Реалноста во ерата на Трамп

06.06.2018 23:37
Реалноста во ерата на Трамп

Владеењето на Трамп е ера на невозможни прашања и избори помеѓу лошо и полошо. Како да се зачуваат здравиот разум, пристојноста и извесна мера морална храброст? Во неколку промислени есеи во Слејт, Далија Литвик се занимава со секојдневното соочување со нашата политичка катастрофа и со изборот на најдобриот начин за спасување на земјата од Доналд Трамп: дали треба да се остане во негова близина или да се раскинат сите врски со него? Последново е прашање за припадниците на претседателската администрација и за републиканците кои седат во конгресот. „Време е“, пишува Литвик, „да размислиме за тоа која комбинација за учество и отпор е смислена ако дојде до сериозна криза. Односно, кога ќе дојде до неа – ако веќе не настапила“.

Ова не е ново прашање. Многу луѓе си го поставуваат себеси но и на другите, и сè помалку се задоволни од одговорите на него – зашто прашањето е невозможно. Дали контролата на штетата која ја прави оваа администрација е вредна за жртвување на сопствените морални принципи? Или треба да се заштити личниот интегритет со жртвување на секоја шанса штетата да се намали? Тоа е неразрешлива дилема. Едноставно ги немаме сите информации за краткорочно одмерување на овие две опции. Дали Мекмастер за време на својот мандат на местото советник на Трамп за национална безбедност спречи големи катастрофи? Ако да, дали тоа било вредно за физичката и интелектуалната цена што ја плати за тоа? Можно е ни тој самиот да не го знае одговорот на тоа прашање. За оние што одлучиле да останат во претседателската администрација или во Републиканската партија, секојдневните мали жртви на личниот интегритет станаа цена за останување на власт; тие луѓе неминовно со текот на времето ќе пружаат сè помал отпор и ќе бидат сè помалку критични. Политичкиот пејсаж се менува, влоговите растат, а кризите се трупаат.

Истовремено, претераната стимулација што е типична за ерата на Трамп доведува до губење на чувството за време и она малку значење што луѓето вообичаено го имаат за своето место во историјата. Забораваме што се случи пред еден месец. Ако го свртиме погледот само еден ден, ќе ги пропуштиме вестите кои на другите им се чинат како пресудни, за само една недела подоцна веќе да бидат заборавени. Споделувањето заедничка реалност со сограѓаните се претвора во постојан тријатлон на читање, разговори и паника. Ова ја создава најлошата можна мисловна рамка за задачата барање одговори на моралните прашања, особено оние кои бараат да избираме помеѓу две очајно лоши опции.

Размислувањето за периодот на Трамп во морални термини бара поинаква временска рамка. Тоа бара на сегашноста да гледаме низ призмата на иднината. Еднаш ќе дојде времето после Трамп и ќе треба да се размислува како ќе влеземе во него. Што ќе понесеме со себе во таа иднина – каков вид политика, јазик и култура? Како ќе закрепнеме од годините политика (ако може да се нарече така) која се води со твитови? Како повторно ќе завладееме со едноставните и фундаментални зборови? И, што е најважно, како повторно ќе започнеме разговор за политика? Политичкиот дискурс беше во криза и пред Трамп – не е ни чудо што Американците почнаа да ги користат зборовите „политика“ и „политичко“ за да ги означат несодржајните размени на реплики во изборната арена. Но, под власта на Трамп политичкиот дискурс речиси целосно е разорен.

Да ги земеме на пример разговорите кои минатиот месец се водеа за Трамп и за Северна Кореја. Да ги оставиме настрана забелешките на претседателот за „малиот ракетар“ и фактот дека светот го доведе до раб на нуклеарно уништување како никој пред него. Политичарите, бирократите, политичките аналитичари и новинарите се преправаа како Трамп навистина да учествува во преговорите со Ким Џонг Ун. Некои од нив дури и се впуштија во делирични разислувања за Нобеловата награда за мир.

Гласовите на неколкумина експерти кои се осудија да кажат дека ништо не е постигнато и изразија сомнеж дали самитот воопшто ќе се одржи беа брзо загушени. Ритуалот на анализата и антиципацијата кој вообичаено ја следи дипломатијата сега го следеше млатењето празна слама на Трамп. Истите ритуали на политичка анализа се применуваат на неговите твитови, хајки и недоследности, кои се чиста спротивност на секоја политика. Во петокот утринскиот подкаст Дневник на Тајмс ја анализираше официјалната депеша со која Трамп го откажа самитот, која беше напишана со јазик на арогантен, занесен тинејџер. Но, само што беше објавен подкастот Трамп на медиумите им соопшти дека самитот можеби сепак ќе се одржи.

Почнавме да ја губиме навиката, а можеби и способноста за разликување на реалноста од празнината, вакуумот. Ова е дезориентирачко во сегашноста и катастрофално за иднината – и затоа, меѓу другото, посттрамповското закрепнување, кога ќе дојде до него ќе биде многу тешко. Мораме да поставиме посеопфатно прашање од она дали членовите на администрацијата или републиканците од конгресот треба да заминат или да останат – зашто не се вмешани само поставените од Трамп и членовите на партијата во секојдневните навреди и штетата што ѝ се нанесува на нашата перцепција на реалноста. Би требало да се запрашаме што може да направи секој од нас за во секој момент да ја потврди фактичката реалност. Големата француска книжевничка Симон Вејл имаше рецепт што го запиша во својот дневник од 1933: „Никогаш не одговарај на злото на начин што ќе го зголеми“. Неколку години подоцна додаде: „Не се согласувај на соучесништво. Не лажи – не ги затворај очите.“

Во текот на целиот 20 век писателите и мислителите кои се соочуваа со режимите што ја поништуваа реалноста нудеа слични рецепти. „Не живеј во лаги“, напиша рускиот дисидент Александар Солженицин. Чешкиот дисидент, драмски писател и иден претседател Вацлав Хавел го разгледуваше животот „во лаги“ – и мистериозната моќ да се исчекори од него. Во нашиот случај, да се исчекори значи да се одбива – тврдоглаво, упорно, постепено – да верувам во она што е спротивно на политиката, спротивно на дипломатијата и спротивно на здравиот разум. Тоа бара критичко размислување, читање и говор, а не третирање на испадите како политики, нападите на детинест бес како дипломатија, налудничавите идеи како сериозни намери. Добра вест е што ова не е сосема невозможна постапка.

Извор: https://www.newyorker.com

ОкоБоли главаВицФото