Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (13) ‒ Брехт, Кангулем, Арент, Питкин, Паточка, Хавел

30.05.2018 19:01
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (13) ‒ Брехт, Кангулем, Арент, Питкин, Паточка, Хавел

БЕРТОЛТ БРЕХТ

Брехт уште во најмладите креативни години сфатил дека општествените и уметничките каузи се неразделно врзани. Во 1920 години, кога имал само 22 години, тој пишува: „Додека ги средувам своите стихови низ главата ми се врти примерот на Роден кој сакаше своите ’Граѓани на Калè на пазарот да ги постави на толку ниско постоље за живите граѓани да не бидат пониски... Така и песните, треба да се тука, меѓу луѓето.“

Истата година, наесен, конципирајќи ја драмата „Давид“, Брехт пишува дека е неопходно тесно да се поврзат мотивите и дејствието на драмата со политичките настани. „Целата психологија треба да се раствори во акција ‒ бидејќи политиката е премногу интересна за да биде употребена како додаток.“ Уште тогаш, на млади години, Брехт матно чувствувал дека секоја сфера на човековиот живот стигнала во областа на политиката и дека, според тоа, и самата уметност станува идеологична а законите на општеството сè повеќе го проникнуваат уметничкото дело.

Брехт ‒ мерка против силата

ЖОРЖ КАНГУЛЕМ

Еве еден конкретен пример кој го надградува „Принципот на Солженицин“ и кој укажува како чесниот човек може да реагира во невреме. Примеров го изнесувам и во слава на убиените француски карикатуристи од „Шарли Ебдо“. Овој историски настан всушност го изнесува Жорж Кангулем во 1980‒та, на конференцијата „Мозокот и мислењето“, раскажувајќи како реагирал големиот еврејски филозоф Спиноза на политичкото убиство на својот пријател Јан де Вит, кого го убиле оранжистите. Убиството на пријателот го навело Спиноза да преземе ризик, да излезе на улица и да постави плакат на кој самиот напишал: „Ultimi barbarorum ‒ бранењето на сопствената воздржаност наметнува повремено излегување од таму“.

Ultimi barbarorum!

ХАНА АРЕНТ

Луѓето се моќ без да ја имаат. А дури и „моќните“, чии одлуки влијаат врз стотици илјади луѓе, се неспособни да го променат инертниот тек, сè додека секој од нас продолжува да работи онака како што работи сега.

Затоа Хана Арент беше во право кога инсистираше дека она што ни е потребно е политизација, придвижување на оние што сега се потчинети, повлечени, или немаат одговорност, според нивните сопствени можности, потреби и одговорности. Политизацијата овде не го подразбира ниту растечкото управувачко навлегување во приватните животи на луѓето, ниту должната потчинетост спрема официјалните авторитети, туку, напротив, таа подразбира одговорно и делотворно учествување во самовладата (себевладеењето), која им се обраќа на стварните проблеми и потреби.

Што да се прави? Цивилно општество!

ХАНА ПИТКИН

Слаба утеха е што чувството на апатија и резигнација има глобални димензии. Она што обесхрабрува е дека проблемот сме ние; но, и она што охрабрува е ‒ решението сме ние. Ние и како учесници во локалниот живот на една квази држава, но и ние како учесници во глобалните процеси каде што се случува истото: превреднување на старите политички модели и создавањето поинакви географски и политички парадигми. И на двете нивоа сè уште ја поседуваме моќта, барем во онаа форма за која пишува Хана Питкин: проблемот на општественото е во тоа што луѓето се моќ без да ја имаат, и во тоа дека дури и „моќните“, чиишто одлуки влијаат врз стотици илјади луѓе, се неспособни да го променат инертниот тек сè додека секој од нас продолжува да работи онака како што работи сега.

Со дејствување против апатијата

ВАЦЛАВ ХАВЕЛ, ЈАН ПАТОЧКА

Неколку дена пред смртта големиот европски филозоф Паточка напишал: „Мнозина ме прашуваат дали Повелбата 77 ќе ја слоши состојбата во нашето општество? Отворено ќе им одговорам: ниедно подаништво не водело кон подобрување, туку само кон влошување на состојбата. Колку се поголеми стравот и сервилноста, толку повеќе моќниците си дозволуваат и ќе си дозволуваат. Не постои друг начин тој притисок да се намали освен да им се предизвика чувството на несигурност, кога ќе видат дека неправдата и дискриминацијата не се заборавени, дека над сè водата не се затвора“. Во записите објавени по смртта Паточка вели: „Луѓето денес одново знаат дека постојат нешта поради кои вреди да се трпи. А нештата поради кои евентуално трпиме, токму се оние поради кои вреди да се живее.“

Подоцна својот познат есеј „За моќта на немоќните“ Хавел ќе му го посвети на Јан Паточка, повикувајќи се на неговите тези: „Најпосле вистината треба да се каже гласно и заеднички – без оглед на кои било санкции што ќе уследат, без оглед на несигурноста на надежта дека тој чин во предвидливи времиња ќе донесе опиплив резултат“.

Едно делче од друго славно писмо на Хавел кон Александар Дубчек (водачот на КП на Чехословачка за време на Прашката пролет) може да биде мошне инструктивно и за денешните македонски политичари: „Ако го одбереш патот на вистината, луѓето ќе разберат дека идеалите и моралниот ’рбет секогаш мораат да се зачуваат. Понекогаш постојат моменти кога политичарот може да постигне вистински политички успех само тогаш кога ќе ја заборави испреплетената мрежа на политички односи, анализи и калкулации и едноставно ќе почне да се однесува како чесен човек. Обичните човечки мерила во еден дехуманизиран свет можат да делуваат како молња која со ненадејниот јасен блесок ја осветлува мрачната краина.“

„Нормализација“ и „Преродба“

Фотографии: Alex Prager

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото