Синиша Лабровиќ: Не се плашам од одмазда

01.06.2018 02:00
Синиша Лабровиќ: Не се плашам од одмазда

Под наслов „Невиден циркус на Главната железничка станица, луѓе потпишуваат иницијатива за заштита на свештениците педофили!“, еден од најчитаните портали извести за акцијата на перформанс уметникот Синиша Лабровиќ кој, додека траел „Маршот за живот“, на загрепската железничка станица собирал потписи за референдум, како дел од иницијативата „Да ги заштитиме свештениците од обвиненија за педофилство“. Акцијата беше изведена во рамки на „Квир Загреб 2018“. Лабровиќ го украсил штандот со хрватското и ватиканското знаме и ги повикал граѓаните да се изјаснат дали сакаат во Уставот на Р. Хрватска да се забрани гонење на свештениците, бискупите и надбискупите на Католичката црква во Хрватска, како и на учителите по веронаука за кривичното дело полово злоставување и искористување на дете.

Дали успеавте да соберете потписи?
Собрав околу 60 потписи, но иницијативата продолжува и во мај, иако без штанд, се надевам дека меѓу нас уште има идеалисти кои веруваат во невиноста на свештениците. Многу луѓе ми се јавија, па со мене ќе ја носам целата документацијата за да им овозможам да се потпишат.

Какви беа очекувањата? Дали се надевавте дека ќе има поголема поддршка?

Тешко ми е да оценам дали 60 потписи се малку или многу. Ако гледате по проценти, Хрвати да имаше колку Кинези, овие 60 луѓе во Кина би биле 733.826, 53 Кинези или Хрвати кои се Кинези. Факт е и тоа дека мојата гласачка база што се одржуваше за време на Маршот за живот, не ја одржа дисциплината и наместо да дојдат да се потпишат, тие се растрчаа по „Икеа“ и „Емезети“. На крајот испадна дека се потпишале шеесетината најверни. Иницијативата не беше базирана на квантитет, туку на квалитет. Не ме интересираше бројот на потписи, туку пресекот и примерокот на луѓе што ќе се потпишат. И успеав во тоа. Многу сум задоволен како реагираа Хрватите.

Што беше всушност целта на акцијата?

Целта на акцијата беше да се обрне внимание на растојанието помеѓу идеалитетот на законот и неговата вистинска примена. Имаме налудничава пракса, многу погубна за жртвите на свештеничката педофилија, според која сторителите на кривичните дела интерно ги истражува Црквата, која потоа според сопствено наоѓање ги казнува или не ги казнува. Наводно и во последниот случај во Сплит, исходот ќе биде исфрлање од Црквата. Се надевам дека свети Петар кај финалната пресуда и тоа ќе го земе предвид, но при одлучувањето би требало да се земе предвид и земната правда, „јунакот“ да се појави на суд да се утврди што се случило и врз основа на тоа да се донесе пресуда. Се разбира дека никој не може да ги ослободи жртвите од нивната болка и јад, но мора да постои одреден вид општествена сатисфакција и, што е подеднакво важно, судската пресуда би делувала отрезнувачки врз општеството.

Има и други причини, меѓу нив се и уметничките. Го сакам тој тип мимикриски повеќезначни перформанси, да не е јасно дали иницијативата е сериозна, пародична, саркастична, идеалистичка, дали сум „курвин син“ или „борец за правда“...Можеби овој проект и по малку од сето тоа. Исто така, како што рече Горан Трбуљак, тој перформанс го одржува континуитетот во моето творештво. Многу е важно да се укажува и разоткрива лицемерието и позицијата на Католичката црква во хрватското општество, таа станува новата Комунистичка партија. И Црквата и комунистите па и другите арогантни идеалистички секти можат внатрешно самите себе ритуално да се (само)критизираат и „другарски“ да се преиспитаат, тоа ја зајакнува внатрешната кохезија, но кон надвор сакаат да ја задржат позицијата на законска и општествена недопирливост.

Постојана хистерија

Споменавте дека имате и други причини. Дали сте биле жртва на педофилските склоности на свештениците?

Не, никако. Ги поминав сите чекори во Црквата и ги добив базичните тајни, од крштевка до кризма. Моите искуства се позитивни. Имав големи очекувања во 1990 година, надевајќи се дека Црквата ќе учествува во демократската и моралната преобразба на целото општество, особено заради лошите искуства со авторитарните и диктаторските режими. Требаше да им биде јасно дека уште едно насилно унифицирање, некритичноста и наметнувањето на лажна сакралност во општеството можат да бидат погубни.

Повторно се покажа дека власт е сласт и дека волјата за моќ е многу посилна. Сега ми е појасно што мислеле комунистите кога зборуваа за клерофашизам. Но, нужно е и потребно е да се задржат разликите секаде каде што има место. Не сакам да создавам нова хистерија што би била контра нивната хистерија, а камоли да ги изедначам сите луѓе кои ѝ припаѓаат на Католичката црква со оваа манија и од нив да правам непријатели. Но, сепак, би било добро некои јавно да се изјаснат за тоа што се случува во нивните редови. Врвот и јавно видливиот дел од Црквата, ми се чини, дека прават работи што се опасни за општеството.

Дали луѓето што се потпишаа за иницијативата воопшто гледаа што потпишуваат?

Голем дел од тие луѓе веќе е длабоко автоматизиран и на некои појави реагира во павловски рефлекс. Штом видат знаме и две три излитени пароли кои звучат повикувачки и мотивирачки, а сето тоа следено со чувството на автовиктимизација, загрозеност и поттикнување на желба за одмазда, им потекуваат патриотските лиги. А и атмосферата е таква што постојано нешто се потпишува. Буквално на влезот во црквите поставиле маси. Многу би ме интересирало од каде тој идеализам на луѓето кои по цели денови стојат на штандовите и собираат потписи. Не знам дали може да се надевам на некое материјално помазание.
Факт е дека тие организација фантастично си ја работат својата работа. Треба да се има предвид речиси непостоечката традиција на демократија, додека од друга страна имаме силни последици од авторитарноста и слугинска покорност кон моќта. Авторитетот и власта кај нас се поистоветени, а демократија почива на разликата помеѓу тие два поими.

Затоа и имаме заплашено и лицемерно општество во кое луѓето се автоцензурираат и се повлекуваатза немаат проблеми, дури и универзитетските професори се однесуваат според тој модел, тргајќи се пред овие што си дале правода дефинираат кој е добар, а кој лош Хрват. Таа постојана хистеризација и сведување на комплексните прашања на две-три пароли, со константно ширење на страв и вознемиреност доведе до вакво општество. Кога разговарате со клиентите на тие организации, тие навистина се чувствуваат прогонето. Тие навистина мислат дека се прогонети. Интересен е примерот на една постара госпоѓа, која на штандот ми рече дека тие не сакаат, прво, женското да се претвора во машко, па да престане да зема машки хормони, потоа да забремени и како маж да роди. Таа е преплашена дека наскоро болниците ќе бидат полни со мажи што раѓаат.

Многу се зборува дека Хрватска има големи демографски проблеми, па ако навистина сакаме повеќе луѓе, зарем не би било пожелно да во име на семејството и другите да ја свртат острицата на својата моментално гнасна пропаганда и почнат да уверуваат дека решението е и дека на Бог му е мило сите да раѓаме, и Хрватките и Хрватите, свештениците и лаиците? Убаво би било да се види бремен Бозаниќ кој носи близнаци, а Маркиќ да го милува по големиот стомак.

Дали е тоа подготовка за некој нов перформанс?

Веќе го поминав зенитот на плодноста па ми се чини дека е малку доцна да влезам во авантурата на блажена состојба. Но, ако постојат такви можности, би размислил. Признате дека би било општествено релаксирачки да се види како бремен свештеник држи богослужба или фратр кој при благослов на куќата со домаќинката разговара за техники на раѓање и користа на стенкањето во процесот на породување што е пред него.

Таа госпоѓа што ја спомнувате, знаеше што потпишува?

Знаеше, но не е свесна за сите последици. Имаме историско наследство какво што имаме, а исто и образование, па уште и мачно искуство со структурите на власт во Хрватска – се настојува луѓето да се претворат во објекти на одреден процес, не во субјекти. Така е во училиште, во општеството, често и во семејството, на работа. Ние трпиме, не живееме. И тоа ни е нормално. Мојот татко беше уверен дека војската ќе ме направи човек. Тука е и патосот на страдањето. Целата таа атмосфера произведува чувство на војничка субординарност, па преовладува ставот дека тие свештеници педофили можеби и треба да се осудат, но проблемот е во тоа што сатанските медиуми ќе ја искористат таа осуда за да го срушат авторитетот на Црквата, како што се случи во САД, Ирска или Чиле. Значи, луѓето мислат дека е подобро да се затворат очите...Поразителен е фактот дека луѓето често имаат иницијално сомнение, но многу брзо се откажуваат од него ако некој авторитет им каже дека така треба. Имаше и такви што автоматски се потпишуваа и такви што дошле со одредена ароганција и почнаа да зборуваат за „нас“ и за „нив“, па дека „ние“ треба да им покажеме „ним“.

Се разбира се покажуваа и членски книшки од ХДЗ. Некој ми донесе „Hrvatski tjednik“ со препорака да го прочитам. Имаше и декларативни верници кои не сакаа да се потпишат затоа што не се согласуваат со простување за педофилите. Има и збунети, распнати помеѓу сопственото мислење и авторитетот. Еден од нив ми предложи за свештениците да се воведе имунитет каков што имаат собраниските пратеници. Ако би имало сомнение, тој имунитет би им се укинал. За мене можеби најинтересен пример беа две студентки по теологија на кои некој им кажал за иницијативата па дошле да видат за што се работи. Детално им објаснував што се обидувам и, слободно може да кажам, беа воодушевени. Се изјаснија како вернички, но дека им е срам од тоа како изгледа Маршот за живот и какви транспаренти се носат. Тие се против толпата и хистеризацијата. Едната од нив пишува текстови со ставови кои ги застапува папата Фрнсис, но во Хрватска нема каде да ги објавува, па ги оги објавува во Австрија. А можеби и се плаши дека никогаш нема да се вработи.

Социјални игри

Очигледно, стравот е длабоко всаден во луѓето?

Длабоко и толку го има што веќе не се препознава како страв. А камоли да се анализира да се бори против него и неговите агенти.

Црквата ги крие грешниците како змија нозете?
Добро би било да се знае колку има вистински случаи и колкумина за казна се само преместени од една во друга општина. Овој последен случај во Сплит би можел да биде почеток на поинакви процеси, да почне да се врши притисок врз институциите конечно да почнат да си ја работат работата, да не се случи луѓето да ја земат правдата во свои раце. Одмаздата е катастрофа. Ме контактираа повеќе луѓе кои се блиски со жртвите и кои дадоа поддршка. Исто така, ме предупредуваа на лошите примери, како свештеникот Чучек, кој и по процесот заради педофилија, не само што останал да биде свештеник, туку и речиси секојдневно доаѓал во Каптол.

Повеќе пати спомнувате егзистенцијални проблеми. Се плашите од одмазда?

Не се плашам од одмазда, но не сум луд да не знам каде живеам и кои се можните последици од хушкањето. Колку што можам одбивам да чувствувам страв или да постапувам како што би налагал стравот. Совеста ми е мирна, тоа ми е важно. Еден дел од одмаздата веќе доживеав. Кога во 2000 година направив перформанс на превивање на раните на минираниот споменик на партизаните во Сињ, од Црквата ми беше јасно порачано дека никогаш нема да добијам вработување во училиште. Ветувањето е исполнето, па се откажав по девет години. Мора да бидеш подготвен за последици. Сепак поважно ми е дека сите овие години уживав додека ја работев оваа работа, макар што имаше егзистенцијални проблеми, несоници. Но пак, има и такви кои поминаа многу полошо од мене, а беа невини.

Не се доживувате како невин?

Никако. Во многу мои перформанси јас сум многу сомнителен и мојата улога е двосмислена. Сакам да ме пофалат за делото, но се згрозувам од улогата на праведник и профет. Секој е вреден за сомнеж. Јавна личност сум и учествувам во социјалните игри, го кажувам тоа што го мислам – тоа е огромна привилегија, а доволно сум паметен да сфатам дека тие стануваат сè помоќни, поорганизирани и побогати. Не можам да очекувам дека Бандиќ ќе ме поддржи ако направам перформанс за него или за министерката Нина Обуљен. Не сум наивен, но сè уште сум тука. Косата не ми е побелена, имам пријатели и семејство што не се откажа од мене, неколку пара пантолони и неколку стотини куни во џеб.

Во 2016 година имавте перформанс во кој баравте пари од луѓето?

Тоа, всушност беше тест за нивото на толерантност на општеството. Ден пред Бадник, на пазарот во Трешњевка стоев со транспарент: „Јас сум комуњара и невереник. Молам за помош за среќен Божиќ“, иако не сум ни комунист, ниту неверник. Не доживеав ниту една закана или навреда. Само понекое дофрлање. Иако не ме поддржаа, луѓето барем се смееја. И така собрав 476 куни. Една Херцеговка, ја препознав по акцентот, ми даде десет куни и ми рече: „Нека ве има, ние да имаме со кого да се гониме!“. Значи се согласи на играта и покажа дека не мора исто да размислуваме за да може да разговараме.

Извор: Novosti