Два света

05.06.2018 00:39
Два света

(Кон изложбата „Отаде црнилото“ на Велимир Жерновски во Музејот на современета уметност во Скопје)

Како што и посочената изложба на младиот Жерновски – фактички и метафорички – се бави со (најмалку) два света, едниот реален, овој овде, и еден исто така реален, но за нас далачен и (релативно) непознат, така и насловот на овој текст сака метафорички да упати на актуелните „два света“ во реалноста на македонската уметност денес.

За толкувањето на уметноста, за нејзината презентација и, ако сакате, функција, па индиректно и за состојбите во уметноста кај нас. Зашто, ако вакви вонсериски изложби гледаме еднаш во неколку години, а другото време ни се троши со старомодни, лоши, неинвентивни, стручно недоволно обмислени, непрофесионални „изложби“ кои што државата ја чинат дебели пари, прашање е каква всушност уметност имаме денес? Она што најчесто го гледаме низ скопските изложбени простори е, за жал, некаков дилетантски „концепт“ на („саморазбирливо“) сликарство и (поретко) скулптура од почетокот на минатиот век, што никако не може да се подведе под поимот современа уметност!

Но, впрочем, Жерновски е еден од малкуте – да не речам единствен – македонски уметник денес чиј творечки концепт е оригинален, истражувачки, дијалошки, (нај)често провокативен, и задира во сферите на човековото битие, на философијата на постоењето но и на самата суштина на уметноста. Е’ ли таа, уметноста, „баланс на чистота и спокојство“ (Матис), „само лага што ни ја покажува вистината“ (Пикасо), „отелотворено значење“ (Данто), „политика“ (Аи Веивеи) … или сето тоа заедно? Одговорот на Жерновски, во сите негови циклуси, не е секогаш идентичен. Комплексен е, како впрочем и животот, и Жерновски постојано тоа го потенцира на различни начини.

Но, можеби најчесто се доближува до некои аспекти на Хајдегеровото гледање на уметноста како процес на разоткривање на визијата за човекот и, во случајов, за земјата односно за светот што го населуваме и начинот на кој што се однесуваме кон него, но и за оној „друг свет“, онаа т.н. последна граница – вселената, и нејзините тајни како можен одговор на нашето сегашно и идно постоење.

Прашањето „што понатаму“ во контекстот на човековото постоење не е ново во уметноста ама, ако добро се сеќавам, е ретко или единствено третирано на овој начин во современата македонска уметност. И во тој контекст Жерновски маестрално визуелно ја развива теоријата на Хокинг за црните дупки, за фантастичниот, дури непојмлив „најмоќен времеплов“ – вселенскиот телескоп на Џон Веб како некаква (дури застрашувачка!) временска машина што би не’ вратила 13.5 милијарди години назад во потенцијалното откривање на тајните на универзумот и, можеби, разбирањето што всушност ние бараме овде. Наспроти сите можни црни сценарија уметникот во случајов, наспроти симболичниот отежнат „последен здив“, како одговор ни нуди една поведра, да не речам оптимистичка варијанта за „неочајување“ односно за постоење на излез (дури) и од црната дупка на (не)постоењето.

Науката вели дека сумермасивна црна дупка постои и во центарот на Млечниот пат, но е оддалечена цели 27 илјади светлосни години. А сепак, со развојот на технологијата, и тоа се чини премногу блиску. Она што останува непознато е дали и отаде црнилото човештвото го чека некоја „карпа“ што ќе може да ја нарече – дом?! Или, таму, можеби дишењето – престанува?

Но, секако, Жерновски не пишува научнофантастична сказна туку визуелизацијата на темата е она што ја прави оваа изложба толку впечатлива, толку различна од се’ она друго што последниве години го гледаме низ нашите изложбени простори. Како и секогаш, неговиот визуелен исказ е неоптоварен со дребулии и „афоризми“, инсистира на чистота, префинетост, специфичност. И мултимедијалност, се разбира. А сето тоа го развива речиси до перфекција, бескомпромисно во секоја смисла. Да, тоа е нешто што би требало да се подразбира кога говориме за современата уметност, но кај нас тоа, за жал, е исклучок, како во случајов.

Кај Жерновски секое парче од поставката, секој елемент е беспрекорно сработен и во логична корелација со целината. Сите сегменти во поставката функционираат и независно, ако баш сакате и така да ги гледате, како мали фуги – особено фигурите на астронаутот, видеата и сл. – со поврзувачки епизоди и пасажи, за да на крајот се обединат во севкупната впечатливост на целата експозиција.

фотографии: Лука Суша

Извор: Плус инфо