Ветувањата на градоначалниците до граѓаните на едно место

31.05.2018 01:20
Ветувањата на градоначалниците до граѓаните на едно место

Порталот „Вистиномер“ и Фондацијата „Метаморфозис“ го најавуваат својот нов проект,  апликацијата „Партиски ветувања“.

„Сакате ли од едно место да имате пристап до над 550 ветувања на речиси сите градоначалници во Македонија, да можете да пребарате што ветил Вашиот градоначалник и со тек на времето да ја имате таа опција да можете да следите како се или не се исполнуваат неговите ветувања? Или, пак, преку пребарување по клучен збор да ги откриете сите ветувања дадени за конкретна област од јавен интерес? Или, пак, да можете брзо и едноставно да откриете кои се приоритетите на градоначалниците во различни делови од земјата?“, прашуваат од Вистиномер.

Одговорите на овие прашања и многу повеќе е овозможено преку мобилната и веб апликацијата „Партиски ветувања“, изработена од редакцијата на порталот за отчетност и транспарентност „Вистиномер“, кој работи во рамките на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје, при што целиот проект се спроведува со поддршка на Националната фондација за демократија од САД (NED – National Endowment for Democracy).

Апликацијата ги содржи новите предизборни ветувања кон граѓаните на победничките кандидати за градоначалници и нивните партии дадени пред локалните избори од 15 октомври 2017 година и тоа и преку нивните предизборни програми и преку јавните настапи. Таа ќе биде постојано ажурирана со нови ветувања, проверки на нивниот статус, текот и доследноста на спроведувањето, но и со оценки за нивната исполнетост, откако ќе бидат направени неопходните новинарски истражувања и анализи.

Граѓаните и корисниците на апликацијата можат во секое време да се обратат и директно до редакцијата на „Вистиномер“ преку нивниот веб сајт, преку нивната Фејсбук страница или Твитер профил  ако сакаат да биде вклучено, проверено и оценето некое ветување кое е од нивен особен интерес или од интерес на локалната заедница.

Апликацијата за Андроид мобилните уреди може да се преземе овде, додека веб апликацијата може да се прегледа овде.