Splitting Image (осум песни)

08.06.2018 02:40
Splitting Image (осум песни)

Пајдо, Фина механика

1.
Овие прсти
Фина механика знаат
Не го поправаат светот

Носете го
Има низ градот
Поправачи

Полицајци
Паклоресци
Попчиња
Финанси

Јас пијам
Од светот
За да не повраќам

2.
Овие прсти
Фина механика знаат
Не го поправаат светот

Расипан
Добро ви стои
Добро вие нему

Ангелите би
Ремонт на крилјата
Велам
Не може

Кокошкари
Сега ја имате
Земјата

Ја имате
Богу фала
Ве има таа вас

Во истата
Жалибоже
Фирма сте вработени

Луѓе
Ангели што обвинуваат
дека не ги пазат

А ангели
Луѓето
Што се изгубени

3.
Овие прсти
Фина механика знаат
Не го поправаат светот

Овие раце
Едната одмавнува на сè
Во другата е шишето

Во шишето
Уште едно шише
Што се крши од бродот

Во шишето
Во кое светот гледа
Сè освен бродот

4.
Овие прсти
Фина механика знаат
Не го поправаат светот

Мисли светот
Дека пијан сум
А тоа брод е

Мисли светот
Дека живеам за да
Ја слушнам неговата смеа

Се смее
За да поверувам
Жив е

Светот мене ми се смее
Што нему му
Се смеам јас

Јас поради пивото
Не ангелите
Насмеан сум
Свету

Среќен што
Птиците те серат
Од небото праведно

И жалосен
Што кравите
Не летаат

Црквата Свети Микула на Стагањ

Пред нејзе кога ќе дојдеш да дојдеш
Како од далечен да си стигнал пат
И светецот никогаш не си го затекнал дома
И се прашуваш живее ли тој воопшто тука
А Свети Микула ти вели
Ти којшто чекориш кој пловиш
Ти барем би морал да знаеш
Дека единствениот мој дом не е дом
Дека мојот дом е
Патот од кој пристигаш
Тој на којшто заминуваш
Пат.


После Карузо

Куќата во која живеам
Ја изградил човек
Кој толку ги сака птиците
Што не ги пушта да летаат
Од страв да не паднат
Ги затвора во кафези
Пред коишто си седи
И си срка мараскино
За летот пејте ми
Птици
За летот пејте ми
Тој човек
Ја изградил куќата
Во која живеам
И пејам.


Splitting Image

Рушејќи го ѕида тој градот
Само рушевноста сама
Сета трајност негова да биде

Рушејќи го ѕида тој градот
Никогаш доѕидан
Никогаш дорушен

Рушејќи го ѕида тој градот
Тукидид град што го нарекува
Што луѓето се
Повторува
Градот
Луѓето град
Не ѕидиштата

Рушејќи го ѕида тој градот
За луѓето-рушевни

Улицата Јулиј Непот

Се фали
Туристичкиот водич
Овде го сотревме
Последниот римски цар
Па
Од пропаста на Царството
Направивме Царство на пропаста.


Итака понатаму

Медитеранците
Медитираат
За Медитеранот
Којшто
Велат
Веќе не постои
Како
И утрово
Од несогласувањата свои
да не е
Целиот склопен
Како
Помирен да не е
Со својата
Караница со помиреноста
Па затоа
И не бара друго
Освен оние
Што постојано го губат
Оти
Како
Каде
Кому
Зошто да се
Пронајдеш
Кога
Кога Итака
Секогаш е потака
Итака понатаму
Итака понатаму
Но никогаш
Ни близу
Далечна
Колку
Самиот Одисеј

Фришко

Сардели
Сардели
Сардели
Извикуваат пешкарушите
На цел глас
И се фалат
Дека рибите ноќеска
Од тишината се грабнати
Дека мртвата им уста
Небаре ќе прозбори
Луѓе
Луѓе
Луѓе


Северниот прозорец

На прв поглед
Тука гледаш малку Рим
Надвор од себе
И малку Венеција
Надвор од себе
Што е тука словенско
Би сакала да видиш
Нè има ли барем малку
Надвор од нас
Го гледаш таму
Полуотворенион прозорец
Низ северниот издлабен бедем
Пред него шпарглите в питар*
И рузинавата** тирамола***
Е гледаш
Тој наизглед бесмислен прозорец
Служи за на време да се види
Кога кон Вратите златни
Ќе притиснат новите варвари
Па да ги прашаме
Каде се до сега
Како им било по пат
Да им кажеме што каде се наоѓа
Главниот вентил
Разводната кутија
Плинот
Па и ние да заминеме негде
Каде што надвор од себе се оди
За да се одмориме
Од нашето варварство
Од нашето господство
Од нас

 

*Питар (грчки) - саксија.
**Рузина (лат.) - рѓа (рузинав брод, целиот рузинав - целиот рѓосан).
***Тирамола - сушило направено така конопот да може да се придвижува по потреба, со цел алиштата што се сушат да можат да се дофаќаат и разместуваат (италијански: tira: повлечи + mola: потегни). (прев.)

Монтажи: Aleksey Kondakov
Избор и превод: П. В.
Извор: Predrag Lucić, ITAKA DALJE, edicija Mala kutija; Užice, 2018.

Предраг Луциќ (1964 - 2018).
Основно и средно училиште (нешто слично на гимназија) завршил во Сплит.
Студирал театарска и радио режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Ги положил двата дипломски испити, а сепак останал апсолвент.
Режирал во Белград, Сплит и Тузла.
На Сплитско лето 1987 година го направил фестивалскиот весник Summer Times.
Од јануари 1985 повремено соработува во Ферал, сатирички додаток на Неделна Далмација.
Од 1988 е постојан автор на Ферал.
Од истата година во Омладинска искра ја пишува колумната „Поинаку млад“, ја уредува културната рубрика и заебантскиот подлисток Le Spizd.
Во Неделна Далмација во 1989 почнува да работи како новинар, а со Виктор Иванчиќ и Борис Дежуловиќ го прошируваат Ферал, кој тогаш го добива своето полно име Feral Tribune. Есента 1990 со Ферал Трибјун се сели во Слободна Далмација, каде што работи како предвоен и воен репортер.
Во март 1993 ја напушта Слободна Далмација и со група колеги го основа самостојниот и суверениот сатиричко-политички двонеделник Ферал Трибјун.
Првите броеви ги потпишува како главен и одговорен уредник. Во декември 1993 Ферал Трибјун станува неделник, а од тогаш Луциќ работи како уредник на списанието, автор на сатирични и ткн. Сериозни текстови, ги уредува веб страниците, креира фотомонтажи, испишува и уредува разни рубрики (Greatest Shits, На крајот на краиштата, Шемпјун, Тромблон, Информбиро...) а ја основа и ја уредува Библиотеката Ферал Трибјун.
Поетските, прозните и драмските текстови ги објавувал во списанијата Fantom slobode, Ars, Сараевски тетратки и Наше писмо.

ДЕЛА
Greatest Shits – Antologija suvremene hrvatske gluposti, во коавторство со Boris Dežulović; прво издание 1998., второ 1999.; Biblioteka Feral Tribune, Split.
Haiku haiku jebem ti maiku – Velika Feralova pjesmarica - satirične pjesme Biblioteka Feral Tribune, Split, 2003.
Ljubavnici iz Verone - Biblioteka Moderna poezija, HDP/Durieux, Zagreb, 2007.
Sun Tzu na prozorčiću - satira; Algoritam Zagreb, 2009.
Bezgaća povijesne zbiljnosti 1 - Algoritam Zagreb, 2010. satirična poezija
Bezgaća povijesne zbiljnosti 2 - Algoritam Zagreb, 2010. satirična poezija
Gusle u magli - Algoritam Zagreb, 2013.

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото