Контраспин: Ветувањата на СДСМ за цел мандат Мицкоски бара да биле исполнети за една година

02.06.2018 02:16
Контраспин: Ветувањата на СДСМ за цел мандат Мицкоски бара да биле исплонети за една година

Манипулација е и спинување ако ветувања на една политичка партија дадени за до крајот на мандатот, друга политичка партија ѝ ги предочува како неисполнети во рок од една година од преземањето на власта. А Мицкоски го прави токму тоа.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на собир на граѓани и симпатизери на неговата партија даде изјава која ја оценуваме како извртена вистина, т.е. спин:

Спин: Имаме една година полна со лаги. Имаме една година полна со нереализирани ветувања, со неисполнети очекувања. Имаме една година позади нас каде што се изгуби она ветување за 500 евра просечна плата, се изгубија оние 100.000 денари ветувања за специјалистите доктори, се изгубија поголемите субвенции за земјоделците, се изгубија поголемите стипендии за младите луѓе, се изгубија сите оние средства кои што треба да бидат одвоени за подобрување на стандардот на младите луѓе, се изгубија ветувањата за поголеми пензии за пензионерите, се изгубија ветувањата за што уште не, а тоа е така затоа што не знаеја што ветуваат, ветуваа напразно и ветува само шарени лаги, истакна Мицкоски

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – датум: 01.06.2018]

Контраспин: Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на зачестените средби со граѓаните во општините и населените места користи генерализирани реченици и оценки за владејачката СДСМ, со цел да прикаже дека сите ветувања што ги дале се неисполнети. Па, така, на средба со граѓани и симпатизери од Ѓорче Петров, Мицкоски искажа неколку извртени вистини, односно спинови за дел од ветувањата на владејачката партија.

Прво, не е целосна вистина дека владејачката партија управува цела една година, и тоа е само формално вистина, а нешто што треба да се земе предвид е дека еден извесен период од мандатот, од околу 2 месеца, се истрошени без ефективни мерки што би можела да ги презема Владата или Собранието поради локалните избори во есента 2017 година, плус период од повеќе недели кога опозицијата го бојкотираше Собранието при крајот на 2017 и почетокот на 2018 година.

Второ, не е вистина, односно извртена вистина е дека „имаме една година позади нас каде што се изгуби она ветување за 500 евра просечна плата“. Ветувањето за просечната плата од 30 илјади денари или околу 500 евра е запишано во Изборната програма на СДСМ уште во почетните страници, 3 и 4, но тоа важи за до крајот на мандатот на Владата, односно за период од 4 години, а не за една година. Впрочем, веднаш до тоа ветување е исполнетото ветување за минимална плата од 12 илјади денари уште во 2017 година.

Трето, извртена вистина е дека се „изгубија оние ветени 100.000 денари за докторите специјалисти“. Конкретното ветување во истата изборна програма на СДСМ, на стр. 138 гласи:

До 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра.

Како што може да се види, ниту ова ветување не е за една година и не е загубено, зашто веќе има одлука за зголемување на платите кај оваа категорија за 5 проценти, а се најавува зголемување со евентуалниот и најавуваниот ребаланс на буџетот во текот на јуни или почетокот на јули годинава.

Четврто, само делумно е точно дека за една година се изгубија поголемите субвенции за земјоделците. „Вистиномер“ веќе има вршено проверки на оваа тема и на ветувањето за 160 милиони евра за земјоделците. Тоа ветување не е дадено со стриктен рок од една година, туку, исто така, важи за мандат од четири години, а терминот е „годишно“. И второ, сегашната подршка за земјоделците е околу 140 милиони евра, а буџетот на Агенцијата што ја извршува таа обврска е зголемен за половина милион евра во 2018 во однос на 2017, плус како индиректна помош може да се земат и повеќе милиони евра кои се ослободуваат од други фондови: ослободената јапонска помош од шест милиони евра, пет милиони евра европски пари за мали системи за наводнување, како и 20 милиони евра за продолжување на проектот Јужновардарска долина“, од што директна корист ќе имаат и земјоделците (изјава СДСМ)

Патем, кога сме кај оваа тема, од една опсежна анализа што ја направи „Призма“ во 2015 година, јасно се гледа дека субвенциите за земјоделците во изминатите десетина години никогаш не им биле исплаќани онолку колку што биле предвидени, при што во 2012 и 2013 година, на пример, не биле исплатени дури помеѓу 35 и 40 отсто од планираните нешто над 130 милиони евра.

Што се однесува до младите, изјавата на Мицкоски е малку вооопштена, бидејќи во изборната програма на СДСМ младите во разни категории се споменуваат 78 пати. А, што се однесува до пензионерите, вистината е повторно само делумна од она што го кажува Мицкоски. СДСМ во изборната програма има ветено дека два пати годишно (тоа е така и согласно закон), ќе врши зголемување на пензиите согласно порастот на палтите. Она што не го направи Владатата на СДСМ, а е ветено, дека на крајот од тековната година (сега говориме за 2017 година) Владата ќе носи одлука за вонредно зголување на пензиите.

Вистина е дека партиите и политичарите треба да се оценуваат според исполнувањето на своите предизборни или постизборни ветувања. Исто така, вистина е и дека владејачката СДСМ има ветувања кои рекла дека ќе ги исполни во првите 6 месеци, а не ги исполнила, како што има и такви кои ги исполнила. Но, манипулација е и спинување ако ветувања на една политичка партија, дадени за до крајот на мандатот, друга политичка партија и ги предочува како неисполнети во рок од една година од преземање на власта. А, Мицкоски го прави токму тоа.

Како што може да се види од погоре напишаните аргументи, тврдењето на Христијан Мицкоски, цитирано на почетокот на нашата проверка, е извртена вистина, односно спин.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер