Кловновски чевлички (пет песни)

06.06.2018 15:58
Кловновски чевлички (пет песни)

 

Мермер

Сè беше совршено
во мермерниот свет:
студените скали
дрвениот под
свежо варосани ѕидови...
Големите прозорци
широките порти
и силни, цврсти столбови...
Сè е совршено
во мермерниот свет:
свежо суши
бело вино
црна чоколада
и јас
во моето безобразно кусо
црвено фустанче...
Сè е совршено
во мермерниот свет:
сериозно бел
болнички чист
и канадски безбеден
магичен свет...

Светот е плоча
од Били Холидеј
непрестајно врти
ме радува.
А јас лесна
во просторот лебдам
ко балон
со хелиум надуван.
Сè е совршено
во мермерниот свет:
ни топлината ни студот
не ги чувствувам
и во ништо повеќе не верувам!
Плочата врти
вонвременски
а јас се смеам
и те радувам
јас се смеам
и те бакнувам...
На усните
трага крв оставам
во градите
нож си забодувам
со косата
долга и црна
расипаниот патент го сокривам...

 

 

I had a dream (Имав сон)

Сакав
метар и седумдесет
Црни штикли
и тегет Буба
металик
кабрио
Бели нозе
долга коса
и цицки како Моника Белучи
Тегет фустан со бели точки
Пред воланот
бела ружа
и црвено светло на семафор.
Немам Буба
бела ружа
ни фустан
ни тегет немам
Само бели точки
во очите.


Матка

Те носам во матка.
Растеш
црно-бел
со Ray Ban очила
со дводневна брада
со дамки
од португалското сонце.

Ме гледаш низ објектив.
Фотографираш.
Oтворена фото-сесија
на мојата утроба.
Ја објави на интернет.
На пресот изјави:
Женава ја сакам
како мачка,
како weimaraner,
како Gareth Pough,
како оригами...
Женава ја сакам
како чоколадa,
како Heineken,
како фудбал...
Женава ја сакам
како стрипче,
како плажа,
како мајка
моја,
како мајка
на моите деца,
како мајка
на сите деца!

Женава е мајка,
во утроба ме носи.
Се вгнездив таму сам
како Alien
но таа не раѓа?!

Женава е сама...
Женава е луда!
Женава ме носи
женава не раѓа!!!

 

 

 

Моето срце на National Geographic
се прикажува

Моето срце
е делфин
луд
од тешка дресура
избеган
Моето срце
е мајмун
од холивудски циркус
избркан
Моето срце
камелеон
на твојот харпун
се радува
во боја на пепел
се стопува
на твојот вектор
се надева
од нуклеарен отпад
потекнува
Моето срце
во гасна комора
не крв
боен отров
произведува.




Кловновски чевлички

сите смуртени лица,
сите восочни лице в лице со смртта, лица
ги напикав во моите кловновски чевлички

сите гладни, голи и боси
сите тажни деца
сите болни од неизлечливи болести
ги пикнав во моите кловновски чевлички

твоето детско лице
и цицки што нудат утеха
мојот покачен холестерол
и твојот скршен заб
мојот прчест нос, клемпавите уши,
моите смешни ноктиња
и среден прст искривен од пишување
мојот зголемен шеќер во крвта
и твоите желудочни бактерии
моите виолетови гаќички
и твојот искинат чорап
сè тоа напикав во моите кловновски чевлички

мојот шарен детски мозок
и вашите скриени перверзии...
твојот туш за очи
и црвен, излупен лак за нокти
твојата евтина шнола
и ластик за коса
и сите тие циркони...
ги напикав во моите кловновски чевлички

твојата изразена единаесетка
и твојот смрдлив здив
твојата вештачка вилица
и мојот зголемен диоптер
ги пикнав во моите кловновски чевлички

твојата празна приватност,
лош сенс за додворување
и моите разбеснети хормони
ги напикав во кловновските чевлички

твоите 80 и моите 8 години
твојот надграден компјутер
и моето зелено мече
ги напикав во моите кловновски чевлички

вашата утринска потеченост
и bad hair day
вашата неартикулирана смеа
и жар црвените образи
под лошо нанесена пудра за лице...
и тоа го пикнав во моите кловновски чевлички

моите крокодилски солзи
и со тонови тешки воздишки
твојата евтина шнола
и ластик за коса
и сите тие циркони...
ги напикав во моите кловновски чевлички

вашиот несреќен брак
и тумор на кожа
вашите неуспешни обиди за бебе
и моите тмурни денови
ги пикнав во моите кловновски чевлички

твоите земни идоли
и твојата млада од провинција
вашите брзи мотори
и сите грозни Седмици
ги пикнав во моите кловновски чевлички

сите жртви на модата
и сите жртви од сообраќајот
сите џанкери и наркоси
и сите тажни, очајни манијаци
ги пикнав во моите кловновски чевлички

сите фестивали
на виното и поезијата
сите хиени од градскиот асфалт
ги напикав во моите кловновски чевлички

сите неискнижени фактури
и калливи сиви улици
сите градски автобуси
и скршени семафори
сите криви зебри
и смачкани зелени жаби
сите ќеси од Смоки
и испукани петарди
ги напикав во моите кловновски чевлички

сите брза помош комбиња
и сите секси сестри
сите болни доктори
и сите хрватски цести
ги пикнав во моите кловновски чевлички

Сите светски мани
во моите кловновски
оксиморонски среќни, а сепак, тажни
смешно луди чевлички...


Слики: Shiori Matsumoto
Извор: Јулијана Величковска, Отворена книга; ПНВ ПУБЛИКАЦИИ, 2017.

 

 

Величковска дипломирала на катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Автор е на три книги: монографија „Дваесет години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ), поетската збирка „Комарци“ (2010, ПНВ) и романот „Годишни времиња“ (ПНВ Публикации, 2014).

Нејзините песни се препеани и објавени на неколку јазици, меѓу кои: кинески, англиски, српски, хрватски, словенечки, холандски, албански, чешки, италијански и бугарски јазик.

Учествувала на бројни поетски читања низ Македонија и Европа.
Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, Србија, Чешка и Италија, а застапена е и во една антологија на светската современа поезија издадена во Кина.
Таа е член на организациониот одбор на поетската манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писатели на Македонија. Основач е на издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје.

ОкоБоли главаВицФото