4 циклуси, секој од нив ќе трае по три месеци сè до крајот на 2019 година, а негова крајна цел е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп.

Она што првично претставуваше само хумана идеја базирана на ентузијазмот на поединци во институционални костуми полека стана реалност.

Националната галерија на Македонија, по бројните реализирани проекти наменети за лицата од ранливите категории во последниве неколку години, се осмели да се исправи пред еден сериозен зафат - да исчекори малку понапред од она што беше започнато во работилниците и чија цел беше да се анимираат децата со различен вид на попреченост од различна возраст, со различни специфики, социјален статус, пол, посебни потреби...при тоа нудејќи можност за социјална инклузија со вклучување на врсниците од редовната образовна програма. Односно, да им помогне на учесниците, на оние кои раскрстиле со општествените предрасуди во стекнувањето нови вештини, во совладувањето на техниките... и на тој начин образувајќи се во сферата на културата и уметноста“, додаде Старова.

На трибината ѝ претходеше изложба на фотографии од деца со аутизам „Од мој агол“.

Извор: Национална галерија на Македонија

 

ОкоБоли главаВицФото