Промената на власта не ги департизираше регулаторните тела и „независните“ комисии

09.06.2018 00:13
Промената на власта не ги департизираше регулаторните тела и „независните“ комисии

Пред да ја преземе власта, СДСМ како опозициска партија ветуваше струкурни и коренити промени во регулаторните тела, комисиите, агенциите и другите органи кои во системот се поставени како независни и самостојни корективи на Владата. Но, една година по формирањето на новата Влада, повеќето регулаторни тела сè уште се исполитизирани бидејќи функционираат во стар состав, додека во оние тела каде се случија промени продолжи праксата на избор на личности со партиски багаж. Притоа, најбитните комисии и агенции станаа целосно дисфункционални, откако членовите на овие тела поднесоа оставки, а на нивно место сè уште не се избрани нови членови.

Еден од најважните регулаторни органи, чии одлуки директно влијаат врз џебот на граѓаните, е Регулаторната комисија за енергетика, која ги определува цените на електричната енергија, нафтените деривати, водата. Во најголем дел, ова регулаторно тело работи во стариот состав избран за време на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, период кога социјалдемократите како опозиционери ја обвинуваа Комисијата дека дејствува како испостава на тогашната најголема владејачка партија. Во поткрепа на тоа, тие го потенцираа фактот дека сè уште актуелниот претседател, Димитар Петров, бил заменик-претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кратово пред да стапи на оваа функција во 2009 година.

Инаку, ваквата политизираност на Комисијата најдобро се виде кога РКЕ неодамна донесе одлука за зголемување на цената на водата во Скопје . Меѓутоа, Комисијата не ја донесе оваа одлука пред локалните избори оддржани минатата 2017 година, кога 90 отсто од градоначалниците во доминантно „македонските општини“ беа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку ја донесе по локалните избори оддржани на 15 и 29 октомври, на кои над 90 отсто од „македонските општини“ ги освоија кандидатите на СДСМ. Па новите градски власти одлучија да не ја почитуваат одлуката, бидејќи, според нив, оваа одлука по барање на претходната градска администрација на ВМРО-ДПМНЕ била непотребна и политикантска со цел да се прелее граѓанското незадоволство од повисоките сметки врз новата локална самоуправа.

 НОВА ВЛАСТ- СТАРИ НАВИКИ

Арно ама, спротивно на сите сосема оправдани и издржани критики за партизација на РКЕ, новото парламентарно мнозинство предводено од СДСМ ја продолжи практиката на избор на партиски кадри за членови на ова тело. Всушност, мнозинството за нов член на регулаторот го избра поранешниот пратеник од СДСМ Панче Орцев, кој беше избран на местото на Дејан Бошковски, откако парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ го разреши поради неисполнување на одредби од Законот за енергетика. Фактички, овој избор се судира и со новиот Закон за енергетика предложен од новата Влада, кој не предвидува партиски кадри да ја водат Комисијата, туку експерти, независни од партиски влијанија

Згора на тоа, сомневањата кон искреноста во најавите на СДСМ дека како нова власт ќе обезбедат независност и професионалност во регулаторните тела, ги засилува и изборот на првите луѓе на Комисијата за хартии од вредност. Имено, парламентарното мнозинство минатиот месец ја избра довчерашната пратеничка од редовите на ДУИ, Нора Алити, за нов претседател на оваа Комисија. Уште поголемо внимание предизвика предлогот втор човек на телото за надзор на берзата и пазарот со акции да биде Лиле Делиџакова, сестра на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, иако на денот на гласањето таа не беше избрана заедно со Алити, бидејќи немаше доволно пратеници во салата.

 НЕФУНКЦИОНАЛНА АНТИКОРУПЦИСКА

Исто така, СДСМ ветуваше дека ќе овозможи професионализација и на исклучително битната Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси. Првично, социјалдеморатите најавуваа дека челното место во таканаречената Антикорупциската комисија ќе и го препуштат на најголемата опозициска партија, а потоа излегоа со концепт да ја пополнат со експерти и невладини активисти.

Арно ама, во исчекување дали, односно кој од концептите ќе ги примени Владата за органот кој треба да детектира и утврдува корупција и судир на интереси кај јавните функционери, Антикорупциската комисија веќе неколку месеци е тотално дисфункционална. По скандалот дека антикорупционерите земале буџетски пари со лажни патни налози, тие поднесоа оставки. Сепак, власта, односно парламентарното мнозинство, сè уште не избрала нови членови, со што го оставаат вон употреба органот кој изминатиов период требаше да испита низа афери поврзани со високи владини функционери.

 ПРИВРЕМЕНО РЕШЕНИЕ ЗА ДИК

По оставките што ги поднесоа членовите на Државната изборна комисија, откако изби аферата дека си делеле хонорари на тајна седница, и оваа комисија е нефункционална, и тоа во време кога се најавува референдум за името и можни предвремени парламентарни избори. Политичките партии се договорија за избор на 7 члена на комисијата (тројца од опозицијата и четворица од власта), но, и ова е парцијално и привремено решение. Имено, новиот состав на ДИК ќе има мандат од само 6 месеци, до кога треба да се изготви новиот Изборен законик каде ќе бидет утврден моделот според кој треба да се екипира телото за спроведување на најважната операција во државаа – изборите.

Во овој контекст, треба да се наведе дека не функционира ниту Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, откако претседателот Ѓорги Сламков си поднесе оставка од лични причини, а сè уште не е избран нов претседател. На тој начин, нема орган кој ќе ги заштити правото на барателите на информации од јавен карактер, кога институциите, спротивно на сите најави и заложби на новата администрација за отвореност и транспарентност, одбиваат да ги достават бараните информации. Во таква ситуација, граѓаните, новинарите и другите баратели не можат да го искористат законското право на жалба, од едноставна причина што нема надлежна комисија во полн состав што ќе постапува.

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер