Младата девојка како стока (1)

08.06.2018 16:20
Младата девојка како стока (1)

Младата Девојка не се грижи толку да поседува еквивалентна вредност на она колку што таа вреди на пазарот за копнеж, колку да се увери во својата вредност која сака да ја дознае со сигурност и со прецизност, преку тие илјада знаци кои треба да ги преобрази во она што таа го нарекува свој „потенцијал за заведување“, кој е нејзината мана.

 

„Онаа која не нашла начин да се даде ќе најде начин да се продаде“ (Стендал).

 

Вредноста на Младата Девојка не почива на никакви внатрешни или интринзични темели; нејзиниот темел почива единствено во нејзината заменливост. Вредноста на Младата Девојка се појавува само во однос со друга Млада Девојка. Затоа таа никогаш не оди сама. Правејќи друга Млада Девојка еднаква на сопствената вредност, таа се става во однос со самата себе како вредност. Ставајќи се во однос со самата себе како вредност, таа истовремено се диференцира од себеси како човечко битие. „Претставувајќи се како нешто различно од себеси, таа, во стварноста, почнува да се претставува како стока“ (Маркс).

 

Младата Девојка е стока која во секој момент бара да биде конзумирана, бидејќи во секој момент се ближи до истекот на рокот на траење.

 

Младата Девојка не го содржи во себе она поради што е посакувана: Рекламата.

 

Младата Девојка е апсолут: ја купуваат затоа што има вредност, има вредност затоа што ја купуваат. Тавтологија на стоката.

 

Понекогаш Младата Девојка ја обзема нервоза: вредноста на газето не е објективна.

Младата Девојка е оној кој попрво станал стока отколку да ја трпи тиранијата на стоката.

 

Младата Девојка е стока која сака да биде подобра од луѓето.

 

Во љубовта како и во остатокот од нашиот општествен живот никој не смее да биде несвесен за својата вредност.

 

Младата Девојка е место каде што стоката и човечкото коегзистираат на привидно непротивречен начин.

 

Младата Девојка живее во измачување дека нема да биде купена.

 

Светот на Младата Девојка сведочи за единствената софистикација каде што реификацијата напредувала до нов степен: човечките односи ги прикриваат стоковите односи кои ги прикриваат човечките односи.

 

„Заслужуваш подобро од тоа момче/таа девојка.“

 

Младата Девојка, како и жената во примитивниот свет, во Спектаклот е објект на Рекламирањето. Но Младата Девојка исто така е субјект на Рекламирањето, бидејќи се купува и продава самата себеси. Тој расцеп во Младата Девојка е извор на нејзиното фундаментално отуѓување. На тоа се надополнува и оваа драма: додека меѓуплеменската женидба делотворно го одржувала трајниот однос меѓу племињата, маната на Младата Девојка ѝ протекува низ прсти, нејзиното Рекламирање пропаѓа, и таа самата ги сноси последиците.

Младата Девојка вшмукана е во својата цена. Таа не е ништо повеќе од тоа и ја боли стомакот.

 

Срамот за Младата Девојка не е во фактот дека е купена, туку напротив, дека не е купена. Таа не извлекува слава само од својата вредност, туку и од тоа што има цена.

 

Ништо не е помалку лично од „личната вредност“ на Младата Девојка.

 

Неретко преку злоупотребата на јазикот, која станува злоупотреба на стварноста, сопствениците на некој единствен и скапоцен предмет велат дека им се допаѓа одредена ствар, за на крај да велат дека ја „сакаат“, дури и дека „многу ја сакаат“. На ист начин некои ја „сакаат“ Младата Девојка. Се разбира, ако тоа беше вистина, тие би умреле од несреќа.

 

Младата Девојка извршува самопоробување на нестоковото, самопроценување на непроценливото.

 

„Ох... не, не првата вечер“ - „Личната вредност“ на Младата Девојка е само „цена“ за која таа се согласила да се размени; и токму затоа таа се разменува, на крајот на краиштата, толку малку - за да ја зголеми својата вредност.

 

Младата Девојка ја продава својата егзистенција како лична услуга.

Младата Девојка сеедно го брои и непресметливото што го дава.

 

Во размената иницирана од Младата Девојка, личното се менува за личното на теренот на стоковата безличност.

 

Младата Девојка, која љубовта ја вознемирува, дозволува да ѝ се пристапи само условно: или решавачки или во својство на трговија. Дури и кога изгледа дека целосно се препушта, таа го препушта само оној дел од себе кој е под договор, чувајќи или заштитувајќи ја слободата која не ја продава. Со оглед дека договорот никогаш не ја обврзува целата личност која се продава, дел од личноста мора да остане надвор од договорот за да може да договара. Не може појасно или повистинито да се објасни маката на сегашната верзија на „љубов“. „Оттаму, заклучуваме дека, од почеток, апсолутот на односи е первертиран и дека во стоковото општество постои одредена трговија меѓу битијата, но никогаш вистинска ’заедница‘, никогаш познавање кое би било повеќе од ’добри‘ процедури, колку и да можат тие понекогаш да бидат екстремни. Односи на сила каде што оној кој плаќа или кој издржува е фрустриран од својата моќ, која само ја мери неговата немоќ“ (Морис Бланшо/Maurice Blanchot, Срамната заедница).

 

Младата Девојка во секој момент сурово останува сопственичка на своето тело.

 

Младата Девојка ја продава својата „сила на заведување“ како што претходно се продавала „работната сила“.

 

Сиот успех во заведувањето во суштина е промашување, бидејќи исто како што не купуваме стока, туку стоката сака да биде купена, не се работи за тоа да ја заведуваме Младата Девојка, туку Младата Девојка сака да биде заведена.

 

Како брокер на посебен вид трансакции, Младата Девојка ги вложува сите напори во остварувањето на добро ебење.

Разновидноста на општествените, географските или морфолошките принуди која ги оптоварува сите групи човекови органи на кои наидува Младата Девојка, не е доволна за објаснување на нејзиното диференцијално позиционирање меѓу конкретните производи. Нивната разменска вредност не може да почива на ниту еден поединечен израз и на ниту еден суштински суд кои не би можеле вистински да се изедначат, дури и со моќното посредување на Спектаклот. Оттаму, таа вредност не е одредена од некои замислени природни фактори, туку од севкупниот труд кој секој го презема за да се направи препознатлив во стаклените очи на Спектаклот, односно за да се произведе како симбол на оние вредности кои се препознаени во отуѓеното Јавно, кои на крај и не се ништо друго освен синоними на потчинување.

 

За Младата Девојка спокојноста значи да знае колку точно вреди.

 

Младата Девојка никогаш не се вознемирува заради самата себе, туку само заради својата вредност. Затоа, кога ќе се соочи со омраза, ја обзема сомнеж: дали нејзината цена паднала?

 

Младата Девојка се однесува кон себе на ист начин како и кон своите стоки со кои се опкружила.

 

„Немој така да се девалоризираш!“

 

За Младата Девојка, пред сè се работи за тоа да направи самата таа да вреди нешто.

Слики: Фотографии: Yung Cheng Lin
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

ОкоБоли главаВицФото