Отаде заборавот

07.06.2018 15:06
Отаде заборавот

Епитаф

Ќе останат многу нешта во непостојаноста на ветерот
што ја разнесува песната
на својот далечен говор

Ќе останат многу нешта во несфатливоста на морето
и намовнувањето негово
под благите струи на пладнето

Ќе останат многу во бесмисленоста на маглите
што ги исполнуваат длапките
со своето аморфно постоење

Во немите грла на карпите
по кои лазат шумните
ластари на зеленилото

Ќе останат многу нешта во непознатите очи на светот
во кои една далечна ѕвезда
се изронува во ништо

Зашто еден ден ќе препукнам каменот како што пука
преполовен под товарот на сончевата сенка
И прашаат ли што му стана
во ѕвезденово пладне
од што папса што почина кај загина
ненадејно
ќе речат од ништо од добро стоење
А каменот зборови нема


Ѕвона

Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветерот
низ тревите подгонети.

Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сè. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.

Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.

Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сè е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.

Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.

Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сè боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.

Трева

Залутав одамна љубопитна во овој грд пејсаж
од железо цреп и бетон
но сепак останав жива

Сега сум малечка полјанка
на туѓите убави надежи
за кои го крадам неверна ветерот од реката

Безброј патувања им нудам
на очите и стапалките
што паѓаат уморени на моите сиромашни откоси

Но спомени имам и јас
па свенувам штом ќе ми шепнат
дека сум била шарено крило на убавината

Шарено крило на младоста
во коренот на плитките води
што растат со жолтиот спомен во купишта од сено


Прва ноќ

Влажен клик на усните
и немо провирање
на плодот од едно
постоење ново

Гранките се пореваат
скршени во своите сенки
округли раце од месечина
и рамена од облаци.

Гудало од слатки нерви
се скокотка и се игра
со некаква виолина.

Шарено око на тишината
ноќ
и долго зборлесто
молчење.


Езеро

По години и сништа многу
повторно се вратив
на езерово
со слатки води
залутано во скутот на ридовитеДијамантот на сонцето
уште длаби
Не камен на неговото дно
ни трева грло што си крие
под брановите
ни птица грабеж див што носи
Око сум само око на сонцето
што му ги ниша водите
стари
О оставете ме крај ова езеро
оставете ме крај езерово
крај горчливово
оставете ме мртов

(од „Празнична романса“, 1966; Мисла, Скопје)

Матевски во интервју

Јас сум роден во Стамбол, во Истанбул или Цариград, како сакате. Меѓутоа, кога моето семејство решило да се врати назад во Македонија јас сум бил момче на две-три години. На таа возраст децата немаат своја меморија. Целото мое детство и почетокот на мојата младост е поврзано со меморијата на моето семејство, нивните сеќавања на Стамбол, нивните разговори, посетите на наши роднини, земјаци, реканци кои идеа и се враќаа во Истанбул и дома кај нас ги водеа разговорите. Сето тоа детето во себе го прима, станува дел од неговиот живот и станува еден поим што добива митска вредност по себе. Јас сум израснат во Гостивар и долго време овој град го чувствував како мој роден, што е сосема природно. Првпат го посетив Истанбул на 30 години. Кога појдов во центарот, во крајот каде што ни беше куќата и дуќанот, одеднаш како сè да ми беше познато. Сите тие места, бои, сè што е сонувано веќе го имав како слика во главата. И целиот кварт, потоа Таксим, улицата, дуќанот на моите родители, куќата на другиот мој дедо. Сето тоа на одреден начин ми беше познато. Затоа насловот „Корени во ветерот“ е прашање дали ги имаме тие корени. Тоа е моето враќање таму, со тоа се заокружува сиот тој циклус како едно одење од себе си кон себе.

Матеја Матевски (1929-2018) - поет, литературен и театарски критичар, есеист, преведувач. Роден во Истанбул. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел во Македонската радиотелевизија како новинар, уредник на културните и литературните програми, потоа како главен уредник и директор на Телевизија и генерален директор на Радиотелевизија Скопје. Ја вршел функцијата претседател на Републичката комисија за културни врски со странство и член на Претседателството на СР Македонија. Бил уредник во книгоиздателството Кочо Рацин. Предавал Историја на светската драма и театар на факултетот за драмска уметност во Скопје. Бил уредник на литературните списанија Млада литература и Разгледи. Бил претседател на ДПМ и на Советот на СВП, на Рацинови средби и на Македонската книжевна фондација. Член на МАНУ и почесен потпретседател на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1956 година. Дописен член на северноамериканска Академија на шпански јазик.

Автор е на книгите: Дождови (поезија, 1956), Рамноденица (поезија, 1963). Перуника (поезија, 1976), Круг (поезија, 1977), Липа (поезија, 1980), Раѓање на трагедијата (поезија, 1985), Од традицијата кон иднината (критика и есеистика, 1987), Драма и театар (театарска критика и есеистика, 1987), Оддалечување (поезија, 1990), Црна кула (поезија, 1992), Завевање (поезија, 1996), Светлината на зборот (критика и есеистика), Мртвица (поезија, 1999), Внатрешен предел (поезија, 2000), Отаде заборавот (поезија, 2003), Копнеж по целина (поезија, 2005), Предели покриени со вода (поезија, 2006), Ветерот и градот (поезија, 2007), Потекла (поезија, 2008), Елегии по тебе (поезија, 2009), Нирвана (поезија, 2010), Згура – Одеа по водата – Саќе (поезија, 2011).

Добитник е на наградите: „Награда на ДПМ“, „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Григор Прличев“, „Кочо Рацин“, „Книга на годината“ на Македонската книжевна фондација, „Празник на липите“, Климент Охридски“, Големата награда „Македонско слово“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Горанов венец“, Луковдол, Хрватска, „Блез Сандрар“ во Ивердон (Швајцарија), „Премио Медитеранео“ - специјална награда (Палермо, Италија), „Фернандо Риело“ - светска награда за мистична поезија - за книгата „Црна кула“ (Мадрид, Шпанија), „Жупанчичева листина“ на ДПС (Љубљана. Словенија), „Ергуван“, Чаталџа (Истанбул, Турција), „Атлантида“ (Лас Палмас, Шпанија). Носител е на француските одликувања Легија на честа и Уметност и литература.

Објавени му се 30 книги поезија на 20 странски јазици; објавил над 40 книги преводи од шпански, француски, словенечки, руски, албански и српски јазик.

Слики: Matt Duffin

Слични содржини

Општество / Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Книжевност / Живот
Општество / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото