Мицкоски не го советувал Груевски бесплатно

06.06.2018 23:28
Мицкоски не го советувал Груевски бесплатно

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на ТВ дуелот на МРТ со премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев (23.05.2018), меѓу другото, го искажа и следното тврдење:

Јас како советник на Груевски работев про–боно, односно без надомест. Бев советник околу година и пол. Ви оставив неколку проекти во енергетиката, кои вие ги поништивте. А, сега на нивна основа правите нови.

[Извор: Грид.мк, датум: 23.05.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во која тој тврди дека како советник на експремиерот Никола Груевски не добивал хонорар, туку работел про-боно, се покажа невистинита.

Телевизијата „Телма“ вчера (05.06.2018 г.) објави документи според кои на Мицкоски му биле исплатени (нето) 1,2 милиони денари (околу 20.000 евра), за неговиот ангажман како советник за енергетика во кабинетите на поранешните премиери Никола Груевски и Емил Димитриев.

Според документите, Мицкоски бил ангажиран во периодот од април 2015 година до октомври 2016 година. Во овој период, освен за два месеца, му биле исплатувани по 68.363 денари (околу 1.100 евра) месечно.

Мицкоски во изјава за „Телма“ потврди дека за дел од периодот ангажиран како советник на премиерите Груевски и Димитриев му бил исплаќан надомест, а дел бил про боно.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги објавија двата договори кои Мицкоски ги склучил со Владата и оттаму велат дека „ова е обид на власта преку излитени и невистинити тези и тешки лаги и преку злоупотреба на информациите да се сокрие осиромашувањето на граѓаните и колективната кражба што ја прави на државата“.

СДСМ и Евро Заев од институцијата Влада на Република Македонија прават свој партиски штаб и вршат свесна манипулација.

Вистината е дека не се констатира ништо поинаку и поразлично од тоа што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, претходно го соопшти на јавноста и во ТВ дуелот, и од тоа што самата влада го објави претходно, јавно на својата веб страница, а од каде може да се види дека има два договори од кои првиот неколку месечен кој се извршува за надомест со коефициент 1.8 и вториот кој се извршува про-боно односно ангажманот е бесплатен, нешто што беше и коментирано од самиот Мицкоски во ТВ дуелот, а владата свесно претходно лажеше дека се работело за договор без информации за сумата, подмолно имплицирајќи дека се работи за некаков вртоглав износ, нешто што воопшто не е така.

Од владејачката СДСМ реагираа дека документите покажуваат, но и дека дека самиот Мицкоски во телефонска изјава признава дека земал пари додека бил советник на експремиерот Груевски.

Ова негово лично признание, потврдува дека Христијан Мицкоски ги излажа граѓаните. Јавно објавените документи покажуваат дека Мицкоски, додека му бил советник на Груевски, земал пари од Буџетот и тоа ги чинело граѓаните околу 2 милиони денари.

Па, имајќи ја предвид фактичката ситуација и самото признание на Мицкоски, неговата изјава во дуелот со премиерот Заев во која тврди дека го советувал Грувски без надомест, ја оценуваме како невистинита.

ИЗВОРИ:
Грид.мк (23.05.2018): Мицкоски: Му бев советник на Груевски без надомест [Пристапено на:06.06.2018]
Прес 24 (23.05.2018): Мицкоски: Му бев советник на Груевски без надомест [Пристапено на:06.06.2018]
Телма (05.06.2018): Мицкоски бил платен 20 илјади евра за советничкиот ангажман во Влада [Пристапено на:06.06.2018]
Грид.мк (05.06.2018): Мицкоски бил платен 20 илјади евра како советник во владата – по 1.100 евра месечно [Пристапено на:06.06.2018]
Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ (05.06.2018): Евро Заев смислува секој ден нова лага, за да го сокрие грабежот во државата [Пристапено на:06.06.2018]
Веб-страница на СДСМ (06.06.2018): Костадинов: Откако призна дека земал пари, Мицкоски треба да им се извини на граѓаните за тоа што ги лажеше [Пристапено на:06.06.2018]
Веб-страница на СДСМ (05.06.2018): Мицкоски лаже! Додека му бил советник на Груевски, за неговиот ангажман граѓаните платиле речиси 2 милиони денари [Пристапено на:06.06.2018]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер