Името не го даваме!

01.06.2018 00:16
Името не го даваме!

Како се припокажува можноста да се реши проблемот со името, така македонските националисти, задртите шовени и цел куп други „загрижени“, вмровци во нокдаун, разни тодорпетровци, ристониковци, влаховмицови, се мобилизират во ставот дека не треба да се дозволи било какво решение за проблемот кој безмалку три децении нè одредува да се препелкаме во сопствената немоќ, незнаење, назадување и очај.

Обвинувањата дека оние кои ќе ја дозволат промената на името ќе бидат злосторниците кон сопствениот народ, предавници на нацијата, историјата (нивна), наследството, традицијата, иднината. Нивното исклучиво никогаш необјаснето тврдење е дека со промената на името во било каква форма и димензија ќе се придонесе за губење на идентитетот, пред сè. Се зборува за геноцид, велепредавство на сопствениот народ.

Се јавуваат бранители од типот на Тодор Петров кој пред триесеттина години ја блокираше границата кон Грција и може да се смета како првоборец на традиционално затегнатите односи со Грција еве веќе три децении. Како логистика ги користат милитантите од дијспората кои одамна имаат проблем со сопствениот идентитет и Стојан, Ѓорѓи и Петре сега како Стив, Џорџ, Питер го бранат идентитетот на јазик кој не го знаат, а сепак така здушно го бранат.

И сите други кои зборуваат за губење на идентитетот, од набедени историчари, ексдипломати, интелектуалци (!?), говорат за ова како свршена, ноторна работа. Велат дека со промената на името готово е со идентитетот, зашто така било и така е (!?) Што „било“ и што е „така“од никого досега не сме чуле. Ниеден валиден, суштински аргумент за автоматското губење на идентитетот со модификацијата на името!

Во основа или се работи за длабоко незнаење или за чиста злоба на сопствена штета или за нивен длабок сомнеж во самите себе.

Размислуваме, на пример, дали Англичаните пред неколку векови (со Шкотите, Велшаните, Ирците), свесно го заложиле својот идентитет преименувајќи ја својата земја во Велика Британија (географска одредница која прави разлика од француската Бретања). Или дали за седумдесеттината години на Советскиот Сојуз, Русите како предоминантна нација свесно го заложиле својот идентитет, па не знаеле кои се и што се? Што станало со Валонците и Фламанците кои за свое име за заедничката држава избрале име од антиката. Во заедничката држава си останале не помали Валонци и Фламанци кои се Белгијанци.

Или, дали се франкофонските граѓани од Квебек помалку Канаѓани од доминантните англофили? Да не зборуваме за Кинезите од Сингапур, кои се 74,3% од популацијата, и кои за прв официјален јазик го избрале англискиот (за никој да не доминира) рамноправно со кинескиот, малајскиот (13,3) и тамилскиот(9,1%).(Патем , ова би бил и аргумент во расправата за нашата двојазичност.) Или да се запрашаме, колку ли е загрозен идентитетот на Германците; нивната земја Французите ја нарекуваат Алмањ, Италијанците Тедески, тие себе се нарекуваат Дојчланд, а повеќето други ја именуваат како Германија. Колку ли сите овие погоре наведени изгубиле од својот идентитет? По логиката на нашите загрижени и повикани за ова прашање мора досега сосема да го изгубиле идентитетот.

Едноставно веќе не постојат? Или можеби не?

Затоа ова лелекање за губењето идентитет се чини како лигава приказна диригирана од оние кои досега не се покажаа кадарни да решат овој навистина значаен проблем. Или проблемот и не е бил толку сложен колку што била голема желбата на сите досегашни криминални инсталации во власта (зборувам и за оние пред Груевски), да манипулираат со нас? Тие цело време имаа неверојатно добро оправдување да нè држат во стравот дека некој сака да нè уништи, а тие се тука за да бидат бескомпромисни, тврди, непоустливи, и да стојат на браникот на татковината (и идентитетот). И да растураат од заедничката каса.

Нерешавањето на проблемот им беше одлично оправдување за нашата стагнација, назадување, за нашата мизерија во цивилизациска смисла; а на младите луѓе, во меѓувреме, единствен излез им е да побегнат од тука.

Сега ерга омнес примената на името е нивниот главен шлагворт. Уставот ќе се променел! Па ние Уставот го менуваме веќе неколку пати. И постреферендумскиот од 1992. Менувавме и знаме. Таквите промени за нас нема да бидат ништо ново. Навикнати сме. Во последниов век, од Румелија под Турците, сме биле јужносрбијанци, вардарци, а како држава Федерална РМ, Народна РМ, па Социјалистичка РМ, па РМ, ПЈРМ... Во меѓувреме Грците нè нарекуваа скопјани, Бугарите бугарски Македонци или македонски Бугари, Србите нè мајтапеа како Срби со говорната маната... И сè тоа во само еден век! Навиката да менуваме имиња со или без некоја одредница би требало да ни е веќе апсолвирна. Би бил загрижен ако алтернативата на неменување би било исчезнување. А тоа е некое балканско проклетство заради постојаното кроење и прекројување на овие мали територии.

Луди глави има и во Србија и во Бугарија, Грција, Албанија. И кај нас, впрочем. Можеби не се мнозинство, но можат да станат ако им се укаже прилика. А нашата „непопустливост“ би била таква прилика.

Слики: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото