Загубената среќа

07.09.2010 10:29
Загубената среќа

Едно поново научно истражување дошло до сознанија кои човекот со векови ги претпоставувал интуитивно. Сознанието, овој пат емпириски докажано, потврдува дека работата, секојдневниот труд, многуте обврски или како што Ниче тоа го нарекува „секојдневната реконструкција на животот на креативното суштество“, какво што е човекот, е тоа што навистина нè прави среќни.

Работата, откако го создала човекот, се погрижила и за неговата натамошна егзистенција. Повеќе од тоа, во работата лежи уште една голема придобивка. Работата не само што е најдобра медицина за нашата духовна состојба во секојдневниот живот, туку и е одговорна за фокусирање на човекот кон сегашноста и реалноста. Кој го живее исполнето денот, тој нема место, ниту потреба да си ја полни главата со негативни мисли. Не се опседнува ниту со носталгијата, а со тоа не забегува во минатото, ниту пак живее во облаци и анксиозно ја очекува иднината.

Од сево ова произлегува дека нашата власт, воопшто не работи, туку само создава перцепција дека нешто прави. Токму затоа што не се работливи, тие лесно забегуваат во минатото или нè водат во некоја бедна иднина, а како резултат на тоа, најмалку внимание и посветуваат на реалноста, на секојдневните проблеми и на решение на истите. Внимавајте, постои една ситница која не занемарлива. Тоа е разликата помеѓу работата и сработеното. Само чувството на сработено ги дава резултатите за кои зборував.

Летната офанзива на Груевски, работната акција на копање дупки, фрлање лопати и потоа затворање на истите дупки не е работа. Тоа е обична шминка. Ме фаќа страв дека Груевски и Паско Кузман во овие четири години ископаа толку многу дупки низ државава што малку фали да им ја украдеме водата на сите соседни земји.

Од друга страна, ако градењето на тениски игралишта го издигнеме на ниво на национален приоритет, тогаш мислам дека сме на одличен пат. Само едно нешто не разбирам, како тоа премиерот фрла лопати на камен темелници за тениски игралишта? Камен темелник за тениски игралишта?! До каде само отиде манијата да се фрла лопатата, да се создаде перцепцијата дека нешто од темел се гради? Или прават тениски игралишта на спратови или премиерот и неговите се помешале со катна гаража!

Но ако се оддалечиме од летните популистички фестивали, од изјавите како премиерот не ни помислува на летен одмор и ако размислиме колку суштински проблеми се нерешени и несработени, тогаш ќе заклучиме дека овој премиер и оваа влада реално не ни заслужуваат одмор. Не заслужуваат, затоа што Груевски не работи за нас, тој работи само за себе. За на крајот да ја победи и науката, неговата среќа, се нашата тага и мизерија.

Станува очигледно дека од многуте работи кои се сменети во Македонија во последната деценија, најмногу е сменета нашата перцепција за среќата, како индивидуалната, така и колективната. Прво, како што веќе спомнав, таа не ја прегрнува суштински сегашноста, непостојна е во реалното и практично секојдневие кое треба да има капацитет, сила и волја да направи проекција кон една здрава и просперитетна иднина. Среќата денес е свртена кон сегашноста единствено како борба за гола егзистенција. Но кога човек мора да се бори со најесенцијалното, тогаш тој нема време ниту за креирање, ниту за уживање во среќата. Денес немаме сила среќата да ја проектираме нанапред, кон идните генерации, кон оние што доаѓаат. Меѓу многубројните работи кои оваа власт успеа да ги уназади, економските и политичките критериуми, па сè до општествените и културолошките вредности, на крај на нештата, најмногу ја промени динамиката на нашето поимање на среќата.

И не се проблем само лошите перформанси на оваа влада. Бесперспективноста и ниските модели кои ги наметнуваат е тоа што влијае на нашето поимување на среќата. И еднаш кога тоа поимување ќе се промени, тоа ќе има силни реперкусии врз политиката и врз економијата.

Токму подемот на Груевски и неговото одржување е последица и е најдобар пример за новиот начин на перцепирање на среќата. Падна, опасно е паднато нивото на луѓето, кога успеваат антрополошки, физиономиски и интелектуално да се идентификуваат со таков профил. Кога бараат засолниште и се потхрануваат со лагите и со безбројните неостварени ветувања. Кога сакаат некој да ги лаже во очи за нивната историја и за реалноста, кога можат да се помират со заблудата дека нивната иднина е само физички да опстојат и да јадат корења.

Кога немаат проблем со секојдневието исполнето со злоупотреби и манипулации, со совеста која им кажува дека нешто сериозно не е во ред и кога не бараат верификација на ветеното, кога никој не го повикува одговорниот на одговорност. Жалосно е кога цел еден народ, наместо да аспирира кон некои повисоки цели, кон нешто подобро, поголемо од себе, па макар успеал во тоа само до пола, одбира да се ограничи и да го следи оној што нуди просечност и нискост.

Во целосната инволуција на политичкиот вид, Македонецот избра да ја следи просечноста. Оттука и заклучокот дека сме одбрале да не еволуираме повеќе. Верувајте, ова е не е обична критика, ова е јасен и неоспорлив податок.

Страшно е вака да се живее, без компас и несреќни. Страшно е затоа што не постои свеста дека моралната перверзија и деформациите кои ги живееме се нашиот ѕид кон иднината, нашите срушени мостови. Но, иднината одамна не е поле на интерес за оваа земја и за овој народ, кој се обидува, но не може да ужива во едноставната и проста реалност која му ја нудат. Кога човек мисли дека може лесно да успее, кога се надева дека лесно ќе се збогати, кога правилата важат само за слабите и кога големите криминали ќе ги сведеме на рангот на ситни и веќе видени гревови, ете како тогаш иднината воопшто не ни е потребна. Ете како сме се откажале од среќата.

Среќата е заразна, таа е како вирус и се пренесува од човек на човек. Таа не се пренесува ниту преку телефон, ниту преку телевизија, што е доказ дека нашите емоции ги следат логиките на еволуцијата од некое друго време, пред комуникациските технологии и манипулациите кои доминираат со нашиот живот.

Среќата е моторот на едно општество, затоа што среќата е демократска, се стреми кон мнозинството и како ретко која состојба, чувството на среќа е исто за сите. Среќата е солидарна и знае за еднаквост, затоа што кога еден човек е среќен, во мозокот на тој до него се активираат истите зони кои се активни кај соговорникот.

Кој примил среќа, најчесто возвраќа со среќа. Преку среќата луѓето се на иста бранова должина; проширете го тоа на едно општество и добивате неверојатен двигател и мотив за нешто заедничко. Сме заборавиле што е вистинска среќа и што е среќа која не е само лична, која не е првенствено во богатството или парите, туку во заедничкото живеење на една поубава реалност и подобра иднина. Таа среќа Груевски ја нема и таа среќа со пари не се купува.

Фотографии: Juna Almid Herminem

Почнав да го читам текстов и

Почнав да го читам текстов и викам супер, се збори за среќа се до  третиот пасус кога стана досадно. И навистина Ниче рекол така, но рекол и дека ... Надежта е најлоша од сите зла, бидејќи ги продолжува измачувањата на човекот (или слично)...
Како и да е, досадата е полоша, а и не гледам креативност овде, уште повеќе што велите прво да си го средиме креативно нашето секојдневие, а за тоа може и без власта .... Како таа да е мувла што мора да се провлекува низ секој текст на ова поднебје. О боже, што би рекол Ниче кога би дошол во Македонија, таа мисла не можам ни да ја замислам...

Проклетството на првиот

Проклетството на првиот коментатор, мора да читаш од оригиналниот текст. Освен(!) ако не си ептем брилијантен, па да се фатиш за насловот, и да го цедиш и исцедиш до последниот потконтекст и последниот атом и последното можно значење.
Од вториот натака, многу е полесно. Ако ги земеш коментарите и од нив го реконструираш текстот, може да добиеш лепенка, точно, но може па и да добиеш чисто злато. Зависи од алхемијата применета, од суровината, а и од толчачите на истата... Не заборавајте, мал но практичен шорт-катинг може да биде од голема корист.

Добро, пирамидата на Маслов

Добро, пирамидата на Маслов ги објаснува темелите од кои започнува она кое го нарекуваме среќа/креативност..
Мене ми се допаѓа начинот на кој авторот на текстов го доловува премиерот, лопатите, фолиранциите од секојдневието.

ОкоБоли главаВицФото