Со концерт на „Јупитер и Оквес“ од Конго почнува 17. ОФФест

31.05.2018 15:43
Со концерт на „Јупитер и Оквес“ од Конго почнува 17. ОФФест

Шестчлениот бенд „Јупитер и Оквес“ од Конго, вечерва во 21 часот, ќе го отворат 17. „ОФФест“. „Јупитер и Оквес“ кои вторпат гостуваат на фестивалот е предводена од вокалот Јупитер Боконџи и негуваат доминантен румба-стил, но истовремено и повеќе други ритми и стилови.

Нивниот последен албум „Kin Sonic“, објавен во 2017 година за „Glitterbeat Records“, продолжува со истражувањата и патувањата низ богатото музичко наследство на Конго.

Концертот ќе се одржи во Денсинг салата на Младинскиот културен центар, каде што утревечер ќе настапат „Фајтинг виндмилс“, единствените учесници од Македонија годинава, кои ќе го промовираат новиот албум „An Exercise in Surprise“, како и американско-австралиско-турскиот состав „Диртмјузик“.

Во наредните денови на 17.ОФФест се и концертите на „Офичина Зое“ од Италија, „Ифрикија Електрик“ од Тунис, „Бармер бојс“ од Индија, француско-италијанскиот бенд „Транс аеолиан трансмисион“, пејачките Гаје Су Акјол од Турција и Уму Сангаре од Мали, како и настапот на диџеј Мукамбо од Белгија.

Концертите ќе се одржуваат во Младинскиот културен центар (Дансинг сала и кино „Фросина“), а последниот (на африканската пејачка Уму Сангаре) ќе биде во Македонската опера и балет. Фестивалот ќе трае до 5 јуни.