Промоција на стрип едицијата ЛИФТ во Кавадарци

04.06.2018 17:49
Промоција на стрип едицијата ЛИФТ во Кавадарци

Во четврток (7 јуни) во 19 часот во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци, ќе се случи промоција на пет изданија од стрип едицијата Лифт коишто до сега се излезени од печат. За оваа едиција ќе зборуваат Никола Гелевски и Владимир Јанчевски.

Минатата година издавачката куќа „Темплум“ започна нова графичка едиција под името Лифт. Едицијата ја продолжува и осовременува традицијата на стрип списанието Лифт кое излегуваше од 1995 до 2001 година. Во неа е планирано да се објавуваат воглавно цртани романи, но и други графички книги.

Во продолжение следи кратко поединечно претставување на изданијата од оваа графичка едиција:

 

Are you schizoid? [1]
Автор: Кирчо Арсовски

Со книгата на Кирчо Арсовски, Are you schizoid?, Темплум започнува нова графичка едиција под името Лифт. Во неа ќе се објавуваат главно цртани романи, но и други графички книги. Едицијата ја продолжува и осовременува традицијата на стрип списанието Лифт кое излегуваше од 1995 до 2001 година.

 

Сини пилули [2]
Автор: Фредерик Петерс

Делото на еден од најценетите млади европски уметници на стрипот е длабоко емотивна приказна наменета за сите нас коишто избравме да сакаме наспроти најтешките предизвици. Како најдобрите графички мемоари, Сините пилули застрашувачката тема ја обработуваат низ уметнички и хуманистички пристап, на свеж, искрен и суштински разбирлив начин. Оваа храбра љубовна приказна лишена од сентименталност е блиска до секој човек чијашто љубов се сретнала со големи искушенија – и победила.


Fun Home [3]
Автор: Алисон Бехдел

Графичкиов роман ги обработува темите на сексуалната ориентација, родовите улоги, самоубиството, емоционалната злоупотреба, дисфункционалниот семеен живот, како и улогата на книжевноста во разбирањето на себе и на своето семејство.
Книгава е ставена на неколку листи на најдобрите книги во 2000-ите години и е предмет на бројни академски текстови во областите Биографски, Културни, Родови студии; на универзитетите често се проучува како многу успешен модел за секвенцијалната или стрип уметност.


Животот е добар ако не се откажуваш [4]
Автор: Сет

Еден од најдобрите автобиографски стрипови на сите времиња!
It’s a Good Life, If You Don’t Weaken е еден од стоте најдобри стрипови во 20 век!
The Comics Journal


Графичката новела „Животот е добар ако не се откажуваш“ е за луѓе што сакаат книги, мистерии и истражувања; за луѓе што копаат по антикваријати и по улични тезги, барајќи го фрленото или изгубеното книжевно благо; за луѓе што се спремни со часови да чекаат во ред за да добијат цртеж од омилениот автор; за луѓе кои малкуте преостанати пријатели ги малтретираат со приказни за стари книги, заборавени автори и слики, цртежи и цртачи… Ако знаете да ги препознаете таквите опсесии – стрипов е дефинитивно за вас.

 

Госпоѓицата Недопирка (Девицата од борделот) [5]
Автор: Ибер & Кераскует

Париз во триесеттите години. Двете сестри, Агата и Бланш, го живеат животот со полни гради. Но, безгрижноста исчезнува преку ноќ со смртта на Агата. Очајна, Бланш мисли само на едно: навлегувајќи во најнеобичните места во градот, таа мора да го пронајде убиецот.

***

 

* Изданијата на Темплум од едицијата ЛИФТ ќе бидат достапни по саемски цени, а целиот пакет од сите пет книги ќе чини 2000 ден.

ОкоБоли главаВицФото