1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 02:59
Истражувачкиот ровер на НАСА, „Кјуриосити“, пронашол сложена органска материја зачувана на Марс, во откритие кое може да значи дека во одреден период таму постоел живот.
Пронајдените молекули отвораат можност дека планетата Марс била многу пожива од тоа што досега било познато и иако тоа не претставува доказ дека на Марс имало, или сè уште има живот, откритието може да биде резултат на некаква форма на живот пред долг период.
„Ова тукушто ги зголеми нашите шанси да пронајдеме знаци на прастар живот, ако воопшто таков постоел на Марс, со идните мисии“, изјави Ашвин Васавада, дел од лабораторијата на НАСА.
„Со овие нови откритија, Марс ни порачува да продолжиме во потрагата по докази за живот надвор од Земјата. Убеден сум дека идните мисии ќе ни донесат уште позначајни сознанија за Црвената планета“, додава Васавада.
Новото соопштение е всушност производ на две нови студии кои откриваат голем број детали околу тоа како на планетата постои метан, како и неочекувани органски молекули кои се зачувани во нејзината почва.
Површината на Марс не е погодна за живот денеска, но во минатото, скоро сигурно постоела течна вода, која можеби помогнала за поттикнување на живот. Роверот „Кјуриосити“ се упатил кон локацијата која некогаш била џиновско езеро со вода, во Кратерот Гејл. Новите научни откритија дошле токму од внатрешноста на таа дупка, што покажува можност дека езерото можеби ги имало сите потребни услови за развој на живот – од хемиски врски до извори на енергија.
Извор: Independent