Капиталистичка дефиниција на сексот

08.06.2018 02:19
Капиталистичка дефиниција на сексот

Од крвопролевањето во Торонто, голем број експерти со доцнење го сфатија постоењето на „incel" (краткенка за недоброволен целибатист), онлајн субкултура за која многу се зборува. Премногу често таа се третира како некој туѓ, непознат поглед на светот. А всушност се работи само за екстремна верзија на секс во капитализмот, за што сите знаеме, бидејќи тоа е околу нас во сè и насекаде и така е веќе подолго време. И можеби проблемот со сексот е капитализмот.

Она што е суштината на погледот на светот на „incel" е дека сексот е стока, дека акумулацијата на таа стока го зајакнува статусот на мажот и секој маж има право на акумулација, но на некој мистериозен начин, жените се препрека за остварување на ова и затоа се стока, но и непријатели. Тие сакаат жени со висок статус, бесни се заради сопствениот низок статус, но не го доведуваат во прашање системот кој го распределува статусот и сите нас нè прави стока на начини кои се болни и дехуманизирани.

Да се има право на нешто, исто така игра улога: ако не мислите дека имате право на секс, може да се чувствувате тажни или осамени, но не и бесни на луѓето за кои си мислите дека нешто ви должат. Беше забележано дека некои од овие мажи се ментално болни и / или социјално маргинализирани, но се чини дека тоа само ги прави уште поподложни на онлајн бесот и конвенционална приказна доведена до крајност. Тоа значи дека ова не е причината за ваквиот светоглед, бидејќи тој е широко распространет.

Уште повеќе, тоа ги прави ранливи на него; погледот на светот дава форма или насока кон таа изолација и неспособност. Многу од нас имаат одреден степен на имунитет, благодарение на нашиот пристап до контра-наративите и на љубовниот контакт со други човечки суштества, но сите ние сме погодени од идејата дека секој има пазарна вредност и дека во овој свет толку многу од нас се продаваат како играчки и трофеи.

Ако ги сметате жените за луѓе што имаат одредени неотуѓиви права, тогаш хетеросексуалниот секс - што е различен од силувањето - мора да биде нешто што двајца луѓе го прават заедно, бидејќи и двајцата сакаат, но овој поим за жените како луѓе очигледно е збунувачки или неприфатлив за орди мажи - не само за недоброволните целибатисти.

На оние кои ги гледаат жените како тела што чекаат да се случи сексот со мажот, фактот што жените се луѓе им e како досаден вратар што се испречува меѓу мажите и женските тела, поради тоа има еден тон совети за тоа како да се измами и да се победи вратарот. Не само на интернет форумите за недоброволните целибатисти и сериски додоворувачи, туку и на филмовите. Сетете се на „Опасни врски“ и на Казанова и неговите трофеи.

Ова датира од пред капитализмот, всушност, оваа дехуманизација во која сексот е активност мажите добиваат нешто од жените кои немаат право на глас во ситуацијата. Тројанската војна започнува кога Парис ја киднапира Елена и ја држи како сексуална робинка. За време на војната за враќање на Елена, Ахил ја фаќа кралицата и ја чува како сексуална робинка откако ќе ги заколе нејзиниот сопруг и браќата (убиството на целото семејство, генерално прилично делува како анти-афродизијак). Неговиот другар по оружје Агамемнон има некои свои сексуални робинки, вклучувајќи ја и пророчицата Касандра, проколнати од Аполон за одбивање да имаат секс со него. Прочитани од гледна точка на жените, тројански војни се сосема слични.

Феминизмот и капитализмот се спротивни, ако според првото, жените се луѓе, според второто тие се сопственост. И покрај половината век феминистички реформи и револуција, сексот сè уште и често се разбира низ моделите што ги нуди капитализмот. Сексот е трансакција; статусот на мажите е подобрен со зделка на трансакции, како да се работи за чипови за покер.

Затоа во своите мемоари од 1991 година, кошаркарската ѕвезда Вилт Чемберлен се пофали дека имал секс со 20.000 жени (што ги поттикна некои да направат математика: тоа би било околу 1,4 жени на ден во период од 40 години). Е, ова значи примитивна акумулација!
Претседателот на Соединетите американски држави е некој кој редовно се обидуваше да го зајакне својот статус преку здружување со жени, разбрани како стока, а добро е познато неговото критикување на други жени затоа што не се вклопуваат во шаблонот „Playmate“ / „Miss Universe“. Ова не е маргинално прашање; тоа е од централно значење за нашата култура и сега е отелотворено во претседателот на нашата земја.

Статусот на жените е амбивалентен во однос на сексуалното искуство, или можеби тоа е уништено, како и да го гледаме: да се потсетиме на познатата сцена во филмот „The Breakfast Club“ во која женскиот лик вели: „Па, ако кажеш дека не си, тогаш си пуританка. Ако кажеш дека си имала секс тогаш си курва. Тоа е стапица!“. Потсетувајќи се на овие тинејџерски филмови од 80-тите години во кои глумеше, Моли Ринвалд неодамна рече: „Ми требаше некое време добро да ја разберам сцената во „Шеснаесет свеќи“, кога згодниот Џејк, во суштина му ја продава својата пијана девојка, Каролин на Гик, за да ги задоволи сексуалните желби на вториот и за возврат да ја добие долната облека на Саманта. Гик има секс со неа, додека таа не може да се спротивстави, нешто што сега го викаме силување, а тогаш го нарекувавме шармантен филм за созревањето“.

Оваа идеја за сексот како нешто што луѓето го добиваат, често со заплашување, со агресивна настојчивост, измами, напади или дрогирање на жените е насекаде. Истата недела кога се случи дивеењето во Торонто, Бил Козби беше задоцнето прогласен за виновен за еден од над 60 сексуални напади пријавени од жени. Тој беше обвинет дека им давал апчиња за да ги онеспособи да се спротивстават. Кој сака да има секс со некој кој не е таму? Многу мажи, очигледно, бидејќи опојните средства за силување се во тренд, како и техниките на студентските братства да опиваат малолетни жени, таков е Брок Тарнер, познат како силувачот од Стенфорд, кој напаѓал жени онесвестени од алкохол, неспособни да се спротивстават.

Во капитализмот, сексот би можел да биде и со мртви предмети, а не со живи соработници. Тој не е замислен како нешто што го прават двајца луѓе, што би можело да биде емотивно и разиграно и колаборативно, каков што, патем може да биде и сексот надвор од врска, туку е замислен како нешто во кое мажот добива. Другата личност понекогаш е тешко препознаена како личност. Тоа е осаменичка верзија на сексот. Недоброволните целибатисти се хетеросексуални мажи кои го гледаат овој механички, трансакциски секс од далеку, и истовремено го посакуваат и се бесни на луѓето што го практикуваат.

Дека жените можеби не сакаат да бидат интимни со луѓе кои ги мразат и кои сакаат да им наштетат, на тие мажи не им е значаен фактор, бидејќи тие изгледа се лишени од емпатија и способност да влезат во она што го чувствува другата личност. Така изгледа било и со многу други мажи, бидејќи набргу откако мажот што бил во недоброволен целибат во Торонто беше обвинет дека е масовен убиец, сочувството за него почна да пристигнува од сите страни.

Во „Њујорк тајмс", Рос Доудет се согласува со либертаријанците, пишувајќи: „Ако сме загрижени за правичната дистрибуција на имотите и парите, зошто претпоставуваме дека желбата за некаква сексуална редистрибуција е инхерентно смешна?" Дел од тоа што е овде лудо е дека ниту конзервативниот Доудет ниту либертаријанците воопшто не се загрижени за праведната дистрибуција на имотите и парите, што често се нарекува социјализам. Сè додека сопственоста не е жена. Тогаш почнуваат да размислуваат за прераспределба, не покажувајќи повеќе интерес за тоа што го сакаат жените од тројанските војсководци што си ги делат сексуалните робинки.

За среќа некој многу попаметен размислуваше за ова и пред да се случи Торонто. Кон крајот на март, Амиа Сринивасан напиша: „Зачудувачки е, иако не изненадува, дека иако мажите имаат тенденција да одговорат на сексуалната маргинализација со чувство на право врз женските тела, жените кои се соочуваат со сексуална маргинализација обично одговарот не го гледаат во правото, туку во зајакнувањето. Или, ако зборуваат за право, тоа е право на почит, а не почит кон телата на другите луѓе."

Значи, жените кои се сметаат за непожелни ја доведуваат во прашање хиерархијата која им дава статус и сексуализација на одредени видови тела и го негира тоа кај другите. Тие бараат да размислиме за прераспределба на нашите вредности и внимание и можеби дури и желби. Тие бараат од сите да бидат пољубезни и помалку затворени во конвенционалните идеи за тоа кој е добра стока. Тие бараат од нас да бидеме помалку капиталисти.

Она што е застрашувачко за мажите во недоброволен целибат е што мислат дека проблемот е во тоа што им недостасува секс, кога, навистина, она што им недостасува е емпатија и сочувство и имагинацијата која оди со тие капацитети. Тоа е нешто што не се купува со пари и капитализмот нема да ве научи на нив. Луѓето што ги сакаш можеби, но прво треба да ги сакаш.

Извор: The Guardian

 

ОкоБоли главаВицФото