Промоција на „Остави ме да си доиграм“ од Јовица Ивановски

04.06.2018 11:35
Промоција на „Остави ме да си доиграм“ од Јовица Ивановски

Во среда (6 јуни) ќе биде промовирана новата, четиринаесетта по ред, книга поезија на Јовица Ивановски, насловена „Остави ме да си доиграм“, во издание на Или -или. Промоцијата ќе се одржи во во МКЦ - Клуб ресторанот, со почеток во 20 часот.

За книгата ќе зборува д-р Соња Стојменска-Елзесер, а песни ќе читаат актерите: Петар Арсовски, Драгана Костадиновска и Јовица Михајловски.

 

Насмеана неприлика

Помина како покрај споменик,
како покрај мртов излог,
како покрај кои било гробишта.
Насмеана неприлика, поза за во проза.
Летен фустан распавтан врз жежок асфалт
и деколте кое вели: повелете!
Патеката еректираше во угорнина.
Се искачи просторот, излета пејзажот.
Нејзините долги нозе го надвисија градот –
само да не се сопне, ќе настрада некој.
Си продолжи како елеватор кој влече
стотици погледи, не обѕрнувајќи се,
божем несвесна дека е неодоливa.
Ѝ благодарам што ми ја разубави прошетката
низ шумата од неприкладни споменици
кои со испружени раце се обидуваа
да ја допрат вечноста.